Достапни линкови

За талибанците бомбашите самоубијци остануваат клучни во нивната стратегија


Талибанците најавија формирање нова „маченичка бригада“ составена од бомбаши самоубијци.
Талибанците најавија формирање нова „маченичка бригада“ составена од бомбаши самоубијци.

Талибанците обучија стотици бомбаши самоубијци да вршат напади против странските сили и авганистанската влада поддржана од Западот. Сега, откако ја презедоа власта во Авганистан, тие наоѓаат нова употребна вредност за своите бомбаши самоубијци. Абубакар Сидик

За време на нивниот 20-годишен бунт талибанците користеа бомбаши самоубијци како смртоносна алатка за убивање на странските и авганистанските владини трупи и за тероризирање на цивилното население.

Дури и сега, додека талибанците се обидуваат да се трансформираат од бунтовници во влада, нивниот контингент обучени бомбаши самоубијци останува централен во нивната воена и политичка стратегија, велат експертите.

Експлозии во близина на воената болница во Кабул, најмалку 15 мртви

Во победничката парада по враќањето на власта, талибанците ги покажаа своите бомбаши самоубијци и арсеналот самоубиствени елеци полни со експлозив. Парадата предизвика бес кај многу Авганистанци кои изјавија дека ваквите талибански напади убиле стотици цивили во изминативе години.

Милитантите, исто така, најавија формирање на нова „маченичка бригада“ составена од бомбаши самоубијци, во потег за кој експертите велат дека е обид да ги ребрендираат своите бомбаши самоубијци како елитни борци подготвени да ја заштитат новата влада.

Дејвид Едвардс, професор по антропологија на колеџот Вилијамс вели дека новата бригада самоубијци има за цел „да му даде легитимитет на талибанското раководство додека се обидува да се претвори во привид на влада со редовни трупи под нејзина команда, а не само тајни агенти на насилство“.

Едвардс, исто така, вели дека потенцијалните бомбаши-самоубијци на Талибанците се „членови на елитни кадри кои парадираат облечени во шарени униформи што ги прикажуваат различните типови на бомбаши самоубијци и нивната функција“.

Во октомври, талибанците објавија дека ја распоредуваат својата „маченичка бригада“ долж границата со Таџикистан. Овој потег дојде во време на тензии меѓу владата предводена од Талибанците и Душанбе.

Помошта за Авганистан станува прашање на живот или смрт
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:58 0:00

Абдул Басит Бадар, шефот на бригадата, во октомври изјави за РСЕ дека бомбашите самоубијци се „подготвени да ја бранат земјата по секоја цена“. „Оваа бригада е подготвена да биде распоредена секогаш кога има борби или закана на нашите граници“, рече тој, додавајќи дека неговата единица е опремена со оружје од американско и руско производство.

„Идеолошки пораки“

Министерот за внатрешни работи на Талибанците Сираџудин Хакани во минатиот месец одржа собир за семејствата на бомбашите самоубијци во луксузен хотел во Кабул.

За време на собирот, Хакани ги пофали бомбашите самоубијци за нивната „жртва“ и им вети на нивните семејства земја и пари. Хакани е шеф на озлогласената мрежа Хакани, смртоносната рака на Талибанците. Мрежата е прогласена за терористичка организација од САД, а Хакани е меѓу најбараните бегалци на ФБИ.

„Сакам да направам нешто за семејствата на нашите маченици што одекнува кај целата нација“, рече Хакани, според аудио снимката од неговиот говор на 18 октомври до која дојде РСЕ.

„Би сакал да им дадам парцела и специјално признание што ќе ги идентификува како членови на семејствата на нашите маченици, така што нивниот статус ќе биде уште повисок од нашиот. Без борци кои бараат мачеништво, нема да можеме да се бориме против неверниците“, изјави Хакани во врска со странските сили и поранешната авганистанска влада.

Тој исто така, го откри верското оправдување што талибанците го користеа за извршување на самоубиствените напади. Потсетувајќи како талибанците го извршија самоубиствениот напад во јануари 2018 година врз хотелот Интерконтинентал, во кој загинаа 40 луѓе, Хакани рече дека командантот што го предводел нападот „го поздравил и му рекол дека пророкот Мохамед лично ја води нивната операција“.

ХРВ: Талибанците воведуваат построги правила во провинциите

Едвардс вели дека Талибанците „ја претвориле тактиката на самоубиствени бомбашки напади во централен дел на нивните идеолошки пораки, а самиот самоубиствен елек во свој централен симбол“.

„Глорификација на самоубиствените бомбашки напади“

Сами Јусафзаи, новинар кој известува за Талибанците од нивното појавување во 1990-тите, вели дека фалејќи ги бомбашите самоубијци, талибанците ги отуѓуваат и Авганистанците со кои се надеваат да владеат и меѓународната заедница која им е потребна за да избегнат економска и хуманитарна криза.

„Наместо да се обидуваат да ги обединат Авганистанците со наратив за мир откако тврдат дека ја добиле војната, тие сакаат да уживаат во она што го сметаат за нивна слава и да слават тактики како што се самоубиствените бомбашки напади во кои загинаа и осакатија многу авганистански цивили“, вели Јусафзаи, додавајќи дека Талибанците сепак не се обединети во користењето на бомбашите самоубијци како столб на својата политичка стратегија.

Пентагон: ИД-К во Авганистан би можела да го нападне САД за шест месеци

„Глорифицирањето на самоубиствените бомбашки напади е нешто што дури и здравите гласови во талибанците сакаа да го избегнат, бидејќи тоа ги спречува да добијат поддршка дома и легитимитет во странство“, вели тој.

Во владата на Талибанците, која е целосно машка, доминираат тврдокорни ветерани и лојалисти, од кои многумина се под санкции на ОН и САД поради нивните врски со тероризмот.

Талибанската влада, која е речиси исклучиво составена од паштунски свештеници, не е призната од ниту една земја. Имаше внатрешни борби меѓу тврдокорните талибански сили и поумерените фигури, кои сакаат да добијат меѓународно признание и локален легитимитет.

Талибанците не се единствената група која има бомбаши самоубијци. Ривалската екстремистичка група Исламска држава (ИД), која води сѐ посилна војна со талибанците, изведе серија смртоносни самоубиствени бомбашки напади насочени кон шиитското малцинство и новата влада.

Авганистанците кои се надеваа дека преземањето на Талибанците ќе значи крај на децениската војна, сега се подготвуваат за повеќе насилство, вклучително и самоубиствени бомбашки напади.

На 2 ноември, најмалку 19 лица беа убиени, вклучително и еден талибански командант, а десетици други беа ранети во напад врз воена болница во Кабул. Одговорноста за нападот ја презедоа милитантите на ИД. „Ние сè уште треба да живееме во страв од вакви напади“, вели Насима, поранешен владин работник.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG