Достапни линкови

Одложено гласањето за Договорот од Преспа во грчкиот Парламент


Грчката опозиција жестоко го почна вториот ден од дебатата за Договорот од Преспа
Грчката опозиција жестоко го почна вториот ден од дебатата за Договорот од Преспа

Поради долгата листа на пријавени пратеници за збор, гласањето за ратификација на Договорот од Преспа во грчкиот Парламент ќе се одржи во петок на 25 јануари по локално време,соопшти еден од потпретседателите на Парламентот, Спирос Ликудис, на вториот ден од расправата за Договорот.

Како што информирал Ликудис, тие едногласно се договориле за временските рокови за дискусија на пратениците и за гласањето. Утврдено е вечерва расправата да трае до 1.30 часот по полноќ и да продолжи следното утро. 205-те пријавени пратеници, како и нивните координатори и министрите од Владата ќе можат да дискутираат до пред 14.30 часот, за кога е закажано гласањето, односно ратификацијата на Преспанскиот договор.

Паралелно со жестоката дебата, особено на пратениците од опозициската Нова демократија, во центарот на Атина се организираа протести под засилени мерки на безбедност и присуство на голем број полицајци, но, како што објавија грчките медиуми, протестите ни малку не биле „жестоки“ колку дебатата во Парламентот.

Следни чекори по ратификација на Договорот

Ако Договорот биде рафитикуван во грчкиот Парламент, што според бројот на пратениците што му дадоа поддршка на премиерот Алексис Ципрас минатата недела, е сигурно, следна постапка е грчката Влада да го информира Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг дека ја завршиле постапката. Потоа алијансата треба да го подготви протоколот за прием на Македонија и уште во почетокот на февруари македонските политичари да бидат повикани за да го потпишат. Веднаш потоа, а според најавите, Грција ќе ја ратификува поканата за членство во НАТО на земјава, чекор по кој новите уставни амандмани влегуваат во сила, а Македонија станува Република Северна Македонија и почнува да важи спогодбата.

Во оваа фаза, која се очекува да се случи рано пролетва, обврските се префрлуваат кај официјално Скопје. Според Договорот од Преспа “веднаш по влегувањето во сила, земјава треба да ги извести сите меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции и форуми, чиј член е, за влегувањето во сила на оваа Спогодба”. Потоа, предвидува Договорот, треба да се побара од сите тие организации, институции и форуми да го прифатат и употребуваат новото име, а истата постапка владата во Скопје ќе ја спроведе и со сите држави – членки на Обединети нации. Ова би значело дека тогаш ќе почне и официјално другите држави и организации да и се обраќаат на земјава со Република Северна Македонија.

XS
SM
MD
LG