Достапни линкови

Власта слабо реагира на барањата на Антикорупциска за смена на директори


Илустрација
Илустрација

Антикорупционерите се жалат дека властите прифатиле помалку од една третина од нивните иницијативи за утврдување одговорност за директори и функционери, а на третина воопшто не одговориле. Вицепремиерот Љупчо Николовски вели дека разрешиле повеќе директори отколку што антикорупционерите барале.

Од денеска, па секоја втора среда во месецот членовите на Антикорупциската комисија треба да одржуваат онлајн средби со вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски на која ќе разменуваат информации за подобрување на соработка и поорганизирано делување, вели претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска за Радио Слободна Европа.

„Па после ќе видиме со каков плод ќе вроди оваа наша соработка“, вели таа.

До оваа доаѓа откако Антикорупционерите се пожалија дека властите или ги отфрлаат или ги игнорираат нивните иницијативи за утврдување одговорност за функционери и оти власта само декларативно се бори против корупцијата. Вицепремиерот Николовски, пак, возврати дека владата разрешила многу повеќе директори отколку што барала Антикорупциската комисија.

Ивановска вели дека властите прифатиле помалку од една третина од нивните иницијативи. Антикорупционерите поднесувале иницијативи за разрешување на директори или други именувани функционери поради непрописно работење, но властите или ги отфрлаат нивните иницијативи и им одговараат дека нивните наводи не се точни, или не им одговараат на барањата.

„Ние излеговме во јавноста со една анализа со којашто утврдивме дека нашите иницијативи за утврдување одговорност не се спроведуваат во целост. Од некаде 58-60 иницијативи, 18 се прифатени, другите или се отфрлени или не се одговорени. Лично сметам дека тоа е многу мала бројка на одѕив на нашите иницијативи. Конкретно колку директори разрешила владата и дали се повеќе отколку што сме барале не би можела да кажам оти не знам за кои личности се работи“, вели Ивановска.

Николовски во понеделникот рече дека по секоја иницијатива поднесена до негое постапено. За да нема проблем со поднесување на иницијативите до друго место, го уредиле и тој дел за секоја иницијатива да се поднесува и до него.

„Имаме разрешено повеќе директори отколку што предложила Државната комисија за спречување на корупцијата, заменици директори, директор на национална агенција, заменик директор на Агенција за храна и ветеринарство, претседатели на управни и надзорни одбори за коишто информациите стигнаа до мене директно од граѓаните, од медиумите“, рече Николовски.

Тој се пожали на бавните реакции на правосудството кое не ги процесуира кривичните пријави за функционери.

Македонија годинава е најлошо рангирана досега на индексот за корупција на Транспаренси Интеренешнл со пад од 5 места на 111 место во друштво на БиХ, Панама и Монголија. Земјава заедно со БиХ се на дното во регионот според перцепцијата за корупција.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинува дека „корупцијата, криминалот и непотизмот се заштитен знак на оваа власт на Заев, а Љупчо Николовски е неговиот заштитник“ и оти Македонија затоа е на 111 место во светот според индексот на корупција.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG