Достапни линкови

Чаирска романтика - Што знае дете што е бандера од 200 кила?


Група луѓе крадат бандера во скопската населба Чаир на 16 август 2020

Додека на еден не му се стемни, на друг нема да му осамне, веројатно помислиле крадците во скопски Чаир додека среде бел ден краделе бандера. Полицијата ги фатила на лице место, но остана непознато што ќе им е бандерата.

Чаир е често досадно место, пееше Владо Јаневски, ама кога некој сака да разбие монотонија зема и краде бандера. Не е печатна грешка, се собрале неколкумина и среде бел ден украле железен столб за улично осветлување. На дело се покажа крилатицата дека додека на еден не му се стемни, на друг нема да му осамне.

Сепак, потфатот траел кратко. Полицијата ги уапси крадците на лице место, а градоначалникот Петре Шилегов се пофали на Фејсбук.

Остана непознато што ќе им е. Некои коментираат дека мислеле дека така се краде струја, други се сомневаат дека сакале да си прават романтика во двор со уличен столб за осветлување, трети дека таа бандера има емотивно значење за крадецот, кој можеби токму под неа ја бакнал својата прва девојка. Дел од луѓето се сомневаат дека му пречела на дуќанот во близина, а причината можеби е прозаична – сакале само да ја продадат за старо железо. Што знае дете што е бандера од 200 кила?

Некои, пак, сметаат дека само сакале да ни го осветлат патот кон Европа.

Дел од граѓаните на социјалните мрежи зајадливо коментираат дека полицијата ги фати крадците на бандера веднаш, но уште не може да го најде мистериозниот инвеститор на дивоградбата кај Мавровка, исто така во Општина Чаир.

Да се организираше Евровизија за бизарни кражби, Македонија ќе беше меѓу фаворитите.

Чудните и невообичаени случки секогаш се инспирација за писателите.

Да не остане покусо, серијалот на бизарни кражби го продолжуваме со случка од Пелагонија од пред неколку дена, кога дошле со комбајни и ожнеале туѓо жито.

Во мај, пак, Општина Кочани се пожали дека жителите го украле свежиот бетон со кој била бетонирана улицата.

На секој коментар за бизарна кражба на социјалните мрежи, пак, следуваат одговори „тие држава покрадоа, па за една бандера“.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG