Достапни линкови

Денот на Европа одбележан со желба за добри вести од Брисел


ЕУ-појадок по повод Денот на Европа
ЕУ-појадок по повод Денот на Европа

69-годишнината на ЕУ, во Македонија беше одбележана со традиционалниот ЕУ-појадок на кој евроамбасадорот Самуел Жбогар повика на единство за европска иднина на Македонија, а новиот претседател Стево Пендаровски го честиташе Денот на Европа со желба во јуни да стасаат добри вести од Брисел.

Со надеж дека во јуни ќе добие датум за пристапни преговори и Македонија го одбележа 9 Мај, Денот на Европа и ЕУ. Секретаријатот за европски прашања го организираше традиционалниот ЕУ-појадок, заедно со амбасадорите на земјите членки на Унијата, амбасадорите на земјите од Западен Балкан и поранешни и сегашни домашни политичари и дипломати.

За значењето на Европа и децениската успешност на ЕУ да се справува со сите кризи, говореше и домаќинот на настанот, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, нарекувајќи ја Унијата - најдоброто нешто што се случило од Втората светска војна наваму.

„Без оглед на видот и големината на кризите, со децении на назад ЕУ и нејзините членки опстануваат и наоѓаат начин да се справат со кризите и последиците од нив. Во времиња на предизвици и кризи Европа, Унијата и нејзините членки секогаш знаеле да го најдат вистинското решение. Сега ЕУ има нов предизвик, а тоа е нејзиниот план 2019-2024“, рече Османи пред дипломатите, изразувајќи надеж дека ЕУ во јуни ќе ѝ даде на Македонија датум за почеток на пристапните преговори.

Ден на Европа: Единство за европска Северна Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:54 0:00

За предизвиците на ЕУ, од социјалната политика до климатските промени, говореше и евроамбасадорот во Скопје, Самуел Жбогар, кој рече дека еден од тие предизвици е и единството на Европа.

„Потребата од единство ја гледам и тука во Северна Македонија. Време е да се покаже единство за целта и да се интензивираат напорите, прво да се почнат преговорите, второ да се оди напред во преговорите. Ова го потврдија сите партламентарни партии, и тоа е нешто што го очекуваат од вас и граѓаните. Како и во минатото, и сега ЕУ ќе ве поддржува на тој пат“, рече Жбогар, и додаде дека денеска не може да вети дека во јуни ќе бидат отворени преговорите со Македонија, но вети силна поддршка.

На ЕУ-појадокот учествуваше и новоизбраниот претседател Стево Пендаровски, кој во своето обраќање стави акцент на претстојните европски избори кои се многу значајни за Македонија како кандидатка за членство и рече оти се надева дека ќе победат проевропските сили.

„Чекајќи добри вести од сите европски главни градови во последните 10 дена од месецов, сакам да го честитам Денот на Европа и да посакувам уште многу успешни собири во иднина, како и добри вести од Брисел следниот месец“, рече Пендаровски.

На денешен ден пред 69 години, Роберт Шуман го презентираше предлогот за создавање на организирана Европа, како опција за одржување на мирот на со војните разурнатиот и поделен континент. Предлогот, попознат како „Шуманова декларација“, се смета за почеток на формирањето на она што го денеска го знаеме како ЕУ.

Во Македонија беше одбележан и Денот на победата над фашизмот, односно 74-годишнината од завршувањето на Втората светска војна.

XS
SM
MD
LG