Достапни линкови

Во Битола порано се откриваа 200 бомби годишно, а сега 5000 за пет дена


Деновиве во Битола беа пронајдени 5000 неексплодирани артилериски гранати од Првата светска војна, а се очекува под нив да се откријат уште двојно повеќе.



Дека битолчани живеат над бомби останати од Првата светска војна, деновиве потврди и наоѓањето на над 5000 гранати во непосредна близина на стадионот кај Битола. На истата локација претходно беа откриени над 500 гранати со калибар од 75 милиметри, други 5000 наѕираат низ земјата, а во подлабоките слоеви се очекува да има уште толку. Со оваа количина од над 15 илјади бомби од Првата светска војна, Битола е на првото место на Балканот каде бил најден толку експлозив од Првата светска војна.

„Контактирав и со колегите од поранешна Југославија, со Бугарија и Грција, толкави количини кај нив досега се немаат пронајдено. При повлекување војски ги имаат истурено и ги извадиле запалките за непријателот да не ги искористи. Во тоа е и среќата. Ако беа со запалки, а една со друга се прилепени, не ќе смееше да се удираат, да се манипулира со нив, а уништувањето на лице место ќе беше неизводливо бидејќи оваа количина што ја гледаме сега собира 5 тони чист тротил, а за да ги уништиме на лице место ќе ни требаат уште 5 тони, за сите уште повеќе. Овој дел од градот ќе го немаше. Овие околни згради едноставно ќе ги снемаше“, вели Ефтим Митов, координатор на пиротехничарите во Македонија.

За споредба, пиротехничарот од Битола, Ѓорги Стефанов вели дека претходно ваделе по 200 стари неексплодирани убиствени средства во Пелагонија на годишно ниво, а сега во Битола 5000 само за пет дена.

„Напорно е, но мора да се заврши до крај, да се исчисти теренот“, вели Стефанов.

Според историчарот Васко Гичевски, ова се бомби останати од Централните сили, учесници во Првата светска војна при повлекувањето.

„Овие сега се неиспукани проектили, ги наоѓаат затрупани под земја, на купишта. Тоа се бомби останати од германските и бугарските војски, односно од Централните сили кои ги закопувале кога се повлекувале за да не можат да им користат на непријателот, поточно на француските војски од Антантата кога влегувале во градот и со нив да ги бомбардираат Централните сили. Затоа им се извадени осигурувачите за да не може буквално никако да се употребат и се затрупани со земја. Со текот на времето останале, се заборавиле и никој не се присетил зашто кај нас Првата светска војна е многу малку истражувана“, вели Гичевски.

Според него, не изненадува големата бројка на откриени гранати, ако се има предвид фактот дека Битола била бомбардирана многу често и со големи количини на бомби.

„Во Битола конкретното наоѓање на бомби не е изненадување зашто градот бил бомбардиран со преку 13 400 испукани проектили. Ако ја бомбардирале Битола со над 13 илјади бомби може да се претпостави со себе колку муниција носеле. Тоа е тешко за движење. На некои места во некои долови по планините ако се истражува ќе најдете и оружје, топови кои не можеле да се влечат нагоре туку биле турнати во провалија да не може непријателот да ги искористи“, додава Гичевски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG