Достапни линкови

Зелено светло за транзицијата на Бајден во Белата куќа


Џо Бајден

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп на 23 ноември го одобри почетокот на транзицијата кон тимот на избраниот претседател Џо Бајден, скоро три недели по изборите. Трамп рече дека се согласува со одлуката на федералната агенција да ја започне транзицијата.

Претходно, Емили Марфи, шефот на малку познатата администрација за општи услуги ГСА, го извести Бајден дека официјално може да започне неговата транзиција пред инаугурацијата на 20 јануари.

Доналд Трамп на Твитер пак напиша: „Во најдобар интерес на нашата земја, препорачувам Емили и нејзиниот тим да сторат се што треба да се направи во однос на првичните протоколи и му реков на мојот тим да го стори истото“.

Потегот на Администрацијата за општи услуги значи дека тимот на Бајден конечно може да добие пристап до федералните агенции, да комуницира со службени лица и да пристапи до пари финансирани од даночни обврзници.

Исто така, им овозможува на Бајден и избраната потпретседателка Камала Харис редовно да добиваат брифинзи за националната безбедност што ги добива и Трамп.

Одлуката доаѓа во моментот кога демократите и неколку републиканци извршија притисок врз администрацијата на Трамп во врска со одложувањето на транзицијата, што се закануваше да го попречи одговорот на нацијата кон пандемијата на коронавирусот и справувањето со заканите за националната безбедност.

Федерален судија ја отфрли тужбата на Трамп за изборна измама во Пенсилванија

Тимот на Бајден го поздрави долго одложуваното ослободување на владината помош за неговиот преоден тим, чекор за кој тој рече дека е клучен за „непречен и мирен трансфер на власта“.

„Администрацијата ги потврди избраниот претседател Џо Бајден и избраната потпретседателка Камала Харис за очигледни победници на изборите, обезбедувајќи и на новата администрација ресурси и поддршка неопходни за извршување на непречен и мирен трансфер на власта“, изјави Бајден.

Џо Бајден и Камала Харис
Џо Бајден и Камала Харис

Бајден треба да ја преземе функцијата на 20 јануари, откако победи на изборите на 3 ноември со доволно гласови за да го обезбеди Изборниот колеџ.

Но, претседателот Доналд Трамп продолжи да тврди дека ја добил претседателската трка и неколку недели обвинува со неосновани тврдења за широко распространета измама на изборите.

Иран ќе му „се врати“ на нуклеарниот договор ако Бајден ги укине санкциите

Во меѓувреме, избраниот претседател Џо Бајден ги подготви првите имиња кои ќе бидат дел од неговиот Кабинетот.

Меѓу нив е и името на новиот државен секретар, кој е еден од темелите на неговата администрација. Станува збор за долгогодишниот соработник и дипломат со големо искуство Ентони Блинкен.

Доколку биде потврден од Сенатот, Блинкен ќе има задача да ја обнови американската дипломатија и глобален ангажман по четири години политика на претседателот Доналд Трамп „Најпрвин Америка“, обележана со презир кон меѓународните институции и судири со сојузниците и конкурентите.

Со Блинкен на чело на американската дипломатија, администрацијата на Бајден исто така ќе се обиде да ги деескалира зголемените тензии со Иран, да ги обнови оштетените односи со сојузниците и да управува со сè пообемните односи со Кина.

Џејк Саливан, долгогодишен советник на Бајден и на државниот секретар и поранешен претседателски кандидат Хилари Клинтон, треба да стане советник за национална безбедност во Белата куќа.

Поранешниот државен секретар Џон Кери ќе стане специјален претседателски пратеник за климатски прашања и ќе заседава во Советот за национална безбедност. Бајден има намера повторно да се приклучи на климатскиот договор во Париз, кој Трамп го напушти.

Џон Кери
Џон Кери

Кери, долгогодишен сенатор од државата Масачусетс, беше шеф на американската дипломатија од 2013 до 2017 година, за време на претседателот Барак Обама, кога Бајден беше потпретседател на Соединетите држави. Тој исто така беше кандидат за претседател на Демократската партија на изборите во 2004 година, кои ги загуби од републиканецот Џорџ Буш.

Бајден предупреди дека администрацијата на Трамп не соработува

Линда Томас-Гринфилд ќе стане амбасадор во Обединетите нации, а Аврил Хаинс треба да ја заземе функцијата директор на националното разузнавање, станувајќи првата жена во таа улога.

Алехандро Мајоркас ќе стане шеф на Одделот за домашна безбедностншто ги надгледува клучните агенции за спроведување на законот и имиграцијата.

Волстрит журнал и Си-Ен-Би-Си објавија на дека поранешната претседателка на Федералните резерви Џенет Јелен е избрана од Бајден за следниот секретар на Министерството за финансии.

Сите позиции на ниво на кабинетот треба да бидат потврдени од Сенатот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG