Достапни линкови

Вести

Државната матура под лупа

Ученици во Македонија го полагаат првиот од двата екстерни испита од државната матура – мајчин јазик и литература.
Ученици во Македонија го полагаат првиот од двата екстерни испита од државната матура – мајчин јазик и литература.

Десет комисии формирани од Државниот испитен центар ќе проверуваат кој средношколец мамел на државата матура. Комисиите ќе имаат задачи да утврдат нерегуларности за секој од наставните предмети вклучени на матурата. Комисијата за прекршувања на правилникот за полагање државна матура за време на одржувањето на испитот, која постапувала и во минатите години, е веќе формирана и ќе подготви извештај врз чија основа ќе биде одлучено на кои ученици поради нерегуларности ќе им биде поништен испитот. Оваа одлука е донесена на 3 јуни од стручниот колегиум на Државниот испитен центар.

Покрај тоа, првпат ќе се формираат и комисии за секој од 10-те наставни предмети што се полагаат на државната матура, чија задача ќе биде да ги оценуваат самите тестови односно да откријат препишувачи т.е. идентични делови во тестовите како докази за препишување.

Ќе се разгледува и вибер-групата во која беше споделен тестот по мајчин јазик на почетокот на испитот во саботата, изјави директорката на Државниот испитен центар Билјана Михајловска за новинската агенција МИА. Како што рече директорката, текст од таа вибер-група, како и кој било друг текст што ќе го најдат во некоја вибер-група, ќе им бидат дадени на оценувачите.

„Врз основа на тоа што е споделено во групата, како и од други извори на интернет, оценувачите може да констатираат препис од електронски уред. Сите десет комисии ќе констатираат за секој предмет поединечно, додаде Михајловска.


Таа соопшти дека до МОН ќе предложат новата Влада во иднина да најде начин за обезбедување блокатори на сигнали за мобилни телефони, а исто така ќе апелира на тестаторите да им се плаќа за учество во матурата, како што стои и во неусвоениот нов закон за средно образование.

Во саботата матурантите го полагаа задолжителниот екстерен испит, мајчин јазик, за кој беа пријавени 10 088 кандидати за македонски јазик и литература, 4189 за албански јазик и литература и 315 кандидати за турски јазик и литература.

Претстојната сабота, на 8 јуни, ќе се полага вториот (изборен) екстерен испит. Прелиминарните резултати од двата екстерни испита ќе бидат објавени најдоцна до 8 јули односно 30 дена од полагањето на последниот екстерен испит.

ОБСЕ/ОДИХР: Забележани нерегуларности на изборите во Белград

Илустрација, избори во Србија
Илустрација, избори во Србија

Притисоците врз вработените во јавниот сектор, злоупотребата на државните ресурси и медиумите кои ја фаворизираа владејачката коалиција, негативно влијаеше врз изборниот процес во Србија, изјави шефот на Набљудувачката мисија на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), Ламберто Заниер на 3 јуни.

По пребројувањето на повеќе од 92 отсто од гласовите, десничарската популистичка СНС поддржана од српскиот претседател Александар Вучиќ собра 52,85 отсто од гласовите, објави на 3 јуни белградската Градска изборна комисија (ГИК). Со тоа СНС освои 64 мандати во 110-членото општинско собрание на српскиот главен град.

Опонентот на владејачката СНС, централно-десничарската партија Премести-Промени предводена од Саво Манојловиќ, со освоени 17,61 отсто од гласовите, ќе добие 21 мандат, соопшти ГИК.

Презентирајќи ги прелиминарните заклучоци на Набљудувачката мисија на ОДИХР за локалните избори во Србија, Заниер на прес-конференцијата рече дека изборниот ден „генерално поминал без проблеми“, но дека набљудувачите на ОДИХР негативно го оцениле гласањето во седум отсто од набљудуваните избирачки места.

„Набљудувачите истакнаа и неколку примери на сериозни нерегуларности, вклучително и случаи на купување гласови и притисок врз гласачите, како и процедурални недостатоци како што се групно гласање и гласање со полномошник“, изјави Заниер.

Заниер додаде дека негативно влијание имале бројните процедурални проблеми, наводите за притисоци и купување гласови, како и изолирани случаи на насилство. Тој изјави дека се почитува основната слобода на изразување и собирање и дека на гласачите им се нудат различни политички алтернативи. Но, сепак, посочи дека доминацијата на владејачката партија и расцепканоста на опозицијата „ја намалија конкурентноста на изборите“, пренесе новинаската агенција Бета.

„Употребата на различни имиња и броеви за списоците на опозицијата и неколку списоци со имиња кои звучат слично, кои наводно биле објавени за да ги збунат гласачите, влијаеше на способноста на гласачите да донесат целосно информирана одлука за кого да гласаат“, додаде Заниер.

Тој додаде дека многу соговорници на набљудувачите на ОДИХР изразиле недоверба во точноста на Единствениот избирачки список, поради обвинувањата дека во него има починати лица и дека содржи гласачите кои биле префрлени да гласаат пред претходните избори.

Изборите во Србија се одржаа во 89 градови и општини, а владејачката Српска напредна партија прогласи победа во повеќето градови и општини.

Изборите во Белград беа повторени на 2 јуни бидејќи ниту една коалиција не го освои мнозинството за формирање влада.

По изборите во декември, меѓународните и домашните набљудувачи констатираа нерегуларности на изборите. ОДИХР издаде 25 препораки до српските власти за подобрување на изборните услови.

Три авиокомпании рефундира 900 милиони долари за откажани летови во пандемијата

Авиони на германската компанија Луфтханса на аеродромот во Брисел
Авиони на германската компанија Луфтханса на аеродромот во Брисел

Американското министерство за транспорт на 3 јуни соопшти дека три авиокомпании, вклучително и германскиот авиопревозник Луфтханса, биле принудени да платат над 900 милиони долари за поврат на пари на патниците поради откажување или промени на летови поврзани со пандемијата, јавува новинската агенција Ројтерс.

Одделот, исто така, разгледува граѓански казни од 2,5 милиони американски долари против авиокомпаниите „Луфтханса“, „КЛМ“ и Јужноафриканскиот „Ервејс“ - за „екстремни доцнења“ во обезбедувањето на надоместоците.

„Кога летот е откажан или временската рамка е значително променета, не треба да се расправате со авиокомпанијата за да ви ги вратат парите“, вели американскиот секретар за транспорт Пит Бутиџиг во изјавата.

„Ги користиме сите наши алатки за да го подобриме воздушниот сообраќај за сите“, додаде тој.


На Луфтханса и беше наложено да плати 775 милиони долари како рефундирање, додека авиокомпанијата КЛМ беше принудена да плати 113,3 милиони долари, а јужноафринската „Ервејс“ 15,2 милиони долари.

Проценетите граѓански казни изнесуваат по 1,1 милион долари за Луфтханза и КЛМ и 300.000 долари за Јужноафриканската компанија, соопшти американскиот оддел за транспорт.

Во соопштението е наведено дека авиокомпаниите ги рефундирале парите кои надминуваат 900 милиони долари.

Стапката на откажување на летови во САД беше под 1,2 отсто во 2023 година, што е најниско ниво во повеќе од една деценија и покрај рекордната количина на авионски летови, покажуваат податоците на американскиот Оддел за транспорт.

Претходно оваа година, американските власти воведоа правило со кое се бара од домашните и странските авиопревозници да обезбедат брза автоматска наплата кога летовите се откажани или значително променети кон потрошувачите кои ја одбиваат понудената алтернатива.

Иранскиот собраниски спикер потенцијален фаворит за претседателските избори

Иранскиот парламентарен спикер Мохамед Бакер Калибаф,
Иранскиот парламентарен спикер Мохамед Бакер Калибаф,

Иранскиот парламентарен спикер Мохамед Бакер Калибаф, кој е поранешен воен командант, ќе биде кандидат на претседателските избори во Иран на 28 јуни, приклучувајќи се на листата од околу триесетина кандидати кои сакаат да го заменат Ебрахим Раиси, кој загина во хеликоптерска несреќа во средината на мај.

Регистрацијата на Калибаф дојде на 3 јуни, последниот ден за пријавување на потенцијалните кандидати за учество на изборите.

Конзервативниот Совет на чувари, во кој има 12 кандидати одобрени од врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи, ќе ги провери кандидатите и ќе објави на 11 јуни на кои ќе им биде дозволено да се натпреваруваат на престојните претседателски избори.

Според досегашната пракса, овој Совет генерално дозволува да се кандидираат само оние кандидати кои се прифатливи за Хамне, а Калибаф беше опфатен од набљудувачите како фаворит во претседателската трка.


Калибаф (62) во минатото три пати се кандидираше за претседател -- во 2005, 2013 и 2017 година. Тој се повлече во 2017 година во корист на Раиси, кој заврши на второто место по умерениот тогашен актуелен претседател Хасан Рохани.

Калибаф служеше како командант на иранскиот тврдокорен корпус на Исламската револуционерна гарда од 1997 до 2000 година, како началник на иранската полиција од 2000 до 2005 година и како градоначалник на Техеран од 2005 до 2017 година.

Тој беше обвинет од многу критичари за насилно задушување на антивладините демонстранти во 2003 година.

Иранските новински агенции на 3 јуни објавија дека Ешаг Џахангири, кој многумина го сметаат за реформист и кому му беше забрането да се кандидира на претходните избори, исто така се регистрирал. Јахангири беше потпретседател на Рохани од 2013 до 21 година.

Судскиот процес против Хантер Бајден започна по пресудата на Трамп

Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот 54 годишен син Хантер Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот 54 годишен син Хантер Бајден

Судскиот процес против синот на американскиот претседател Хантер Бајден започна во понеделникот пред федералниот суд во Делавер. Синот на претседателот Џо Бајден се соочува со обвиненија за оружје во историски случај кој започна по само четири дена откако Доналд Трамп стана првиот поранешен претседател на САД кој е осуден.

54 годишниот Хантер Бајден пристигна во судница каде што ќе се соочи со три обвиненија за кривични дела кои произлегуваат од неговото купување и поседување револвер во 2018 година. Тој се изјасни за невин. Тоа е еден од двата кривични случаи со кои се соочува, со федерални даночни обвиненија покренати одделно во Калифорнија.

Првата дама Џил Бајден, сопругата на Хантер Бајден, Мелиса Коен Бајден и неговата полусестра Ешли Бајден присуствуваа на судењето во Вилмингтон, пред американската окружна судијка Мерилен Нореика, јавува новинската агенција Ројтерс.

Трамп беше осуден од поротата во државниот суд во Њујорк во четвртокот по сите 34 точки од обвинението за фалсификување деловни записи пред претседателските избори во 2016 година за да ги скрие исплатите на ѕвездата од филмовите за возрасни.

Тројца кандидати за лидер на СДСМ

Илустрација, партиски штаб на опозициската СДСМ
Илустрација, партиски штаб на опозициската СДСМ

Поранешниот министер за здравство Венки Филипче, поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска и досегашниот директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Јован Деспотовски јавно потврдија дека ќе се кандидираат на внатрепартиските избори во опозициската СДСМ за претседател на партијата.

Внатрепартиските избори следуваат по поразот што партијата го претрпе на парламентарните избори, на кои освои 18 пратенички мандати. Филипче беше носител во четвртата изборна единица, каде партијата освои пет мандати. Петровска стана пратеник откако во шестата изборна единици како носител на листа освои мандат. Нивниот против кандидат Деспотовски не беше дел од пратеничките листи.

Во СДСМ на 31 мај почна постапката за вонредни внатрепартиски избори за нов партиски претседател. Според Статутот на партијата, рокот за пријавување кандидатура за лидер на партијата е до 6 јуни.

„За кандидат за претседател на СДСМ може да се кандидира лице со најмалку 5 години членство во СДСМ кој најмалку еднаш бил избран од страна на Конгресот на СДСМ за член на некој од органите на партијата“, е наведено во соопштение од СДСМ.

Вонредните внатрепартиски избори ќе се одржат на 30 јуни. Претстојните ќе бидат трети внатрепартиски избори на кои претседателот на СДСМ ќе се бира со непосредно гласање на членството. По нивното воведување, првите се одржаа во март 2021 кога Зоран Заев доби нов мандат. Меѓутоа, за помалку од една година следуваа и вторите на кои победи Димитар Ковачевски откако Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори во октомври во 2021 година. Ковачевски си поднесе оставка по поразот претрпен на парламентарните избори на 8 мај годинава.

Гроси: Нуклеарната централа Запорожје е небезбедна за рестартирање

Илустрација, нуклеарната централа Запорожје
Илустрација, нуклеарната централа Запорожје

Ситуацијата во украинската нуклеарна централа Запорожје „останува несигурна“ и би било небезбедно да се рестартира објектот, кој е окупиран од руските сили веднаш по почетокот на целосната инвазија на Кремљ во февруари 2022 година. Ова го изјави шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси на 3 јуни.

„Сите седум столба на нуклеарната безбедност и безбедност се целосно или делумно компромитирани“, Гроси.

Тој посочи дека на 28 мај во Калининград се сретнал со Алексеј Лихачев, шеф на руската државна нуклеарна фирма Росатом, за да разговара за можноста за рестартирање на објектот.

Двете страни во конфликтот ја обвинуваат другата спроведување на напади со беспилотни летала и ракети на локацијата додека беснеат борби во регионот.

Нападите во текот на минатиот месец врз нуклеарната централа Запорожје во Украина го подигнаа нивото на загриженост за безбедноста на објектот на уште повисоко ниво, изјави тогаш Гроси пред одборот на гувернери на 11 април во Виена.

Нуклеарната централа е под контрола на руските сили откако Москва ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

МНР: Патување во Израел само со одобрение од ЕТА

Архивска фотографија, МНР
Архивска фотографија, МНР

Македонските државјани кои планираат патување во Израел од 1-ви август годинава задолжително ќе треба да пополнат формулар преку Системот за електронска авторизација (Electronic Authorization System – ETA), соопшти македонското министерство за надворешни работи.

„Системот ќе биде отворен за аплицирање, почнувајќи од 1 јули и нема да биде овозможен влез во Израел од 1 август, без претходно одобрение од ЕТА“, е наведено во соопштението од МНР.


На патниците без пополнета апликација и добиена авторизација нема да им биде дозволено качување на авиони кои летаат за Израел. Апликацијата ќе чини 25 израелски шекели односно околу 6 евра, а авторизацијата ќе има важност меѓу 90 дена и 2 години.

„Ваквата авторизација не подразбира дека се овозможува престој во Израел подолго од 90 дена“, велат од МНР.

Израел на 2 јуни продолжи со борбите и бомбардирањето на Хамас во Појасот Газа, додека посредниците ги повикаа двете страни да се согласат на договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците .

Откако американскиот претседател Џо Бајден го претстави планот за примирје во петокот на 31 мај, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистираше на тоа дека Израел ќе ја продолжи војната што беснее од 7 октомври додека не го уништи Хамас - којшто САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација, и не ги ослободи затворениците.

Војната во Газа беше предизвикана од нападот на Хамас врз јужниот дел на Израел на 7 октомври, кога, според израелските податоци, беа убиени околу 1.200 луѓе, а дека околу 250 биле киднапирани. Во последната израелска офанзива, според тоа, убиени се најмалку 36.200 луѓе, наведуваат здравствените власти во Газа под контрола на Хамас.

Судијката Периќ останува на ливчето кандидат за нов член на Судскиот совет и покрај нејзиното повлекување

Илустрација, архивска фотографија од актуелниот состав на Судски совет
Илустрација, архивска фотографија од актуелниот состав на Судски совет

Кандидатските листи за членови на Судскиот совет ќе останат непроменети, е одлуката што ја донесе на итна седница на 3 јуни Судскиот совет, откако го разгледа известувањето за повлекување на пријавата на кандидатката за избор на член на Советот од редовите на Врховниот суд, Цветанка Периќ. Дел од судиите на седниците изразија сомнеж за можни политички влијанија врз судијката за нејзината кандидатура.

Известувањето до судиите пристигнало на само шест дена пред одржувањето на седницата на која ќе се изврши изборот за нов член на Советот. Судијката од Врховниот суд, Периќ доставила известување до Судскиот совет дека од здравствени причини ја повлекува пријавата.

Судијката Антоанета Димовска која е член на Советот вели дека е непријатно изненадена од повлекувањето на пријавата на Периќ, затоа што известувањето пристигнало во Советот кога целата постапка била завршена.

„Судскиот совет не може да преземе никакво дејствие, бидејќи сите дејствија ги презедовме, ги утврдивме кандидатските листи, формирана е Комисијата за изборите и ова за мене е најмалку чудно. Не знам за какви здравствени причини се работи, но се работи за судија од Врховниот суд. Треба да бидеш здрав да ја извршуваш функцијата и во Врховниот суд, како и работата во Судскиот совет, рече Димовска.

Судиите во четврток ( на 6 јуни ) ќе гласаат за два нови члена на Судскиот совет, еден од редовите на врховните судии и еден од апелациското подрачје Битола, при што на избирачките ливчиња од редот на врховните судии се впишани кандидатите Цветанка Периќ и Исамедин Лимани, а од битолското апелациско подрачје се судиите Александар Камбовски, Татјана Сусулеска и Александра Поп Стефанија.

Членот на Судскиот совет Селим Адеми тврди дека повлекувањето на шест дена пред избори е ситуација која не е уредена со закон, а Советот веќе ја има утврдено листата со двајцата кандидати и доставено до Комисијата за избор.


„Сега Судскиот совет во оваа фаза не може да интервенира и смени друга кандидатска листа“, рече Адеми.

Местото од Врховен во Судскиот совет е испразнето околу една година, откако оставка си поднесе судијката Мирјана Радевска Стефкова, заедно со Зоран Герасимовски, по контроверзното разрешување на претседателката на Советот на судии, Весна Дамева во април минатата година.

Во врска со повлекувањето на пријавата, претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, кажа дека не е детално запознаена со причините за повлекувањето на судијката Периќ.

„Секогаш при вакви избори добро е да се има повеќе кандидати, тоа е смислата на изборниот систем. Во овој правец се и препораките на оценската мисија, кои детектираат дека потребни се подобрувања на законското решение на овој дел“, вели Адеми.

Oценската мисија на ЕУ во декември минатата година го достави Извештајот за функционирањето на Судски совет со 40 краткорочни и среднорочни препораки за подобрување на неговото функционирање.

Препораките, како што информираа тогаш од Делагацијата на Европската унија се групирани во шест сегменти - структура и компетентност на самиот Судски совет, мандатот на неговите членови, процесот на селекција и изборот на судии, дисциплинските постапки, прашањето на транспарентност и комуникација со јавноста и ресурси и финансирање.

Талибанците се тргнати од казахстанската листа на терористи

Илустрација, архивска фотографија- казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев
Илустрација, архивска фотографија- казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев

Казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев на 3 јуни изјави дека неговата земја ги симнала Талибанците од својата терористичка листа. Тој ова информација ја соопшти во своето обраќање на седницата на претседателите на парламентот на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ) во Алмати.

Токаев истакна дека потегот е направен за да се развијат трговски и економски врски со Авганистан предводен од Талибанците, како и дека сегашниот режим ќе биде долгорочен фактор. Тој ги повика лидерите на Русија, Белорусија, Киргистан и Таџикистан да ја поддржат иницијативата на Астана за формирање регионален центар за цели на одржлив развој за Централна Азија и Авганистан во Алмати.

Талибанците се означени како терористичка организација во многу западни земји. Во 2005 година, Астана ги додаде Талибанците на листата на „терористички организации“.

Но, минатата година Министерството за надворешни работи на Казахстан објави дека ќе ја отстрани организацијата „Талибанците“ од „листата на терористи“.

Во мај 2021 година, западните земји, предводени од Соединетите држави, почнаа да ги повлекуваат своите трупи кои беа мировни мисии во Авганистан 20 години. На 15 август 2021 година, талибанците влегоа во Кабул и го зазедоа целиот Авганистан. Откако Талибанците ја презедоа власта во Авганистан, Астана испрати официјална делегација во Кабул, а амбасадата на Казахстан во Кабул не престана со работа.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG