Достапни линкови

Бранѓолица: Операта наследство кое ни е насушна потреба


Сцена од операта „Аида“ - Мајски оперски вечери 2013

Генијални композитори од различни стилски и историски епохи ги истуриле врз светот своите музичко-драмски дела за сите генерации да ги жнеат, вели во својата порака за второто одбележување на 25 октомври - Светскиот ден на операта, композиторот Љубомир Бранѓолица.

Денес сме поплавени со забавна музика - брз лек за засенување на секојдневните грижи. Наспроти козметичкиот карактер на овие звуци, натежнати од теретот на комерцијалност, стои наследството на операта. Да не заборавиме дека е значајна; културниот момент на овој медиум кој не воздига и не упатува на традицијата на звукот и содржината, е всушност наследство кое ни е насушна потреба. Генијални композитори од различни стилски и историски епохи ги истуриле врз светот своите музичко-драмски дела за сите генерации да ги жнеат. На сите ви посакуваме мудрост, здравје и храброст. Да живее уметноста, да живее театарот, да живее операта и да живее операта во живо!

Ова во својата кратка, но повеќе од јасна порака за 25 октомври – Светскиот ден на операта ќе го забележи маестро Љубомир Бранѓолица, еден од главните композиторски протагонисти на македонската оперска и музичка изведбена историја. На овој начин, тој директно го акцентира моментот дека всушност „операта треба да служи како алка на премостување на се поголемиот јаз меѓу традицијата заситена со уметнички богатства и новото време кое допрва ќе треба да ја докаже валидноста на својата замислена вредносна матрица“.

Роден 1932 година во Херцег Нови, Љубомир Бранѓолица е хрватско-македонски композитор и автор на филмска музика. Музичкото образование го започнал во Загреб и во Риека, а од 1950 година работи како пијанист во Уметничкиот ансамбл на Армијата на поранешна Југославија во Белград. Тогаш го напишал своето капитално дело за пијано и оркестар „Интермецо“, за да 1954 година трајно се пресели во Република Македонија. Од 1957 година бил корепетитор во Балетот на Македонскиот народен театар, за да од 1966 година се вработи во Радио-телевизија Скопје, подоцна Македонската рaдио-телевизија, каде што останал до крајот на работниот век извршувајќи функции на музички уредник и музички продуцент.
Во сиов овој период се пројавува како исклучително плоден творец, во повеќе подрачја и повеќе музички жанрови. Освен класична, пишувал и популарна и џез – музика, музика за театарски претстави, филмска и детска музика. Се пројавувал и како публицист пишувајќи низа, главно балетски критики, како и на неколку книги меѓу кои и обемната монографија „Музика – 50 години со вас“ (Скопје, 2000).
Љубомир Бранѓолица е уникатна фигура на македонската музичка сцена во втората половина на дваесеттиот век. Во неговиот исклучително богат творечки опус се наоѓаат 3 опери, 18 балети, камерни и хорски композиции, и популарни песни и аранжмани на творби од други автори.

И, по ваквите сознанија за маестро Бранѓолица, уште збор-два за годинешното одбележување на Светскиот ден на операта кај нас кое од лани се одвива во рамките на програмата на мрежата на ИТИ УНЕСКО и Македонскиот центар на ИТИ/ПРОДУКЦИЈА.
Пијанистката и ко-репетитор Кристина Пешева-Диновска, инаку ко-автор на пораката и уредник на текстот за годинашново одбележување, со појаснување дека „операта е плод на вечниот предизвик да се соединат во хармоничен брак музиката и драмата, инспирација на најголемите композитори на сите времиња, да ги спојат највозвишените уметнички изрази во еден комплексен ентитет и пред вечната публика, преку чудесниот јазик на музиката и моќта на зборот, да ги изведат на сцена, милениумските митови за природата на човекот и Бог, животот и смртта, љубовта и злото“.
Оперските дела не допираат во најисконските длабочини на нашето битие и непрекинато, со стотици години, и покрај повеќе кратните историски теретења за нерелевантност, застареност и елитизам, и понатаму, претставуваат стожер ни уметнички доживувања за оние кои им се изложуваат со доверба и интерес.
Музичкиот театар е изнедрен плод на културата кој преку чудотворната синергија на многуте уметничк изрази го рефлектира човековиот идеал за трансцедентното значење на неговиот живот. Без него би биле празни школки, кои талкаат во потрага по некое слично „волшебно огледало“ во кое би ги виделе сите наши недостатоци и возвишености, би ги уочиле нашата способност за зло и потреба за љубов и во интимноста на нашите срца би ја сфатиле нашата вредност и би научиле да бидеме понизни пред големината на животот; без тој уметнички “апарат“ ние би биле изгубени, а нашиот вредносен компас расипан и бескорисен, пишува Пешева-Диновска.

Конечно, таа со фокус на времето во кое живееме заклучува: Изведбените уметности се соочуваат со повеќе, досега невидени, предизвици; театрите се затворени, аудиториумите празни, а сцените тивки. Во време кога вообичаено оперските куќи и публиката возбудено го исчекуваат отварањето на новата сезона, ние ја имаме само оваа порака. Но, делата на уметноста носат вистина, а нејзината вредност е света и колку и да ја криеме од очите на светот, и на најмалата светлина што и е упатена, таа дава огромен одблесок; нејзините дарови се неприкосновени и вечни, а ние без нив, вечно жедни.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG