Достапни линкови

Билјана Билбилоска: Уметноста не бара само дел од личноста, туку целиот човек


Билјана Билбилоска
Билјана Билбилоска

„Архетипови“ е насловена петтата самостојна изложба на дигитални графики на македонската уметничка М-р Билјана Билбилоска, што од 18 до 26 мај, се одржа во новиот салон на галеријата „Ко-Ра“ во Скопје. Во делата таа се фокусира на универзалните форми и визуелните константи.

„Тивка вода, брег рони“ рекол некогаш некој народен мудрец. И, не згрешил. Билјана Билбилоска, барем мнозина така ја поимаат, им припаѓа на тој сој луѓе. Навидум повлечена во својот свет, честопати замислена,како да талка во некои далечини...еруптира кога уметноста и творештвото се во прашање. Тогаш не се штеди, се предава на примарната емоција, на зацртаната цел и гледа од себе да го извлече најдоброто, есенцијалното. Да стигне, со сите расположливи средства, знаења, искуства, експерименти... со условното премостување на грешките и авторските потраги во процесот, до она што пред се* за неа, но и за другите ќе биде чекор погоре. До она за што ќе се чувствува комотна да каже дека го извлекла длабоко од себе и дека му дарила живот. Радост и незгаслива потреба за комуникација. Му дарила слобода.

И, потем без многу помпа затвора уште една страничка од сопственото присуство и тивко тргнува кон неосвоените пространства.

Инаку, родена 1980 година Билјана Билбилоска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот „Св Кирил и Методиј“ во Скопје, отсек графика со графички дизајн, кај професорот Зоран Јакимовски, а магистрирала на истата високообразовна институција кај д-р Трајче Блажевски. Зад себе има пет самостојните изложби во Скопје и во Тетово и има бројни групни претставувања во Македонија, Србија, Турција, Романија, Полска и во САД.

Најнапред нејзините дела со заеднички наслов „Просторни декомпозиции“ публиката ги виде во галерија „Осум“ во Старата скопска чаршија во 2012 година. Потем истата година следуваше „Белеење“ во Дом на АРМ, па „Неправилен ритам“ во галеријата на ДМУ „Тодор Скаловски“ во Тетово во 2020 година и десетина дена подоцна „Хоризонтала и вертикала“ во Кинотека на РСМ, во Скопје. И, така дојдовме до годинешново претставување на „Архетипови“ во новиот салон на Галерија „Ко-Ра“.

И, уште нешто Билбилоска се занимава и со графички дизајн, филм и музика.

Дваесет дигитални графики врзани со заеднички наслов „Архетипови“ ја чинат вашата петта самостојна изложба што се одржува во скопската галерија „Ко-Ра“? Што се крие зад овој наслов? На што се фокусира уметницата во овој случај? Зошто?

Во уметничка смисла, архетип значи шема, образец или пак, универзален изворен облик, додека во една тесна графичка смисла означува прв испечатен примерок. Во психоанализата, архетипот претставува исконски потсвесно-мисловен мотив кој е заеднички за сите луѓе. Во овој циклус на графики јас се фокусирам на сите три аспекти, затоа што се надополнуваат и формираат еден тематски заокружен круг. Визуелниот архетип во оваа конотација гравитира околу квадратот, кругот и триаголникот во сите нивни комбинации.

Каков беше патот на Билјана Билбилоска до дигиталната графика? Колку овој начин на креација и дава слобода за идните творечки исчекори?

Компјутерот за мене отсекогаш претставувал средство, а не цел. Патот до дигиталната графика е долг ако го разбереме на таков начин. Современиот начин на живот прави дигитализацијата да биде дел од нашето секојдневие, но само како екстензија или продолжена рака, а не со намера да биде супститут на личниот печат на авторот. Сметам дека дигиталната графика не смее да направи компромис со естетиката, токму поради тоа што медиумот како помошно изразно средство и‘ го овозможува процесот на материјализација на идејата на еден современ и брз начин. Кога мислам на индивидуалниот творечки контекст, не сметам дека уметничкото дело треба да биде во целост дисконектирано од остатокот на светот, туку напротив, сметам дека уметникот е повикан секогаш универзално да размислува.

Колку Билбилоска како автор со интерес за повеќе медиуми (графика, дизајн, филм, музика...) е слободна во експериментот и нивното вкрстување за да дојде до саканата цел? Да креира и пренесе одредени визуелни пораки до конзументите, до културната јавност. Од каде потребата за мултимедијалност?

Уметноста не бара само еден дел од личноста, туку го бара целиот човек, целото битие. Пред творечкиот процес се соочуваме со целиот меланж од мисли, навики, сеќавања, емоции... Експериментот е секогаш потрага по внатрешна рамнотежа и е неминовен во творењето, на едно интуитивно рамниште. Никогаш немам прецизно јасна визуелна цел, оформена на еден свесен начин. Оттаму, целосно се чувствувам слободна во изразот. Пораката ќе пристигне и без мојата свесна намера нешто да пренесам. Потребата од дисперзирање на интересот во различните уметнички сфери кај мене е резултат на љубопитство, но и на сознание дека во уметноста ограничувањата се беспредметни.

Успеа ли во изминатиот период, со овие пет самостојни претставувања, Билјана да стигне до своето автентично творечко писмо, сопствениот визуелен јазик? Или, можеби допрва силно ќе работи на неговото формирање?

Како што веќе и кажав, личното визуелно писмо не се создава свесно со намера. Тоа доаѓа како природен резултат на долгогодишна потрага по сопствената визуелна констелација. Од друга страна, принципот на акција и на реакција отсекогаш бил присутен во историјата на уметноста, како печат на развој и промена. Промената е вечната константа, колку и да звучи парадоксално. Ние не можеме да го одбегнеме искуството. Да не бил Сократ, не би се „родил“ ни Платон. Се‘ се базира едно врз друго. Така е и на индивидуалниот план во творечкиот процес.

Колку времето во кое „живуркаме“, условите или поточно не-условите за транспонирање на творештвото, сомнителните вредности што нештедливо се нудат... се „материјал“ за потраги за еден млад автор како вас? Успевате ли да им се отргнете на така силно пуштените канџи и да си го најдете спокојот во чинот на креација?

Се обидувам да погледнам од духовната перспектива на нештата. Го живееме својот секојдневен апсурд на лажни и минливи вредности. Таму не го наоѓам „материјалот“ за уметничка потрага, туку бегам во свој свет на анти-меинстримот. Прозаичноста на секојдневието треба да ја поетизираме за да не се изгубиме во сивилото. За Малевич, на пример, надворешниот свет никогаш не бил од особено значење во уметноста и во животот, како што и визуелните форми за него не се надворешно емпиристичко доживување, туку материјализирана духовност. Така и јас во овој циклус сум целосно дефанзивна во однос на наративното и дескриптивното, а офанзивна во апстрактното во уметноста, во недофатливото, во она што ни бега од раце... Фројд, исто така, сметал дека сликите секогаш треба да ги создаваме однатре, бидејќи вистинската визуелна претстава е секогаш една внатрешна слика, која се конструира постепено преку активна имагинација.

Според вас, колку конкурсите се стимул за младите творци и остава ли државата, нејзините институции, доволно простор за афирмација на творештвото што допрва доаѓа? Како да се излезе надвор од локалните рамки: Од кога зависи таквиот исчекор? Планирате ли вие лично таков потег?

Конкурсите секако дека се стимул, но сепак, младите творци треба првичниот мотив за творење да го бараат во себе. Државата и институциите секако дека оставаат простор за афирмација на творештвото, но се случува и инфериорни профили да бидат поставени на супериорни позиции, што исклучително ме фрустрира. Да се излезе надвор од локалните рамки не е невозможно, потребна е само истрајна работа и светот ќе ги препознае успешните творци. Барем во денешно време, кога сите светски галерии ги имаме на дланка со помош на интернетот, потребна е само волја за комуникација. Да, секако дека планирам еден таков потег.

Со оглед на тоа што творештвото е постојана битка со себе и белината што треба да се исцрта, што е она на што ќе се фокусирате во догледно време? Следува ли патување со постојните циклуси или веќе се раѓа идната ваша поставка?

Наскоро следува патување со еден од моите постојни циклуси, паралелно размислувам и на нови теми. Прашањето за белината во целост коинцидира со мојот иден творачки фокус. Проблемот на белината, во една конкретна и преносна смисла, проблемот на празниот простор, веќе долго време ме окупира, особено во сферата на графичкиот дизајн. Конзервативни сме во тоа што сакаме да ги обоиме празниот простор, условно кажано. Белината не е е празнина, таа е активен простор, жива егзистенција. Па и празнината не секогаш треба да се пополни. Таа е контрапункт во целото наше егзистирање.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG