Достапни линкови

Заглавени ученици, пациенти, бизниси - Скопје парализирано


Блокирани улици и гужва во сообраќајот во Скопје
Блокирани улици и гужва во сообраќајот во Скопје

Приватните превозници втор ден по ред блокираат во Скопје . Градоначалничката не одговара на барањата за средба. Тие бараат разбирање од граѓаните и не покажуваат намера да ги тргнат автобусите. Граѓаните живeaт во сообраќаен хаос, тешко се стигнува и на училиште, на работа, па и до болница.

Возила на брза помош заглавуваат во сообраќајниот метеж. Ученици доцнат на училиште, пациенти доцнат на термини на кои чекаат со месеци, вработени не можат да стигнат на работа, трпи бизнисот. Ова е досегашниот епилог во Скопје кој е втор ден под блокади од страна на приватните превозници на автобусите.

Возачот во службата за итна медицинска помош, Тони Весковски за РСЕ раскажува дека овие денови со блокадата мака мачат додека се пробијат низ гужвата, пренесувајќи ги пациентите до болница.

Возилото тргнува веднаш откако ќе го добијат повикот, но вели тешко е да се пробијат низ гужвата. Иако има ленти за возилата за брза помош на блокираните раскрсници, сепак проблем е на другите сообраќајници каде се пренасочува сообраќајот, бидејќи ниту возилата немаат каде да се тргнат за да помине брзата помош.

Возилата на брза помош во сообраќаен клинч
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:41 0:00

„Отежнато е овие два дена, затоа што тој дел каде што е блокадата може да поминеме, но оној дел каде што е пренасочен сообраќајот е малку потешко, се пробиваме со маки и некако успеваме да стигнеме до одредена дестинација дали е до болница или до дома кај пациентите“, вели за РСЕ, Тони Весковски, возач во итната медицинска служба во главниот град.

Пациентите кои ги сретнавме во поликлиниката Букурешт пак, се жалат дека доцнат на закажаните термини. Скопјанецот Рамадан Рамадани од Волково утринава час и половина патувал додека да стигне во поликлиниката, за што вообичаено би му требало помалку од половина час.

„За да пристигнеш ти требаат саати. Не можеш да стигнеш на време, го пропуштивме терминот заради хаосот. Час и половина автобус да чекаш уште час и половина во гужвите, одвај завршивме работа“, раскажува Рамадани.

Теодора Цветковска во деветтиот месец од бременоста како терор го доживува блокирањето од приватните превозници. Одењето до лекар и до аптека и е вистински предизвик.

„Ако треба да отидам на лекар, или ако ненадејно нешто ми се случи, а секој ден станувам со мислата дека можеби ќе треба да одам на пораѓај, ми причинува анксиозност, оти не знам дали ќе можам да стасам на време, дали ако ми се слоши ќе ме пропушти полицијата што ги контролира патиштата, така што ни е ограничено правото на движење и ми е дополнителен товар“, вели таа.

Трпи и бизнисот. Емилија Ивковска сопственик на фризерски салон во центарот на градот, вели дека живее блиску до работа, па доаѓа пешки, но и доцнат другите вработени, а и муштериите.

„Вработените кои доаѓаат со автобуси доцнат и по 40 минути, а понекогаш и по еден час. Се одразува ептен врз работата и бизнисот, затоа што половина од муштериите откажуваат, половина на можат да дојдат во конкретниот период, во конкретното време, и некои дури се откажуваат и не доаѓаат да си ги завршат своите работи. Па сигурно 50 до 60 проценти скратува од прометот“, вели Емилија. Таа не знае во што е проблемот, но очекува Градот и Владата ова да го решат во најбрз можен период, за да не губат ниту вработените, ниту учениците.

Проблем е и за учениците кои го користат јавниот превоз за да стигнат до училиште. Од Сојузот на средношколци велат дека најпроблематични се првите часови, па се доцни поради гужвата. Доцнат и наставници и ученици. Апелираат што побрзо да се расчистат блокадите во главниот град, за да не трпат граѓаните.

„Најпрво треба да има обид да се реши проблемот преку ситемски решенија, а дури потоа да се преземат вакви дејствија кои што се на штета на сите граѓани во градот Скопје, а и на средношколците“, вели претседателот на средношколскиот сојуз, Лука Павиќевиќ, кој бара разбирање од професорите за доцнењето на часови.

Градоначалничката на Скопје не одговори на барањата за средба на приватните превозници. Тие пак бараат разбирање од граѓаните. Партиите меѓусебно се обвинуваат за состојбите. Па така додека сите си ја префлаат топката, граѓаните веќе со недели живeaт во сообраќаен хаос.

„Не би требало вака да биде, но системот наш е таков. Кој е во право, кој е во криво, едни со други се препираат, а граѓаните патат“, коментира пензионерката Надежда Дувчевска.

Во втората половина на ноември престанаа да возат автобусите на „Слобода превоз“, со барање да им биде исплатен долгот кој им го должи Градот, преку ЈСП Скопје. Во моментов возат само автобусите на ЈСП. Договорот на приватните превозници Мак експрес и Слобода превоз е раскинат поради „неисполнување на обврските“.

Од Градот сега велат дека работат на нов јавен повик со кој досегашните превозници ќе можат директно и индивидуално да аплицираат за да добијат линија за автобуски превоз. Досега ова можеше да го прават само здружено, преку компаниите за пакет линии. Новите договори, како што најави Арсовска, ќе имаат и нови услови, пред се во делот на еколошките стандарди.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG