Достапни линкови

Дијана Томиќ Радевска: Слободата скапо се плаќа


Дијана Томиќ Радевска фото: Роберт Јанкулоски
Дијана Томиќ Радевска фото: Роберт Јанкулоски

„Неподнослива празнина“ е насловена самостојната изложба, мултимедијалниот проект на Дијана Томиќ Радевска, што од 1 до 15 октомври се одржа во Музеј на град Скопје и преку кој уметничката се обиде со својот визуелен ракопис да провоцира размислувања за квалитетот на животот – овде и сега.

Дијана Томиќ Радевска е современа уметничка. Една од оние кои жедни за слободен исчекор, независно од цената што ќе ја платат, постојано и упорно го бараат своето место под сонцето. Која силно верува дека „творештвото е потреба сама по себе“. Нејзин израз. И дека потребата за изложување и себе изложување на анализа пред јавното око е понекогаш добиената можност или обврска да се ,,изложите“ и да кажете „нешто“. На кој начин? Преку нејзиниот творечки ракопис „низ кој сакам да се менувам, да истражувам“, како што вели.

А, кон ова и неколку информативни белешки. Родена 1961 година во Скопје, Дијана Томиќ Радевска дипломирала на одделот графика на Факултетот за ликовни уметности. Член е на ДЛУМ од 1985 година и актуелен Претседател на Уметничкиот совет.

Зад себе го има студискиот престој во Дрезден, Германија, при Отворено графичко студио во 1997 година. Од 1999 година е Официјален витез на Академијата 'Greci Marini', Вербано Италија, на одделот за уметност. Изработува дизајни за уникатно ткаени теписи и килими. Работи графика, инсталации и дизајн...

Преку „Неподнослива празнина“, како што ќе забележи авторката на текстот во каталогот за изложбата и ваша долгогодишна пријателка Маја Бојаџиевска, се убедувате да дадете уметнички одговор на прашањата што имаат суштествен етички предзнак. Притоа самата велите дека се „Чувствувате истрошено, празно“, дека она што со години го работите ве замислува и прогонува. Дека се прашувате дали да се преработи, да се продолжи натаму, кому да се обратите... Од каде потребата и како настануваше актуелниот проект?

Доаѓаат години, сега се тоа моите, кога се запрашувате, што сте направиле, дали сте задоволни од она што поминало? Колку помалку време, толку повеќе прашања ве мачат. Ако се чувствувам дека како уметник, имам мисија да зборувам за себе но и за другите (немаат сите храброст, но и медиум), тогаш низ мојот ракопис се обидувам да провоцирам размислувањa за квалитетот на животот, за нашето (не)значајно време и место во однос на чесноста на животот.

Каде беа никулците на концептот за кој ќе биде речено дека започнал во 2016 година, некаде по или едновремено со вашата изложба на графики „Приказни и кратки забелешки“ во галеријата „Борко Лазески“ во Домот на културата во Прилеп, кога сте го започнале циклусот „Убаво тело“, минијатури за кои ќе биде речено „ го означуваат „припитомувањето на загубата“?

Ах, тие мали формати графики ,,Приказни и кратки забелешки” се нешто друго, моја, како би рекле, ритмичка вежба, на разни теми, навистина како записи, едноставност во пристапот со една класична графичка техника, линорез и дрворез, мали формати, а низ мојата воодушевеност од едноставноста во јапонската и кинеската графика . Тоа е истиот период, да, но чуден е ритамот на духовно чистење низ работа. Овие минијатури за кои Маја Бојаџиевска пишува, се излез од буквалноста на објектот кој го создадов како асамблаж, а тој беше беше посветен на мое интимно тагување. Тој објект содржи повеќе предмети симболи, исто така, ready-made предмети, асоцијации низ обликување и компонирање, па така и тие минијатури-цртежи авторката на текстот ги согледа како припитомување на таа загуба и тагата како состојба.

Успеавте ли со овој мултимедијален проект, со десетте објекти и асамблажи, повеќе цртежи и графики, изработени во сито-техника и видео како единствено визуелно доживување поставени во целина на мислата, да си одговорите на прашањата за потребата од творештвото?

Творештвото е потреба сама по себе, тоа е мојот израз, а потребата за изложување и себе изложување на анализа пред јавното око е понекогаш добиената можност или обврска да се ,,изложите“ и да кажете „нешто“. На кој начин? Ете тоа е мојот ракопис низ кој сакам да се менувам, да истражувам. Сакам да колекционирам разни предмети, потоа да ги рециклирам и употребам во објект или дело кое ќе има своја порака. На оваа изложба има повеќе пораки, треба да се бараат, да се доживеат. Графиките ми беа замислени, одсонувани, скицирани, технички сито техниката ми беше најсоодветна во овој случај. Поставеноста би требало да ве води до комплетност на доживувањето. Видеото е едноставно, се повторува како циклусот во природата каде ќе се вратиме и ќе се втопиме сите. Дишењето, тој ритам на телото, кој често не го ни слушаме ниту пратиме е целиот живот. Тоа беа за мене непроспиени ноќи, размислувања, го слушав сопственото дишење и потребата за нова енергија. Но се прашувам каде се движи денешната современа уметност? Каде ќе завршат делата, дали ќе постои запис за ова време кога се сè помалку професионални забелешки. Уметникот, каде и да е, го бара своето место под ,,сонцето“. Слободата скапо се плаќа. Третманот на ликовната уметност, за разлика од другите уметности, литература, музика, театар, го нема остварено значењето, и повторно се преиспитува нејзиното постоење. Во овие две години специфично затворени комуникации, уметниците бараа начини како да дојдат до другите, ја жртвуваа дури и сопствената сигурност за да реализираат нешто што е нивна улога и потреба.

Бојаџиевска ќе рече и тоа дека „со оваа храбра и соголувачка концепција Дијана Томиќ Радевска се обидува да ја зачува лириката на суштествената комуникација што не се одвива преку машини и нѐ поканува одново да се сретнеме – не како индивидуи со гол живот, туку како човечки битија загрижени за другите човечки битија“. Која е вашата експликација во однос на ваквата констатација?

- Со Маја Бојаџиевска имавме убави разговори. Искрено соработував, соголувајќи ги моите размисли, начинот на размислување и креирање. Се знаеме долго, таа пишувала и порана за групата ,,Круг”, кога бевме група од 4 уметници. Таа го прати моето творештво и' верував кога со своите прашања ме провоцираше можеби да ги дообјаснам работите. Тоа е нејзино толкување и пишување кое значи авторски поглед на она што сум го сработила. Ми требаше храброст навистина. Интимните чувства се нешто за кои немам многу храброст да зборувам, освен во еден асоцијативен јазик, а при тоа сакам да допрам аспекти за кои секојдневно реагираме. Каде е човечноста, солидарноста, добрината, чесноста, зошто паднаа вредностите? Вредностите на еден доблесен човек.

И, ако овој концепт се одвивал во изминатата творечка „петтолетка“, оти нели Томиќ Радевска знаеше да каже дека „не сум од оние уметници коишто брзаат да го изложат она што го работат само за да бројат изложби, туку сакам да биде направено чесно, искрено, со коментар којшто ќе тежи“, што е она што сега ве предизвикува, ве тишти, ве провоцира, ви ја поттикнува играта на мислата, го потхранува сомнежот...и конечно храбри? Настануваше ли нешто друго во меѓувреме?

- Ќе ја повторам пак изјавата, но еве ќе откријам и дека за следната година сум поканета за самостојна изложба во Прилеп и во Струга. Нова концепција и тема. Ќе биде ангажиран период. Самата истражувачка работа, експериментирање со медиумите, читање на литература е сериозна работа. За да оваа изложба се случи и постави, направив многу цртежи, скици, објекти, проби, многу читав, па по сето тоа, селектирав дел, тоа е чистење само по себе пред експонирање. Овие година дена, ангажирано забрзав со реализацијата, но работата со себе си и покрај други обврски, информации, соработки, се одвива постојано и долго за да нешто созрее. Ќе ви кажам дека многу ми годат разговорите со мои колеги и колешки, така, со најблиските се собираме почесто па имаме дебати кои се квалитетни за сите нас, се надевам, не само мене. Токму тоа ме храбри, дека сродни души се бараат. Се радувам на работа со млади луѓе, тие ми се чинат уште поочајни од нас постарите. Мораме да си помагаме и да се калиме за нови времиња. Многу работа има.

Во изминативе неколку години почесто бевте куратор на серија исклучително значајни поставки на домашни автори во галеријата „Акантус“, згора во моментите на корона тишината потпишавте неколку проекти на домашните уметници со „европско знаменце“... со своето творештво учествувавте на дузина групни претставувања, а дел од времето како член на Претседателството му го посветувате и на ДЛУМ и неговите активности. Кон каде цели Дијана Томиќ Радевска во иднина? Има ли нешто во овој контекст во најава?

- Мојата соработка со галеријата Акантус, самостојната изложба 2017 година ,,Quo Vadis” таму и ангажманот како куратор, што подоцна се случи ми даде позитивна енергија. Со Галерија Акантус направивме серија групни и самостојни изложби за кои со сигурност ќе кажам дека беа организирани и презентирани на високо професионално ниво. Впрочем и самите уметници тоа го почувствуваа. Приватни иницијативи можат силно да влијаат доколку се препознаат и подржат. По напуштање на просторот, алтернативите за изложување ,,Галерија Акантус” ги обмислува, ги менаџира и отвора шанси за различни генерации уметници, поготово млади уметници. Тесно соработувам со менаџментот на галеријата и довербата која ми е дадена како куратор или селектор на изложбите се трудам достоинствено да ја одработам и оправдам. Следат и нови проекти и изложби. Атмосферата за повисоки критериуми заедно ја градиме.

Искрено и посветено работам за она за што сум се нафатила.

Ах, ДЛУМ, 75 години постоење. Знаете вие како оптимистично настапив дека ќе можеме да промениме некои работи во ДЛУМ. Се трудам да ги организирам колегите од ликовниот совет и да ги одработиме задачите. Сите сме волонтери. Веќе е тешко да се бараат големи жртви и ангажмани од уметници кои се невработени, тие се вредни, но едноставно мораат да бркаат своја работа, егзистенција, станува се потешко. Згора на се, научени сме на критики, но не и лични жртви и ангажмани. ДЛУМ може да се промени со ангажман од сите од фелата.

Се формираа и други здруженија, независни, а ДЛУМ е исто така независен, сите не сме во истата борба заедно, се чувствува разединост на ,,едни и други”. За борбата за правата на уметниците постојат дебати (бев присутна на неколку Zoom дебати во Европа и бившите Yu републики), сите живееме со слични проблеми. Ние сме работници како и работници во други сектори, но не го добивме барем тој статус. Не третираат за размазени, ,,уметноста е убава и задоволство, тоа оди лесно”. Сакав да го сработам она што го знам и како Претседател на Уметнички совет да принципиелно помогнам, до крајот на мандатот. Искрено ме истошти. Ми треба повеќе мир. Чувствувам празнина, како ништо да не можеме да помрднеме, ете пак се враќаме на моите чувства.

Знаеме во кое време живееме и колку ни се скусија можностите за движење, но како уметник кој со своето дело е поодамна на интернационалната сцена и има значајни награди и признанија, треба ли да очекуваме ваш нов исчекор надвор од даденово опкружување? Во регионот, Европа...по светот? Ќе имате ли верба и сили за наново тргнување во една таква авантура?

Ах, не ми се патува во вакви околности. Се чувствувам понижено да морам да страхувам за сопствениот статус во други земји. Не ми се допаѓа како се интензивираат одлуките да се регионализираме, границите никогаш не биле срушени, било само привид. Обичниот живот станува голема авантура.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG