Достапни линкови

Вклученоста на јавноста во креирањето политики - формалност


Илустрација. Собраниска седница.
Илустрација. Собраниска седница.

Како се носат одлуки во последно време? Со расправи кои се многу поотворени и поконсултативни за разлика од порано, но некогаш се и само формални. Се случува да не се поканети најрелевантни претставници, а ако се поканети голем дел од предлозите да не се прифатат. Ова е констатација на МЦМС.

Без расправа во која ќе бидат вклучени засегнатите страни стеснета е можноста заинтересираните групи да учествуваат во креирањето на решенијата за одредените проблеми, вели Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС)

Тој вели дека, за разлика од претходната, атуелната власт организира многу поконсултативни расправи, особено со присуство на граѓански организации, но проблем е што има дискусии кои често се и про -форма, се организира некаков собир, се повикува јавноста и потоа таа нема поголема можност да даде квалитетен допринес за тој закон.

Не е многу корисно да се праваат консултации а ништо да не се прифати

"Мора да признаам дека е многу поконсултативен процесот и поотворен и со поголемо учество, особено на граѓанските организации, но не секогаш се покануваат најрелавантните претставници што може да е и технички пропуст, зашто нема релевантна база на податоци, кои се тие релевантни претставници, иако тие се подразбираат во многу области, а и самите институции треба да знаат со кого треба да комуницираат. И вториот проблем е содржината на тоа што се комуницира, односно не гледам многу дека голем дел од предлозите на тие засегнати страни наоѓаат пат до крајните решенија", вели Кржаловски.

Европската пракса налага важните закони да бидат донесени по детална јавна расправа во која ќе учествуваат што повеќе заинтересирани страни.

Вклученост во креирање политики преку примери од министерства

Во првите денови на феруари Владата објави дека е донесена стратегија за тутунот, но професорот Илија Каров, кој има кој има долгогодишно искуство како декан на Земјоделскиот факултет во Штип, вели дека земјата ќе има проблем да ги спроведе промените кои треба да ги донесе документот, зашто домашните стучњаци немале можност да допринесат за квалитетно решение. Професорот Каров укажува и дека не постои јасно стратешко определување како ни дефинирани приоритети во креирањето на јавни политики во земјоделството.

"Никој не ја видел таа стратегија. Кој ја видел таа стратегија Што напишалe во таа стратегија, кои луѓе ги консултiрале во таа стратегија. Па имаме кадар во Скопје, во Тетово, Прилеп, Битола, Кочани, имаме голем број земјоделски факултети, па вистина може да се искоординираат па да се повикаат тие луѓе да има транспарентност во се. Кај нас секој нешто од некого крие . Се крие во политиката, се крие во аграрот ... Дајте, нека биде потранспарентно кога се носат сите тие одлуки и сите тие стратегии и да бидат долгорочни барем за пет годишен период да се прави стратегија. Еве, јас не сум ја видел, слушам се правело стратегија, но кој ја правел и како ја правел не знам", вели професорот Илија Каров.

Радио Слободна Европа побара одговори од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство за тоа кој учествувал во креирањето на Стратегијата за производство на тутун за периодот 2021 -2027 година.

Од таму ни одговорија дека новата стратегија за тутун е изработена со сесрдна поддршка на Европската Комисија која преку проект овозможила нејзино изработување.

"Во изработувањето на стратегијата активно учествуваа консултанти од Шпанија и Бугарија, професори од катедрата за тутун при Земјоделскиот факултет, како и членови од групацијата на откупувачи на тутун при Стопанската Комора на Македонија. Текстот на новата Стратегија за тутун е усвоен на седница на Влада и се очекува негово објавување во Службен весник, а потоа ќе биде објавен на веб страната на МЗШВ", ни одговорија од Министерството.

На почетокот на февруари беше објавено дека Стратегијата за производство на тутун за периодот 2021-2027 година заедно со акциониот план е усвоена од Владата на седница. Информацијата за оваа стратегија на својот фејсбук профил во првите денови на феруари ја објави премиерот Зоран Заев."Меѓу целите на седумгодишната стратегија за производство на тутун се: државната помош на земјоделските стопанства кои се занимаваат со тутунско производство, поддршката на доходот на земјоделските стопанства, политиките за рамномерен и одржлив развој во тутунопроизводните региони и поддршката за формирање на организации на производители" напиша Заев на Фејсбук.

До носењето на стратегијата доаѓа во време кога Сојузот на здруженија на тутуно производителите во повеќе наврати изразија револт од сотојбите во кои се наоѓаат и упатија барања до државата да им обезбеди подршка за развој и политика на зголемена динамика на откупот и реална проценка за откупот на тутунот.

Министерката за образование и наука Мила Царовска, пак претставници од Бирото за развој на образование и професори од сите нивоа на образование од повеќе области во изминатиот период учествуваа на онлајн-дебата во рамки на јавната расправа за нацрт-концепцијата за основно образование.

До овие дебати дојде во ситуација кога најавена реформа предизвика силни реакции во јавноста, многу зесегнати страни сметаа дека немаа суштинска можност да дадат свој придонес во нејзиното креирање, а особено имаше реакции поради идејата да се спојат историјата и географијата како еден предмет во основните училишта, нешто што во дел од јавноста беше оценето како обид за бришење на историјата во време кога Бугарија спори токму со дел од македонската историја.

Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) смета дека дебатата за концептот за основно образование на која учествувал цивилниот сектор може да послужи како пример дека процесот на вклученост се унапредува за разлика од претходно, меѓутоа го истакнува отсуството на засегнати релевантни страни во расправата на која тој учествувал.

"Учествував во консултациите за законот за образование и таму ги кажав коментарите за вклученоста. Не сметав дека МЦМС е најрелевнатна организација да биде поканета на таа консултација, зашто одамна не правиме многу работи во образованието. Забележав дека имаше некои невладини организации кои се многу релевантни и тоа беше во ред, но немаше други организиции, исто така невладини кои се порелавантни од нас, а не беа присутни на состанокот , и особено не беа присутни тие што се дури и побитни од самите граѓански организации, како здружнија на професори, на учители, на наставнички совети, Академијата која беше доста критична. Одговорот беше дека имало посебни консултации со нив, но на таа на која бев поканет немаше никој од најстручните за таа нова концепција за образованието, а такви примери има "побајаги" во последно време ", вели Кржаловски.

Институциите носат јавни политики какви што тие замислеле

Во проектот што го води МЦМС наречен "Огледало на владата" се анализира и колку институциите вршат консултации со пошироката јавност за одредени предлог решенија кои ги подготвува Владата, а се објавени на електронскиот регистар ЕНЕР.

За жал, тука е уште полоша ситуацијата. Кржаловски вели дека продолжува праксата на претходната влада на носење голем број законски измени во кратки рокови, дополнувајќо дека не сите се објавуваат и се дозволува коментирање и предлагање измени, а оти и кога ќе се предложи нешто тоа најчесто се игнорира, додавајки дека институциите "си тераат како што си замислиле и ретко се земаат предвид тие предлози".

Освен што е непоходна промена на ставот на однесување на носителите на одлуки од бирократски формализам кон инкулузивни демократски пракси, експертите велат дека квалитетот на учеството на јавноста во процесите на носење одлуки зависи и од спремноста на носителите на одлуки да го прифатат и разберат значењето и учеството на опозицијата во процесот на носење одлуки

Демократија е да се слушнаат сите мислења, вели Кржаловски, дополнувајќи дека не е за очекување се да се прифати, но оти и не е многу корисно да се праваат консултации, а ништо да не се прифати, вклучително и од она што го кажува опозицијата, која е главен контролор на власта и ги прибира покритичните погледи на јавноста.

Осврнувајќи се на актуелната состојба околу најголемата статистичка операција, пописот, што и претстои на земјата, според Кржаловски тоа може да послужи како уште една илустрација на впечатокот дека процесот на вклученост не се унапредува со темпо какво што се посакува.

"Тука имаме пример со пописот каде мислам дека имаше барем неколку конструктивни предлозите од 40 те амандмани што ги поднесе опозицијата, а ниеден не беше прифатен, што мислам дека не е добро ниту е демократски. Сигурно не биле глупави сите тие 40 предлози за да бидат отфрлени туку така сите", вели тој.

Усвојување на закони и решенија без многу расправа за нив и вклученост на јавноста беа речиси манир на секој парламент или влада во земјава во континуитет со години наназад.

Во меѓувреме постојано се укажува дека на патот кон членство во ЕУ на Македонија мора да спроведе и амбициозна и сеопфатна реформа на администрацијата со што во функционирањето на органите на јавната управа би се вовели процедури и процеси кои ќе овозможат транспарентна, одговорна и ефикасна работа на институциите кои го поставуваат граѓанинот во средиштето на процесот на донесување одлуки.

Кржаловски заклучува дека власта се обидува да обезбеди инклузивност и косултативност во креирањето политики, и дека има закони за кои имаше голема вклученост на јавноста при нивното носење, наведувајќи го како пример Законот за дискриминација, но дополнува дека кога ќе се види резултатот од неговата примена, станува јасно за многумина, дека на крај паѓа во вода тој процес на консултативност, и оти џабе се прави се, кога се се сведува на партиски решенија во најголем дел од институциите. Тој упатува забелешка дека кадри и натаму се поставуваат нетранспарентно, без критериуми за квалитет и меритократија.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG