Достапни линкови

Гранди - Европа е подготвена за нов бран на бегалци


Високиот комесар за бегалци на ОН Филипо Гранди
Високиот комесар за бегалци на ОН Филипо Гранди

Европа не само што ги прифати бегалците од Украина, туку тоа го направи на многу ефикасен начин, оценува Високиот комесар за бегалци на ОН Филипо Гранди во интервју за Радио Слободна Европа. Тој не го крие задоволството од сегашната реакција, но и разочарувањето од бегалскиот бран во 2015 година, кога Европа одговори со градење огради. Со Гранди разговараше Милош Теодоровиќ.

Господине Гранди, дали тоа значи и дека Европа е спремна на евентуално нов бран бегалци од Украина?

Мислам дека Европа е спремна доколку за такво нешто има потреба, меѓутоа да се надеваме дека тоа нема да се случи. Како што знаеме, војната во овој момент е концентрирана во источните делови на земјата. Она што го гледаме е внатрешно раселување во Украина, кое е многу тешко и сериозно.
Се разбира, не знаеме што е следно во оваа многу непредвидлива војна. Ако, не дај боже, оружените судири тргнат кон запад, би можеле да видиме се поголем број луѓе кои бегаат од војната. Меѓутоа, во изминатите недели тоа не беше случај.

Врз основа на вашето искуство, што е она што во овој момент е најважно за бегалците од Украина?

По мое мислење, најважно е токму тоа што Европа им го пружи. Обезбедено им е она што го нарекуваме привремена заштита. Тие луѓе не мора да се грижат за својот престој во европските земји, имаат слобода на движење и пристап од услуги. Тоа е навистина најважно.

Тоа е токму она за што зборувам. Европа, не само што ги прифати, таа ги прифати на еден многу ефикасен начин и тоа им е многу важно. Исто така е битно еден ден тие да имаат можност да се вратат во својата земја. Мислам дека многумина ќе го посакаат тоа, но тоа зависи како ќе се одвива војната понатаму.

Дали сте разочарани кога ја споредувате европската реакција на кризата во Украина и украинските бегалци и сето она што го видовме пред, на пример, пет или седум години, кога кулминираше кризата со бегалците од Ирак, Сирија и други земји? Тогаш имавме огради со бодликава жица меѓу Унгарија и Србија, делумно меѓу Србија и Македонија, пред тоа меѓу Бугарија и Турција. Какво е вашето лично чувство во врска со таквите различни пристапи?

Не сум разочаран сега со фактот што Европа ја покажува својата великодушност. Бев разочаран тогаш, кога не ја покажуваше.
Се сеќава дека стоев токму на она место кое вие го опишавте, на границата меѓу Унгарија и Србија. Кога го видов тој огромен ѕид со бодликава жица, тоа беше најниската точка во мојата долгогодишна работа со бегалци. Како Европеец се почувствував посрамено.

Меѓутоа, сега не сум разочаран. Сега сум среќен што Европа покажува дека има можност да прими голем број луѓе на великодушен и ефикасен начин. Да се надеваме дека тоа е добра лекција која може да се примени и на други места.

Значи, на крај, оптимизмот останува како единствено решение. Имате ли конкретен одговор кој би ги уверил луѓето од тој дел од светот дека односот кон нив ќе биде подобар во иднина или сличен со оној кој го имаат луѓето од Украина?

Оптимизам е силен збор во оваа дебата за мигрантите и бегалците, кој е политички многу комплициран. Меѓутоа, јас гледам некаков напредок во таа дискусија. На пример, денеска во Брисел се дискутира за она што се нарекува солидарност, европска солидарност. Тоа не се однесува на Украина, туку на други луѓе, да речеме оние кои доаѓаат преку Медитеранот.

Солидарноста е начин на кој се дели одговорноста за новодојдените луѓе. Тоа ќе биде на доброволна база, ќе се одредуваат квоти, сето тоа допрва треба да биде имплементирано, така што сè е уште на почеток. Меѓутоа, можеби кризата во Украина нешто покрена во европската дебата за мигрантите и бегалците. Се надевам дека е така, а ние секако ќе ги поддржиме тие напори.

„Бевме очајни“: Украинско семејство најде мир во Негорци
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:17 0:00

Повторно, може да зборуваме и за дискриминација на луѓето од Украина, особено кога станува збор за Ромите.

Она што им го порачуваме на сите држави е дека не смее да има дискриминација. Се сеќавате дека на почетокот имаше неколку примери на бегалци кои не се Украинци – луѓе со африканско потекло, луѓе од Блискиот Исток, такви кои се школувале во Украина, а кои исто така се обидоа да избегаат од таму.

Мислам дека тоа на крајот беше решено. Сега имаме други припадници на малцинските групи кои исто така би можеле да се соочат со одредени проблеми. Мислам дека е најважно сите да имаат еднаков третман.

Инаку, сметам дека вниманието кое ѝ се дава на кризата во врска со украинските бегалци, е неопходна и кога станува збор за кризите во други делови од светот. Јас доста патувам во Африка, на Блискиот Исток, бев во Авганистан пред неколку недели. Се добива впечаток дека веќе не се обрнува внимание на овие кризни подрачја на кои европските ресурси и залагања се многу потребни.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG