Достапни линкови

Возачите на ЈСП на протест, граѓаните не можат да стигнат на работа и на школо


Архивска фотографија
Архивска фотографија

Препознатливите црвени автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие утринава останаа во гаражите. Возачите протестираат за плата. Велат дека не се во штрајк, туку не се во состојба да возат зашто се гладни. Град Скопје најави кривични пријави за оние кои ја попречуваат работата на претпријатието.

Вработени не можат да стигнат на работа, ученици не стигнале на училиште, нервозни патници на автобуските постојки во Скопје, по денешното одбивање на возачите во Јавното сообраќајно претпријатие да возат додека не земат плата.

„Катастрофа. Значи да не можеш да стигнеш кај што си тргнал. До болница треба да одам, не можам да стигнат. Значи не е во ред ова, треба да се среди. Ова треба да се среди тотално, од корен.“

„Не возат, треба да им се даваат плати на време“, велат анкетираните граѓани во центарот на Скопје.

„Бев на школо ама се вратив, немаше никој. Немаат автобуси луѓето“, ни изјави средношколец на автубуска станица во центарот на Скопје.

На вообичаено полните автобуски постојки сега има помалку граѓани кои чекаат некој од приватните автобуси. Убавото време им послужи на оние кои се одлучија за велосипед.

Скопје без јавните градски автобуси, возачите бараат плата
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:17 0:00

Возачите рано утринава, пред почетокот на работното време, се собраа на протест во базите на претпријатието во Автокоманда и во Ѓорче Петров. Тие одбија да подигнат патни налози и да влезат во автобусите поради неисплатена плата.

Се жалеа дека директорот Александар Стојковски им вршел притисок за да возат. Тој негираше.

Возачите не прогласиле штрајк, но велат дека се гладни и не се во состојба да возат и да ја преземат одговорноста за стотина патници. Велат дека нема да возат додека не добијат плата. Ова е првпат да прекине јавниот градски превоз во главниот град.

Според закон, платата треба да им биде исплатена од 1 до 15 во месецот, а веќе е 20 октомври и не ја добиле септемвриската плата.

Синдикалните претставници велат дека тие не прогласиле штрајк, туку возачите едноставно не се во состојба да работат.

„Вчера не успеавме телефонски да им кажеме дојдете тука со деца, ама утре ќе ги донесеме, па нека објаснат и градоначалничката и директорите и сите зошто се децата тука“, рече Африм Муча, претседател на Независниот возачки синдикат при ЈСП.

„Денеска ние дојдовме на нашите работни места, спонтано се организиравме вака, бидејќи не можеме да ја преземеме обврската да вршиме јавен превоз, бидејќи, како што кажавме ние синдикалците, сите работници во Јавното сообраќајно претпријатие се гладни“, рече претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Дарко Димовски.

ЈСП Скопје нема пари за плати и бара од владата и од скопските општини да им го вратат долгот за да може да исплатат плата.

Директорот на ЈСП со десетина автобуси го блокираше булеварот пред владата барајќи да му го платат долгот од 2 милиони евра. Владата вели не должи ништо
Директорот на ЈСП со десетина автобуси го блокираше булеварот пред владата барајќи да му го платат долгот од 2 милиони евра. Владата вели не должи ништо

Додека вработените вчера протестираа во кругот на фирмата, директорот на ЈСП со десетина автобуси го блокираше булеварот пред владата, барајќи да му исплатат 2 милиони евра што му ги должат за бесплатниот превоз на студенти и средношколци.

Владата вели дека не им должи ништо.

Советот на Град Скопје на вонредна седница вчера одлучи да прераспредели средства од буџетот за да се обезбедат плати за вработените во ЈСП. Синдикатите стравуваат дека ќе помине уште најмалку една недела додека да ги добијат парите.

Долгови на ЈСП
Долгови на ЈСП

Град Скопје најави кривични пријави против лицата кои го попречуваат редовното функционирање на јавното претпријатие и, како што велат, го држат во заложништво Скопје и скопјани.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG