Достапни линкови

Истекувањето на гасот во Балтичко Море носи безбедносни и климатски последици


Гасни меурчи од „Северен поток 2“ истекуваат на површината на Балтичкото Море со пречник над еден километар во близина на Борнхолм, Данска, 27 септември 2022 година.

Ослободувањето на метанот - главната компонента на природниот гас што истекува од два гасоводи, поставени на дното на Балтичкото Море, веројатно ќе биде најголемото ослободување на тој гас во атмосферата откако се правени мерења, велат експерти од Данска и САД.

Подводното истекување на гас од оштетените гасоводи „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ носи огромни количества метан во атмосферата, а како стакленички гас, метанот е поопасен од јаглерод диоксидот.

Претставник на данската агенција за енергетика изјави дека сегашното испуштање е еднакво на една третина од годишните емисии на стакленички гасови од територијата на Данска.

„Ова е катастрофално за климата“

Се проценува дека во атмосферата би можело да се испушти пет пати повеќе метан во споредба со најголемата катастрофа со ослободување на метан досега, што се случи во кањонот Алисо во САД на крајот на 2015 година, кога повеќе од 97.000 тони гас истекоа од подземно складиште.

ЕУ: истекувањето на гасоводот „Северен тек“ е „намерен чин“

„Кој го наредил ова, треба да му се суди за воени злосторства и да оди во затвор“, изјави Роб Џексон, климатолог од американскиот универзитет Стенфорд, за Асошиетед прес.

Рекордно истекување на природен гас во Балтичкото Море
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:49 0:00

Испуштањето метан од оштетените гасоводи, според проценките, ќе биде 778 милиони кубни метри гас. Научниците процениле дека тоа значи ослободување на околу половина милион метрички тони метан. За споредба, катастрофата во кањонот Алисо ослободи меѓу 90.000 и 100.000 метрички тони метан.

Хемискиот инженер Ендрју Бакстер, кој работел во гасната индустрија и сега е екологист во данската организација EDF, смета дека данските проценки се веројатно премногу високи, но неговата поконзервативна проценка вели дека ова истекување ќе биде двојно поголемо од она во Кањонот Алисо.

„Една работа е конзистентна во овие проценки“, вели Бакстер, додавајќи: „Ова е катастрофално за климата“. Се сомнева дека истекувањето на природен гас било предизвикано од саботажа, а сеизмолозите утврдиле дека на испуштањето гас му претходеле експлозии на дното на Балтичкото Море.

Некои европски функционери и експерти за животна средина се сомневаат дека Русија стои зад овие случувања, бидејќи повисоките цени на енергијата и економската вознемиреност на Европејците директно ѝ користат. Сепак, други предупредуваат дека е премногу рано да се покажува со прст кон некого додека иследниците не утврдат што точно се случило.

Појавата на меурчиња од метан, на површината на Балтичкото Море, е показател за „силно ослободување“, изјави хемискиот инженер од Империјалниот колеџ во Лондон, Пол Балкомб.

Според него, губењето на притисокот во гасоводот најверојатно значи дека веќе е изгубено огромно количество гас и дека она што се случи „ќе има многу големи еколошки и климатски последици дури и ако истече само дел од гасот“.

Метанот е дури 82,5 пати посилен од јаглерод диоксидот како стакленички гас, што придонесува за затоплување на површината на планетата со создавање на „огледало“ во горните слоеви на атмосферата, рефлектирајќи ја топлината назад кон Земјата.

Данските власти проценуваат дека до крајот на неделата од нив ќе истече преостанатиот гас во цевките. Северен тек 1 и 2 ги поврзуваат Русија и Германија преку гасоводи.

Цевките се дебели 12 сантиметри, направени од многу цврст челик и обвиени во бетон. Тие се наоѓаат на длабочина од 70 до 90 метри под површината на морето. Истекувањето се случило во меѓународни води. Две истекувања се во ексклузивната економска зона на Данска, а други две е во зоната што и припаѓа на Шведска.

Високи цени и нарушена безбедност

Европските компании ја зајакнуваат безбедноста околу нивните гасоводи, а цените на горивата повторно растат по истекувањето на гасот во Балтичко море. Москва побара состанок на Советот за безбедност на ОН в петок на кој ќе се разговара за штетите на гасоводите „Северен тек“, изјави заменик постојаниот претставник на Русија во ОН Дмитриј Полјански.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков оцени дека наводите оти Русија ги саботирала сопствените гасоводи се „глупави“. Русија претходно сериозно ги ограничи испораките на природен гас за Европа како одмазда за санкциите воведени од Западот поради инвазијата врз Украина.

Цевките во објектите на копно на гасоводот „Северен тек 1“ се сликани во Лубмин, Германија, 8 март 2022 година.
Цевките во објектите на копно на гасоводот „Северен тек 1“ се сликани во Лубмин, Германија, 8 март 2022 година.

Во средата рускиот енергетски гигант Газпром го зголеми притисокот заканувајќи се на Твитер дека ќе ја прекине соработката со украинската компанија која контролира еден од двата преостанати гасоводи кои испраќаат руски гас во Европа.

Со очигледната саботажа на гасоводот Северен тек, „тоа значи голема ескалација и подготвеност за ескалација“, смета Агата Лоскот-Страчота, виш соработник за енергетска политика во Центарот за источни студии во Варшава.

НАТО и ЕУ предупредуваат на опасност по виталната инфраструктура по „саботажата“ на гасоводот

Сеизмолозите велат дека експлозии го потресоа Балтичкото Море пред да бидат откриени невообичаени истекувања во вторникот во два подводни цевководи што минуваат од Русија до Германија.

„Сите достапни информации покажуваат дека овие истекувања се намерни“, рече шефот за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, во изјавата во име на 27-те членки на Унијата. „Секое намерно нарушување на европската енергетска инфраструктура е крајно неприфатливо и ќе наиде на силен и единствен одговор“, посочи тој.

Досега се пријавени четири истекувања од гасоводите Северен тек 1 и 2, кои беа исполнети со природен гас, но не испорачуваа гас во Европа откако Русија ги затвори вентилите за да изврши економски притисок врз континентот.

Сепак, додека се наѕираат стравувањата од дополнителни нарушувања, европските енергетски компании и влади објавија дека веќе почнале да ја зајакнуваат безбедноста во енергетската инфраструктура.

Норвешката државна нафтена компанија Еквинор соопшти дека го подигнала нивото на готовност на сите свои капацитети, пренесува националната телевизија НРК. Извозот на енергија на Норвешка се зголеми бидејќи европските земји се обидуваат да најдат алтернативи за руските извори.

Пред да се открие истекувањето на гасоводот во вторникот, цените на природниот гас во Европа паднаа од својот врв кон крајот на август, бидејќи земјите го наполнија складирањето до 87 насто од капацитетите пред зимата, кога побарувачката за гориво се зголемува за загревање на домовите и производство на електрична енергија.

Но, цените на природниот гас во Европа вчера пораснаа за околу 14 насто, бидејќи пукањето на гасоводот ги зголеми стравувањата за енергетската безбедност. Цените на природниот гас сега се околу три пати повисоки отколку што беа непосредно пред руската инвазија врз Украина.

Стокхолм: саботажата на „Северен тек“ не е напад врз Шведска

Енергетската криза предизвикана од војната се заканува да донесе затворање бизниси и рецесија во Европа. Способноста на континентот да ја преброди зимата ќе биде длабоко погодена, бидејќи зависи од тоа дали ќе може да најде добавувачи за да го надомести изгубеното од Русија.

Степенот на штетата на гасоводот, заедно со политичките последици, предизвикуваат сериозни сомнежи за иднината на проектот Северен тек, кој беше започнат за да може Русија директно да испорачува гас до својот најголем клиент - Германија. Проектот беше силно критикуван од Западот бидејќи ќе ја зголеми зависноста на Европа од увозот на руски гас.

Контејнер украсен со мапа на која е прикажан гасоводот Северен тек 2
Контејнер украсен со мапа на која е прикажан гасоводот Северен тек 2

Шведската служба за безбедност соопшти дека ги истражува пукнатините на гасоводот и дека не може да се исклучи оти „зад тоа стои странска сила“. Полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау беше подиректен: дека истекувањето на гасоводот може да биде дел од руската кампања да изврши притисок врз Западот да ја поддржи Украина.

„Експлозиите се случија многу блиску до данските територијални води, но не во нив, бидејќи тоа би значело дека се на територијата на НАТО“, рече Рау за време на дискусијата во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон, додавајќи: „но, тоа може да значи дека некој се обидува да ги заплаши земјите од Балтичкото Море“.

Андерс Нилсен, истражувач од Центарот за поморски операции на Кралскиот дански одбранбен колеџ, вели дека ќе биде тешко да се утврди кој е одговорен, а подеднакво тешко ќе се спречат слични случаи во иднина.

„Имаме гасоводи, имаме комуникациски кабли како интернет. Имаме и далноводи на морското дно. Сето тоа е ранливо и нашите општества се многу зависни од тоа. И многу, многу е тешко да се следи што се случува и да се спречи случај на саботажа“, рече тој за Асошиетед прес.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG