Достапни линкови

Вести

Уште еден неуспешен обид за избор на претседател на Уставен суд

илустрација
илустрација

И денеска (31 мај) ниту еден од предложените кандидати не го доби потребното мнозинство за избор на претседател на оваа институција.

Постапката за избор на нов претседател продолжи и денеска кога во два наврати судиите гласаа за предложените кандидати, а ниту еден од нив не го доби потребното мнозинство.

Од Уставен соопштија дека со согласност на сите судии беше договорено седницата за избор да продолжи во понеделник на 3 јуни, се додава во соопштението на судот.

Кандидатки за прв човек на судот се уставните судијки Татјана Васиќ-Бозаџиева и Ана Павловска-Данева. За да се избере претседател на судот е потребно дво третинско мнозинство односно еден кандидат да има 6 гласови од вкупно 9 уставни судии.

Мандатот на претседателката Добрила Кацарска истекува на 2 јуни 2024 година.

Војните и прогонствата раселиле 114 милиони луѓе ширум светот

илустрација
илустрација

Бројот на луѓе ширум светот кои ги напуштиле своите домови поради војна, насилство и прогон достигна 114 милиони.

Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите Нации, Филипо Гранди, рече дека бројот се зголемува затоа што државите не се справуваат со причините и војските одбиваат да се усогласат со меѓународното право.

Гранди го критикуваше Советот за безбедност на ОН, кој е задолжен за одржување на меѓународниот мир и безбедност, дека не го користи својот глас за да се обиде да ги реши конфликтите од Газа, преку Украина и Судан до Конго, Мјанмар и многу други места.

Тој, исто така, обвини некои земји дека носат „краткогледни надворешнополитички одлуки, кои често се засноваат на двојни стандарди“, пишува АП.

Гранди рече дека непочитувањето на меѓународното хуманитарно право значи дека „страните во конфликт, сè повеќе, речиси насекаде престануваат да ги почитуваат законите на војната“, иако се преправаат дека го прават тоа.

Тој додаде дека резултатот е поголем број цивилни смртни случаи, користење на сексуалното насилство како оружје за војна, напади и уништување на болниците, училиштата и другата цивилна инфраструктура.

Рускиот суд повторно го продолжи притворот на новинарката на РСЕ, Курмашева

Алсу Курмашева, новинарка на Радио Слободна Европа
Алсу Курмашева, новинарка на Радио Слободна Европа

Судот во Русија на 31 мај и го продолжи притворот на Алсу Курмашева, новинарка на Радио Слободна Европа до 5 август.

Окружниот суд во Казан, исто така, го отфрли и другото барање на адвокатите на Курмашева, нејзиниот притвор да биде заменет со домашен.

Додека расправата се одржуваше зад затворени врати, на претставниците на австралиската и чешката амбасада, заедно со новинарите, им беше дозволено да влезат во судницата за другите делови од сослушувањето.

Курмашева се наоѓа во притвор од 18 октомври 2023 година.

Инаку Курмашева, која има и руско и американско државјанство, беше уапсена во Казан минатиот октомври и обвинета дека не се регистрирала како странски агент според казнениот руски закон што ги таргетира новинарите, активистите на граѓанското општество и други. Таа, исто така, е обвинета за ширење невистини за руската војска и се соочува со затворска казна од 10 години доколку биде осудена.

РСЕ и американската влада велат дека обвиненијата се одмазда за нејзината работа како новинарка на РСЕ во Прага.

Таа отпатувала во Русија за да ја посети и да се грижи за нејзината мајка и била приведена додека го чекала нејзиниот лет за враќање на 2 јуни на аеродромот во Казан, каде што и биле одземени американскиот и рускиот пасош.

Многу критичари и групи за човекови права велат дека таканаречениот закон за странски агенти се користи од страна на Кремљ за сузбивање на какво било несогласување.

Москва, исто така, беше обвинета за приведување Американци за да ги користат како договори за пазарење за размена за Русите затворени во Соединетите Држави.

Во февруари, 23 земји ја номинираа Курмашева за Светската награда за слобода на печатот на УНЕСКО/Гилермо Кано 2024 година.

Наградата, основана во 1997 година, е годишна награда со која се оддава почит на лице или група луѓе кои даваат „извонреден“ придонес во одбраната и промоцијата на слободата на печатот низ целиот свет и покрај „опасноста и прогонот“ со кои се соочуваат.

Oбвинение против четворица за убиствата на Вања и Панче, за двајца продолжува постапката

Зградата на ОЈО
Зградата на ОЈО

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против четири лица поврзани со двојното убиство на четиринаесетгодишното девојче Вања Ѓорчевска од Скопје и Панче Жежовски од Велес. Тројцата од обвинетите се гонат за делата: убиство и грабнување, кои се казниви според Кривичниот законик.

Таткото на девојчето (А. Ѓ) е обвинет за помагање во кривичното дело- Грабнување од Кривичниот законик.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети соизвршители и мерката куќен притвор за нивниот помагач.

Од ОЈО информираат дека обвинителниот акт се темели на вербални и материјални докази во однос на дејствијата на обвинетите, но со оглед на тоа што постапката против првоосомничениот кој неодамна беше екстрадиран од Република Турција продолжува, јавното обвинителство не е во можност да споделува детали во однос на доказниот материјал.

Постапката продолжува и против уште едно лице кое е осомничено дека му помогнало на првоосомничениот по извршувањето на кривичното дело така што му овозможило превоз при бегството до Република Турција. За тоа лице на сила се претходно определените мерки на претпазливост.

Првоосомничен во случајот е Љупчо Палевски-Палчо кој на 15 мај со авион беше екстрадиран од Турција во Северна Македонија. Тој беше директно беше однесен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари бидејќи имаше определен 30-дневен притвор. Подоцна беше изнесен пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд кој му определи уште 30 дена притвор.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември 2023 година.

Столтенберг: НАТО ја поддржува Украина на долг рок

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на 31 мај рече дека воената алијанса мора да ја зајакне својата улога во поддршката на Украина во нејзината борба против неиспровоцираната инвазија на Русија. Тој јасно и стави на знаење на Москва дека западната поддршка за Киев ќе продолжи онолку долго колку што е потребно.

„Треба да се погрижиме Москва да разбере дека сме подготвени на долги патеки во нашата поддршка за Украина“, им рече Столтенберг на новинарите пред почетокот на вториот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Прага.

На собирот на НАТО во чешкиот главен град, на кој присуствува и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, ќе се разговара за пакетот помош за Украина што ќе биде претставен на самитот на НАТО во Вашингтон во јули.

За време на состанокот на министрите, закажани се разговори за планот што Столтенберг го претстави во април за рамка со која одговорноста за воената и цивилната помош за Украина ќе се префрли од неформална група предводена од САД на формалните структури на Алијансата.

НАТО во моментов официјално не нуди смртоносни воени резерви на Киев. Поединечни земји-членки на НАТО ги канализираа испораките преку Контакт-групата за Украина (UCG), иницијатива со која претседава Соединетите Држави, позната неформално како Рамштајн група.

„Ќе се осврнеме на тоа како да ја одржиме и засилиме нашата поддршка за Украина, а јас предложив НАТО да игра поголема улога во координацијата на обезбедувањето безбедносна помош и обука за Украина. Исто така, предложив мулти- годишно финансиско ветување да обезбедиме поголема одговорност и предвидливост во поддршката што ја даваме за Украина“, рече Столтенберг.

Министрите, исто така, најверојатно ќе дебатираат дали да му се дозволи на Киев да користи оружје обезбедено од Запад за да напаѓа цели во Русија. Соединетите Држави и Германија беа против да се дозволи таков потег, додека Британија и Франција беа за.

Но, на 30 мај, неколку американски функционери запознаени со ова прашање изјавија за медиумите дека претседателот Џо Бајден и дал зелено светло на Украина да користи американско оружје за да нападне внатре во Русија со ограничена цел да го брани источниот град Харкив, кој се наоѓа на некои 35 километри од руската граница и е мета на напади во последните недели од внатрешноста на Русија.

Столтенберг на 31 мај повтори дека сојузниците треба да размислат за укинување на ограничувањата за употреба на оружје на НАТО од страна на Украина за погодување цели на руска територија, бидејќи тоа е дел од правото на Киев на самоодбрана.

Во последниве месеци, Русија започна со воздушни и копнени напади против Украина, која се бореше со недостиг на муниција. Киев се заложи за забрзување на испораката на муниција и, исто така, побара да му биде дозволено да користи оружје со поголем дострел, кое доаѓа со ограничувања за нивната употреба на руска територија.

Кина нема да присуствува на мировната конференција за Украина

Кинескиот претседател Си Џинпинг
Кинескиот претседател Си Џинпинг

Кина денеска(31 мај) потврди дека нема да присуствува на мировната конференција за Украина, организирана од Швајцарија следниот месец, потврдуваат извори кои се добро запознаени со ова прашање, пишува Ројтерс.

Пекинг ја одбил поканата бидејќи не биле исполнети условите за нивно учество, вклучително и учеството на Русија и Украина.

Неутралната швајцарска влада бара широка излезност од целиот свет на самитот од 15 до 16 јуни, за кој Берн се надева дека ќе го отвори патот за мировен процес во Украина.

Москва не беше поканета на овие преговори.

Кина им рече на дипломатите оваа недела дека условите кои не се исполнети вклучуваат дека конференцијата треба да биде признаена и од Русија и од Украина, дека сите страни треба да учествуваат подеднакво и дека сите предлози треба да се дискутираат праведно, рече еден од изворите.

„Пекинг го поддржува свикувањето на мировна конференција признаена од двете страни со еднакво учество од сите страни“, соопшти во понеделникот портпаролот на Министерството за надворешни работи.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во четврток изјави дека Кина може да организира мировна конференција на која би можеле да учествуваат Русија и Украина.

Лавров рече дека таквиот потег ќе биде продолжение на напорите на Пекинг за решавање на украинската криза.

„Ние го делиме ставот (на Кина) дека првенствено треба да се справиме со основните причини за конфликтот и да ги заштитиме правните интереси на сите страни, со последователни договори засновани на принципот на еднаква и неделива безбедност“, рече Лавров.

Тој додаде дека тоа „имплицира почитување на реалноста на теренот, која ја одразува волјата на луѓето кои живеат таму“.

Русија постојано повикува на преговори под услов Киев и Западот да ги признаат нејзините територијални придобивки во Украина. Киев ги отфрли тие предлози.

Во јануари Украина го покани кинескиот претседател Си Џинпинг да учествува на планираниот самит на светските лидери во Швајцарија.

Оваа недела, украинскиот претседател Володимир Зеленски го покани американскиот претседател Џо Бајден да присуствува, но Вашингтон не потврди кој ќе биде испратен.

Кина има блиски врски со Русија и се воздржува од критики за нејзината инвазија на Украина, но претходно понуди да помогне во посредувањето во конфликтот. Швајцарија се обидува да убеди повеќе земји од глобалниот југ, вклучително и Кина, да присуствуваат на конференцијата.

Тројца загинати и 16 ранети во руски напад врз Харкив

илустрација
илустрација

Најмалку три лица загинаа, а 16 се ранети во руските напади врз Харкив, во североисточна Украина, соопштија утринава регионалните власти.

„Во ноќниот напад погодена е петкатница во населбата Новобаварски“, изјави градоначалникот Игор Терехов, додавајќи дека се стравува дека под урнатините има уште жртви.

Официјални лица рекоа дека „непријателот прибегна кон тактика со двоен удар, додека медицинските лица, спасувачите и полицајците беа на местото на настанот“.

Ракетите С-300 и С-400 лансирани од територијата на руската област Белгород, на границата со Украина.

Градот, инаку, го издржа рускиот напредок во првите недели од инвазијата, но во последните недели повторно беше цел на руски напади.

Москва негира дека намерно гаѓала цивили.

Илјадници се убиени и повредени од руската инвазија на Украина која започна во февруари 2022 година.

Трамп виновен по сите обвиненија за фалсификување документи и поткуп

Доналд Трамп
Доналд Трамп

Поротата во Њујорк го прогласи поранешниот претседател Доналд Трамп за виновен за фалсификување документи и поткуп на актерка во филмови за возрасни, што се случило пред изборите во 2016 година.

По разгледувањето на исказите и доказите презентирани пред судот и врз основа на тоа каква одлука да донесе, а за тоа дискутираа два дена, сите 12 поротници го прогласија Трамп за виновен по сите 34 точки од обвинението на oкружниот обвинител на Менхетн Алвин Браг. Изрекувањето на каква и да било пресуда се носи едногласно. Поротата донесе одлука во 16:30 часот по локално време и ја објави половина час подоцна.

Трамп е обвинет за фалсификување компаниски документи и организација на исплата на 130 000 долари на Сторми Дениелс, актерка во филмови за возрасни, за таа да молчи дека имала врска со него. Исплатата ја извршил неговиот тогашен адвокат Мајкл Коен, кој на судот сведочеше со часови за оваа епизода која се случувала неколку недели пред претседателските избори во 2016 година. Трамп потоа фалсификувал документи за да му ги врати парите на Коен.

Вториот по важност сведок беше самата Дениелс која даде бомбастични искази пред судот, како на пример описот како таа поминала со Трамп една вечер во хотелска соба во голф ресорт на езерото Тахо во северна Калифорнија во 2006 година.Тогаш таа имала 27 години, а Трамп бил 60.

По изрекувањето на пресудата Трамп даде изјава во која го спомена Сорос, либералниот милијардер и подржувач на демократите, и ја обвини Белата куќа „во обид да отстрани политички противник“ со помош на судскиот систем.

„Тоа беше направено од Сорос, од администрацијата на Бајден, за да се нанесе штета или да со оштети опонентот, политичкиот противник. Сметам дека тоа едноставно е срамно. И ние ќе продолжиме да се бориме“, изјави Трамп, и додаде дека не направил ништо лошо.

Каква казна следува за Трамп одредува судијата. Изрекувањето е закажано за 11 јули.
Висината на казната може да биде четири години затвор, но многумина за слични злосторство добивале и помалку. Трамп и да добие казна затвор, тоа нема да смета во неговата изборна кампања или да стане претседател.

Мајкл Тајлер, директор за комуникации на предизборната кампања на Џо Бајден синоќа објави изјава по повод обвинителната пресуда за експретседателот на САД.

„Денеска во Њујорк видивме дека никој не е над законот. Доналд Трамп секогаш грешка сметаше дека не е загрозен од никакво последици за кршење на законот да постигнува лични цели. Сепак денешниот приговор не го менува фактот дека американскиот народ се судира со реалноста. Останува само еден начин Доналд Трамп да не стапне во Овалната соба (кабинетот на претседателот на САД во Белата куќа) – гласачката кутија. Било тој да е осуден криминалец или не, Трамп ќе биде кандидат за претседател од Републиканската партија“, изјавија од камањата на Бајден.

Оттаму го повторија тврдењето дека Трамп претставува закана по американската демократија.

Ниту еден американски претставник нема да присуствува на Меморијалот на ОН за Иранецот Раиси

Ебрахим Раиси
Ебрахим Раиси

Соединетите држави нема да испратат претставници на комеморативната церемонија на ОН за иранскиот претседател Ебрахим Раиси, изјави портпаролот на Стејт департментот за РСЕ.

Обединетите нации на 29 мај објавија дека планираат да ја одржат меморијалната церемонија на 30 мај, а претседателот на Генералното собрание на ОН Денис Френсис рече дека земјите-членки се охрабрени да дадат изјави со кои му оддава почит на Раиси.

Објавата предизвика критики од активистите за права, кои го осудија потегот да му оддадат почит на човекот што го нарекуваат „Касап на Техеран“ поради неговата наводна улога во масовното егзекуција на политички затвореници во 1988 година.

Тие исто така тврдат дека како претседател го надгледувал бруталното задушување на протестите во Иран, одржани по смртта на Махса Амини - девојката која почина во притвор поради наводно прекршување на обврската да ја покрие главата со шамија.

Иранскиот нобеловец, Ширин Ебади, тврди дека одлуката на ОН е во спротивност со сопствените протоколи, бидејќи Раиси не бил највисокиот ирански функционер, истовремено истакнувајќи дека мисијата на ОН неодамна изјавиле дека се извршени „злосторства против човештвото“ од страна на иранскиот режим за време на задушувањето на демонстрантите во 2022 година.

Раиси загина во хеликоптерска несреќа на 19 мај заедно со министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан и неколку други официјални лица.

Пакистан соопшти дека четворица се убиени откако иранската гранична полиција отвори оган

ПАКИСТАН - Пакистански војници чуваат стража на затворената пакистанско-иранска граница
ПАКИСТАН - Пакистански војници чуваат стража на затворената пакистанско-иранска граница

Иранските граничари отворија оган врз возило со пакистански државјани во близина на пограничното село Машкел во југозападната пакистанска провинција Белучистан, при што загинаа четири лица, а беа повредени уште две.

Омар Џамали, заменик-комесар на пакистанската област Вашук, го потврди пукањето во регионот Вашук, блиску до границата каде често избувнува насилство.

Сахибзада Асфанд, владин администратор, рече дека околностите што ги поттикнале пукотницата остануваат нејасни.

Ниту Техеран ниту пакистанското Министерство за надворешни работи не го коментираа инцидентот.

Престрелката доаѓа во време на веќе затегнати односи меѓу Иран и Пакистан, кои забележаа значителна ескалација во инцидентите меѓу двете земји.

Во јануари, иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) започна напад во пакистанската провинција Белучистан, при што беа убиени две деца.

Техеран тврдеше дека цели на сунитската милитантна група Балуч Џаиш ал-Адл, која е означена како терористички ентитет и од Иран и од САД.

Како одмазднички потег, пакистанските воени авиони извршија воздушни напади врз наводни цели на милитантите во Иран на 18 јануари, што резултираше со најмалку девет смртни случаи, меѓу кои шест деца и две жени. Ова означи сериозна ескалација во конфликтот меѓу двете нации.

Во обид да ја деескалира ситуацијата, починатиот ирански претседател Ебрахим Раиси го посети Пакистан на почетокот на мај.

Неговата посета имаше за цел да ги поправи односите преку дипломатски ангажмани, опишани како критични за нормализирање на врските меѓу Техеран и Исламабад.

Раиси загина на 19 мај во хеликоптерска несреќа.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG