Достапни линкови

ЕУ заклучоци - брзо решение за Македонија, 9 милијарди евра за Украина


Поддршка и целосна посветеност на перспективата за членство во ЕУ на Западен Балкан, но и помош за Украина од 9 милјарди евра, се наведуваат меѓу заклучоците на Европскиот совет по Самитот на ЕУ.

Целосна посветеност на перспективата за членство во ЕУ на Западен Балкан, забрзување на процесот на пристапување и барање брзо решение за деблокирање на евроинтеграциите за Македонија се меѓу заклучоците по Самитот на ЕУ чиј фокус годинава е ставен на проширувањето, состојбата со Украина, но и економската криза.

„Европскиот совет беше информиран за последните случувања на дискусиите меѓу Бугарија и Северна Македонија. Таа повикува на брзо решавање на последните преостанати прашања за да може да се отворат пристапните преговори без одлагање“, стои во заклучоците кои се однесуваат на Западен Балкан.

Европскиот совет ја потврди итноста за постигнување напредок во решавањето на отворените билатерални и регионални спорови, особено на дијалогот Белград-Приштина, а го поздрави и политичкиот договор во јуни годинава, од страна на лидерите на Босна и Херцеговина во Брисел. Притоа упати повик до сите политички лидери во земјата брзо да ги спроведат обврските наведени во договорот и итно да ги финализираат уставните и изборните реформи.

„Европскиот совет потсетува на важноста на реформите, особено во областа на владеењето на правото, а особено оние поврзани со независноста и функционирањето на судството и борбата против корупцијата. Исто така, ги повикува партнерите да ги гарантираат правата и еднаков третман на лицата кои припаѓаат на малцинствата“, се наведува во заклучоците за Западен Балкан.

Помош до 9 милијарди евра за Украина

Во однос на Украина, се наведува дека ЕУ ќе продолжи да дава силна поддршка за како што се наведува, економска, воена, социјална и финансиска отпорност на Украина, вклучително и хуманитарна помош. Европскиот совет нагласи дека Комисијата наскоро ќе претстави предлог за доделување на нова макрофинансиска помош до 9 милијарди евра за Украина во 2022 година.

Притоа остро се осудуваат осудија руските напади врз цивили и се бара Русија веднаш и безусловно да ги повлече сите свои војници и воена опрема од целата територија на Украина.

„Усвојувањето на шестиот пакет санкции на ЕУ дополнително го интензивира притисокот врз Русија да ја прекине војната против Украина. Ќе продолжи работата на санкциите, вклучително и за зајакнување на спроведувањето и спречување на заобиколување. Европскиот совет ги повикува сите земји да се усогласат со санкциите на ЕУ, особено земјите кандидати. Работата треба брзо да се финализира на одлуката на Советот со која ќе се додаде прекршувањето на рестриктивните мерки на Унијата на списокот на злосторства на ЕУ“, стои меѓу заклучоците при што Русија се повикува итно да го деблокира Црното Море, особено пристаништето Одеса, за да дозволи извоз на жито.

Посебен дел во заклучоците има и за конкретните апликации за членство на Украина, Молдавија и Грузија при што е наведено дека статус на земја кандидат се доделува за Украина и Молдавија, додека на Грузија и се признава европската перспектива.

Од друга страна, Европскиот совет изразува длабока загриженост за неодамнешните како што наведуваат, повторени акции и изјави од Турција.

„Турција мора да го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји-членки на ЕУ. Потсетувајќи се на претходните заклучоци и на изјавата од 25 март 2021 година, Европскиот совет очекува Турција целосно да го почитува меѓународното право, да ги деескалира тензиите во интерес на регионалната стабилност во Источниот Медитеран и да ги промовира добрососедските односи на одржлив начин“, наведуваат од Европската комисија.

Краток дел е отстапен и за Белорусија, каде Европскиот совет го нагласува демократското право на белорускиот народ да има нови, слободни и фер избори, при што ги повикуваат белоруските власти да ги поддржуваат човековите права, демократијата и владеењето на правото, но и да ја прекинат репресијата и ослободат политичките затвореници.

Самитот во Брисел годинава се одржува 23 и 24 јуни, каде се собираат лидерите на сите 27 земји и да се разговара за најгорливите европски прашања.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG