Достапни линкови

Јовановска и Илијевска со изложби во Галерија КО-РА


„Со кругот низ пејсажот“ на Петра Јовановска и „Во кругот на коцката“ на Валентина Илијевска се ликовните изложби што од овој вторник, 16 јуни, ќе се одржат во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје. Станува збор за поединечни поставки на уметничките кои се одржуваат во ист галериски простор.

По три години од заедничката изложба „Круг и коцка“ во Домот на култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, македонските уметнички Петра Јовановска и Валентина Илијевска еве ги повторно во иста галерија. Овојпат, од вторник 16 јуни во 19 часот, се претставуваат со самостојни поставки во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје. Јовановска својата актуелна селекција ја наслови „Со кругот низ пејсажот“, а Илијевска се решила своите потраги да ги именува - „Во кругот на коцката“. Но, да тргнеме по ред.

Петра Јовановска, која патем зад себе има 44 самостојни изложби во земјава и во светот ( Чешка, Германија, Франција, САД, Полска, Хрватска...) и значајни награди и признанија ( меѓу другите - Победник на 14-от Зимскиот салон на ДЛУМ , награда за графика „Димче Николов“ истата 2012 година, ОСТЕН-ов уметник во 2016 и ...последната, годинешната - „Жени во уметноста“ во Орландо, САД), како авторка веќе подолг период го истражува кругот и го вметнува во своите ликовни дела. Таа, како што ќе забележат познавачите, „со него се сретнува, му се навраќа на кругот, ги истражува границите, патува низ него. Се со цел да направи една целина, една заокружување. Кругот кој има едноставен геометриски облик, сепак има голема симболика и функција за авторката“. Кон ова само уште и информацијата дека уметницата „во своите дела создава чисти геометриски композиции составени од овој елемент“. Понекогаш, пак, тоа го прави само делумно и на тој начин кругот го става и во споредна улога, обидувајќи се на свој ликовен начин да се тргне од него. Сепак, кругот за Јовановска е симбол на нешто што нема ниту почеток ниту крај, симбол на бесконечност, една целина. Таа него го поима и како симбол на внатрешна слобода, сонце, месечина. За неа кругот е симбол на вечноста, перфекција, живот, почеток и крај, над се љубов.

Овој пат со актуелната селекција, како што самата вели, има за цел да го зацврсти односот помеѓу неа и кругот. Но не и само тоа, туку и со идеја дека е дојдено времето да се збогува со него и да премине кон истражување на друг геометриски облик. Затоа таа се решила да понуди ликовни дела изработени во комбинирана техника на платно, каде пред се* доминира структурата и бележита е минималистичката присутност на кругот.

- Насловот на изложбата „Со кругот низ пејсажот“. Притоа овде пејсажот не е присутен во неговата класична форма, туку станува збор за апстрактен пејсаж. Во него го вметнувам симболот на кругот. Со тоа би сакала да кажам дека сепак кругот за мене е сеуште доминантен, дека уште го истражувам ... но дека би сакала да направам обид да се оттргнам од него и да почнам да истражувам нов геометриски облик, а тоа е триаголникот. Можеби би направила на почетокот и еден спој на позиции на кругот и триаголникот, а потоа ќе видиме каде сето тоа ќе ме одведе, ќе рече Петра Јовановска.

Историчарот на уметност Роберт Цветковски од Куманово, пак, за својата со-граѓанка и млада ликовна уметничка Валентина Илијевска ќе забележи дека таа од поодамна си поставила тешка задача пред себе. Преку своето творештво, преку своите графички реализации, да проговори за етичките и моралните дилеми на човековото општество.

Барајќи го своето, но и воопшто местото на уметникот во современото секојдневие коешто во своите обиди за опстојување е во континуирана трансформација и на тој пат ги редефинира сите општествени субјекти и нивните активности, Илијевска прави еден свој теоретски модел на високоморално човеково делување. Во тој виртуелен, апстрактно-визуелен мисловен простор себеси и својата дејност ги става става на пиедесталот на авангардното, чистото и прогресивното. Уметноста треба да го толкува светот заедно со филозофијата и не само тоа: таа понекогаш треба да застане во првите редови и да го води човештвото до откривањето на тајните на постоењето коишто се скриени во секојдневните, навидум обични, случувања. Мудроста на природата и обидите на човекот за пронаоѓање на своето место во универзумот се судрени па не разумноста и апсурдот честопати се видливите состојби коишто не се во можност за подолго времетраење бидејќи биваат победени од вселенските законитости коишто секогаш предизвиканиот хаос го трансформираат во космос (ред). Но, дали визуелните уметности можат да понудат решенија за овие состојби? Или, пак, да го објаснат феноменот на “реалноста“ којшто, впрочем, е само човечка перцепција? И ако човечката перцепција е во центарот на секоја визуелна анализа на реалноста, тогаш сосема оправдан се чини напорот на авторката Валентина Илијевска да ги детектира основните точки на тоа опсервирање, односно, вредносните димензии коишто треба да го носат концептот во напредувачка фаза. Фузијата на тој теоретски модел и практичното визуелно комуницирање со гледачот-толкувачот на графичкиот вокабулар на ликовната поетика на Валентина Илијевска е предизвик што во непосредна практика треба да се валоризира, пишува во каталогот за изложбата Цветковски.

Во пресрет на својата деветта самостојна изложба на која се претставува со 22 дела колажирани со отпечатени графики и надополнети со цртежи и насловена „Во кругот на коцката“ Валентина Илијевска забележува дека „ако речела во кругот на квадратот, самата помисла ќе не однесе на потесниот круг, додека вака соодветствува и му дава смисол на широкиот круг на самиот концепт“.

- Погрешен момент е да се чека да дојде вистинското време на вредностите. Затоа нема потреба да го трошиме тоа време на чекање. Ова е часот кога треба да се претстават тие ликовни елементи и принципи. Време кога човековите принципи ќе бидат запишани со овој ликовен јазик. Во графичките елементи од моето творештво. Ние како луѓе не ги изгубивме тие вредности туку во брзината во животот ги запоставивме и ги занемаривме.

Поради мојата професионалната деформација, како ликовен уметник и како конзерватор и реставратор, на сопствена иницијатива одлучив сите тие упорно да ги барам и да ги пронајдам. Катадневно ќе се бавам со нивно реставрирање и илустрирање во моето творештво. Тоа навистина ќе биде убаво место за нивното вреднување, смета Илијевска.

Инаку, Валентина Илијевска во 2014 година стана магистер по Конзервација и реставрација на ѕидно сликарство (ангажирана е на проектите за конзервација и реставрација на живописот од зографот Крсте Р. Колоски во црквата Свети Никола во Куманово и оној во црквата Свети Ѓорѓија во Струга), а досега е добитник на неколку значајни признанија за своето творештво од кои посебно за издвојување се наградата за сликарство „Константин Мазев-Коце“ (КИЦ Скопје) и наградата за минијатура во рамките на изложбата на ДЛУМ МиниАРТура (НЛБ Тутунска Банка - Скопје).

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG