Достапни линкови

Вести

Судскиот процес против Хантер Бајден започна по пресудата на Трамп

Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот 54 годишен син Хантер Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот 54 годишен син Хантер Бајден

Судскиот процес против синот на американскиот претседател Хантер Бајден започна во понеделникот пред федералниот суд во Делавер. Синот на претседателот Џо Бајден се соочува со обвиненија за оружје во историски случај кој започна по само четири дена откако Доналд Трамп стана првиот поранешен претседател на САД кој е осуден.

54 годишниот Хантер Бајден пристигна во судница каде што ќе се соочи со три обвиненија за кривични дела кои произлегуваат од неговото купување и поседување револвер во 2018 година. Тој се изјасни за невин. Тоа е еден од двата кривични случаи со кои се соочува, со федерални даночни обвиненија покренати одделно во Калифорнија.

Првата дама Џил Бајден, сопругата на Хантер Бајден, Мелиса Коен Бајден и неговата полусестра Ешли Бајден присуствуваа на судењето во Вилмингтон, пред американската окружна судијка Мерилен Нореика, јавува новинската агенција Ројтерс.

Трамп беше осуден од поротата во државниот суд во Њујорк во четвртокот по сите 34 точки од обвинението за фалсификување деловни записи пред претседателските избори во 2016 година за да ги скрие исплатите на ѕвездата од филмовите за возрасни.

Тројца кандидати за лидер на СДСМ

Илустрација, партиски штаб на опозициската СДСМ
Илустрација, партиски штаб на опозициската СДСМ

Поранешниот министер за здравство Венки Филипче, поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска и досегашниот директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Јован Деспотовски јавно потврдија дека ќе се кандидираат на внатрепартиските избори во опозициската СДСМ за претседател на партијата.

Внатрепартиските избори следуваат по поразот што партијата го претрпе на парламентарните избори, на кои освои 18 пратенички мандати. Филипче беше носител во четвртата изборна единица, каде партијата освои пет мандати. Петровска стана пратеник откако во шестата изборна единици како носител на листа освои мандат. Нивниот против кандидат Деспотовски не беше дел од пратеничките листи.

Во СДСМ на 31 мај почна постапката за вонредни внатрепартиски избори за нов партиски претседател. Според Статутот на партијата, рокот за пријавување кандидатура за лидер на партијата е до 6 јуни.

„За кандидат за претседател на СДСМ може да се кандидира лице со најмалку 5 години членство во СДСМ кој најмалку еднаш бил избран од страна на Конгресот на СДСМ за член на некој од органите на партијата“, е наведено во соопштение од СДСМ.

Вонредните внатрепартиски избори ќе се одржат на 30 јуни. Претстојните ќе бидат трети внатрепартиски избори на кои претседателот на СДСМ ќе се бира со непосредно гласање на членството. По нивното воведување, првите се одржаа во март 2021 кога Зоран Заев доби нов мандат. Меѓутоа, за помалку од една година следуваа и вторите на кои победи Димитар Ковачевски откако Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори во октомври во 2021 година. Ковачевски си поднесе оставка по поразот претрпен на парламентарните избори на 8 мај годинава.

Гроси: Нуклеарната централа Запорожје е небезбедна за рестартирање

Илустрација, нуклеарната централа Запорожје
Илустрација, нуклеарната централа Запорожје

Ситуацијата во украинската нуклеарна централа Запорожје „останува несигурна“ и би било небезбедно да се рестартира објектот, кој е окупиран од руските сили веднаш по почетокот на целосната инвазија на Кремљ во февруари 2022 година. Ова го изјави шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси на 3 јуни.

„Сите седум столба на нуклеарната безбедност и безбедност се целосно или делумно компромитирани“, Гроси.

Тој посочи дека на 28 мај во Калининград се сретнал со Алексеј Лихачев, шеф на руската државна нуклеарна фирма Росатом, за да разговара за можноста за рестартирање на објектот.

Двете страни во конфликтот ја обвинуваат другата спроведување на напади со беспилотни летала и ракети на локацијата додека беснеат борби во регионот.

Нападите во текот на минатиот месец врз нуклеарната централа Запорожје во Украина го подигнаа нивото на загриженост за безбедноста на објектот на уште повисоко ниво, изјави тогаш Гроси пред одборот на гувернери на 11 април во Виена.

Нуклеарната централа е под контрола на руските сили откако Москва ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

МНР: Патување во Израел само со одобрение од ЕТА

Архивска фотографија, МНР
Архивска фотографија, МНР

Македонските државјани кои планираат патување во Израел од 1-ви август годинава задолжително ќе треба да пополнат формулар преку Системот за електронска авторизација (Electronic Authorization System – ETA), соопшти македонското министерство за надворешни работи.

„Системот ќе биде отворен за аплицирање, почнувајќи од 1 јули и нема да биде овозможен влез во Израел од 1 август, без претходно одобрение од ЕТА“, е наведено во соопштението од МНР.


На патниците без пополнета апликација и добиена авторизација нема да им биде дозволено качување на авиони кои летаат за Израел. Апликацијата ќе чини 25 израелски шекели односно околу 6 евра, а авторизацијата ќе има важност меѓу 90 дена и 2 години.

„Ваквата авторизација не подразбира дека се овозможува престој во Израел подолго од 90 дена“, велат од МНР.

Израел на 2 јуни продолжи со борбите и бомбардирањето на Хамас во Појасот Газа, додека посредниците ги повикаа двете страни да се согласат на договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците .

Откако американскиот претседател Џо Бајден го претстави планот за примирје во петокот на 31 мај, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистираше на тоа дека Израел ќе ја продолжи војната што беснее од 7 октомври додека не го уништи Хамас - којшто САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација, и не ги ослободи затворениците.

Војната во Газа беше предизвикана од нападот на Хамас врз јужниот дел на Израел на 7 октомври, кога, според израелските податоци, беа убиени околу 1.200 луѓе, а дека околу 250 биле киднапирани. Во последната израелска офанзива, според тоа, убиени се најмалку 36.200 луѓе, наведуваат здравствените власти во Газа под контрола на Хамас.

Судијката Периќ останува на ливчето кандидат за нов член на Судскиот совет и покрај нејзиното повлекување

Илустрација, архивска фотографија од актуелниот состав на Судски совет
Илустрација, архивска фотографија од актуелниот состав на Судски совет

Кандидатските листи за членови на Судскиот совет ќе останат непроменети, е одлуката што ја донесе на итна седница на 3 јуни Судскиот совет, откако го разгледа известувањето за повлекување на пријавата на кандидатката за избор на член на Советот од редовите на Врховниот суд, Цветанка Периќ. Дел од судиите на седниците изразија сомнеж за можни политички влијанија врз судијката за нејзината кандидатура.

Известувањето до судиите пристигнало на само шест дена пред одржувањето на седницата на која ќе се изврши изборот за нов член на Советот. Судијката од Врховниот суд, Периќ доставила известување до Судскиот совет дека од здравствени причини ја повлекува пријавата.

Судијката Антоанета Димовска која е член на Советот вели дека е непријатно изненадена од повлекувањето на пријавата на Периќ, затоа што известувањето пристигнало во Советот кога целата постапка била завршена.

„Судскиот совет не може да преземе никакво дејствие, бидејќи сите дејствија ги презедовме, ги утврдивме кандидатските листи, формирана е Комисијата за изборите и ова за мене е најмалку чудно. Не знам за какви здравствени причини се работи, но се работи за судија од Врховниот суд. Треба да бидеш здрав да ја извршуваш функцијата и во Врховниот суд, како и работата во Судскиот совет, рече Димовска.

Судиите во четврток ( на 6 јуни ) ќе гласаат за два нови члена на Судскиот совет, еден од редовите на врховните судии и еден од апелациското подрачје Битола, при што на избирачките ливчиња од редот на врховните судии се впишани кандидатите Цветанка Периќ и Исамедин Лимани, а од битолското апелациско подрачје се судиите Александар Камбовски, Татјана Сусулеска и Александра Поп Стефанија.

Членот на Судскиот совет Селим Адеми тврди дека повлекувањето на шест дена пред избори е ситуација која не е уредена со закон, а Советот веќе ја има утврдено листата со двајцата кандидати и доставено до Комисијата за избор.


„Сега Судскиот совет во оваа фаза не може да интервенира и смени друга кандидатска листа“, рече Адеми.

Местото од Врховен во Судскиот совет е испразнето околу една година, откако оставка си поднесе судијката Мирјана Радевска Стефкова, заедно со Зоран Герасимовски, по контроверзното разрешување на претседателката на Советот на судии, Весна Дамева во април минатата година.

Во врска со повлекувањето на пријавата, претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, кажа дека не е детално запознаена со причините за повлекувањето на судијката Периќ.

„Секогаш при вакви избори добро е да се има повеќе кандидати, тоа е смислата на изборниот систем. Во овој правец се и препораките на оценската мисија, кои детектираат дека потребни се подобрувања на законското решение на овој дел“, вели Адеми.

Oценската мисија на ЕУ во декември минатата година го достави Извештајот за функционирањето на Судски совет со 40 краткорочни и среднорочни препораки за подобрување на неговото функционирање.

Препораките, како што информираа тогаш од Делагацијата на Европската унија се групирани во шест сегменти - структура и компетентност на самиот Судски совет, мандатот на неговите членови, процесот на селекција и изборот на судии, дисциплинските постапки, прашањето на транспарентност и комуникација со јавноста и ресурси и финансирање.

Талибанците се тргнати од казахстанската листа на терористи

Илустрација, архивска фотографија- казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев
Илустрација, архивска фотографија- казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев

Казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев на 3 јуни изјави дека неговата земја ги симнала Талибанците од својата терористичка листа. Тој ова информација ја соопшти во своето обраќање на седницата на претседателите на парламентот на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ) во Алмати.

Токаев истакна дека потегот е направен за да се развијат трговски и економски врски со Авганистан предводен од Талибанците, како и дека сегашниот режим ќе биде долгорочен фактор. Тој ги повика лидерите на Русија, Белорусија, Киргистан и Таџикистан да ја поддржат иницијативата на Астана за формирање регионален центар за цели на одржлив развој за Централна Азија и Авганистан во Алмати.

Талибанците се означени како терористичка организација во многу западни земји. Во 2005 година, Астана ги додаде Талибанците на листата на „терористички организации“.

Но, минатата година Министерството за надворешни работи на Казахстан објави дека ќе ја отстрани организацијата „Талибанците“ од „листата на терористи“.

Во мај 2021 година, западните земји, предводени од Соединетите држави, почнаа да ги повлекуваат своите трупи кои беа мировни мисии во Авганистан 20 години. На 15 август 2021 година, талибанците влегоа во Кабул и го зазедоа целиот Авганистан. Откако Талибанците ја презедоа власта во Авганистан, Астана испрати официјална делегација во Кабул, а амбасадата на Казахстан во Кабул не престана со работа.

Естонците гласаат за свои претставници во Европскиот Парламент

Илустрација, изборен процес во Естонија
Илустрација, изборен процес во Естонија

Изборите за претставник во Европскиот парламент почнаа на 3 јуни со гласање во Естонија, каде што е дозволено превремено гласање. Во поголем дел од европските земји гласањето ќе се одржи во период од 6 до 9 јуни.

Во Естонија денеска во девет часот девет часот претпладне започна онлајн гласањето, а напладне започна личното гласање на избирачките места. Во новиот состав на Европскиот парламент, Естонија ќе има седум пратеници од вкупно 720.


Покрај Естонците, право на глас имаат и државјани на други земји од ЕУ со постојан престој во таа земја. Се проценува дека околу 370 милиони граѓани имаат право на глас низ целиот блок, но очекувањата се дека нема сите да го искористат своето право на глас.

Изборните правила за европратеник се разликуваат од една до друга земја членка на Унијата, со тоа што во некои места изборниот праг е 5 отсто, а во други нема, додека во некои земји право на глас имаат и малолетници со наполнети 16 години.

Во Холандија изборите се закажани за 6 јуни, а ден подоцна ќе гласат и Ирците и Чесите, додека на 8 јуни избори за Европскиот парламент се одржуваат во Малта, Словачка и Италија. Во Чешка и Италија изборите ќе се одржуваат во текот на два дена.

По деветти пат судиите ќе гласаат за претседател на Уставен суд

Илустрација
Уставен суд
Илустрација Уставен суд

По осмиот неуспешен обид на членовите на Уставниот суд да изберат претседател, се одржуваат консултации меѓу судиите за продолжение на седницата започната на 30 мај годинава, се вели во соопштението од Уставниот суд.

„Со оглед дека се уште не е избран нов претседател на Судот, а со цел Уставниот суд да функционира непречено, судиите едногласно зазедоа став дека за прашањата кои се однесуваат на управувањето, да се одлучува колективно“, е наведено во соопштението.

На денешното продолжение на седницата за избор на нов претседател на Уставниот суд, се гласало два пати за различни кандидати, при што ниту еден од нив не го доби потребното мнозинство, односно поддршка од најмалку две третини од вкупниот број на судии или најмалку 6 гласови.

За претседател на Уставниот суд во осумте гласања беа кандидирани судиите Ана Павловска Данева, Татјана Васиќ- Бозаџиева и Осман Кадриу. И Кадриу и Бозаџиева во неколкуте изборни круга освоиле само по пет гласа, па според Деловникот на Уставниот суд постапката продолжува да се повторува се додека не се избере претседател со најмалку 6 гласа „за“.

„Судијата Ана Павловска-Данева на седницата изјави дека ќе се повлече бидејќи според неа, не сака нејзината кандидатура да биде причина за уставна криза“, се вели во одговорот од Судот.

Мандатот на досегашниот претседател на Уставниот суд, Добрила Кацарска заврши на 2 јуни 2024 година, вчера, по што од денеска продолжи да ја извршува функцијата судија на Уставен суд.

Во одговор на новинарски прашања, од Уставниот суд велат дека во делот на работата со предмети, Судот непречено работи, прима предмети и постојните предмети тековно се работат , предметите се поделени на судии и советници.

Мароко заплени 18 тони нелегален канабис

Илустрација, канабис
Илустрација, канабис

Полицијата на Мароко соопшти дека во понеделникот на 3 јуни запленила 18.2 тони канабис во крајбрежниот град Сиди Рехал јужно од Казабланка.

Во полициската акција се уапсени пет лица кои ја истоварале забранетата материја од камион во брзи гумени чамци, се вели во соопштението на полицијата.

Според полициското соопштение започната е истрага во соработка со меѓународните истражни органи за незаконската трговија со дрога.

Претходно, во изминативе месеци, Мароко ја засили борбата против шверцот со дрога. Во март годинава заплени 10,7 тони канабис во градот Агадир на атлантскиот брег.

Минатиот јуни, полицијата во Мароко заплени 19,5 тони канабис скриена во камион натоварен со октопод кој патувал кон Шпанија.

Мароко е главен производител на канабис и од 2021 година дозволува одгледување, извоз и употреба на лекот за лекови или индустрија, но не дозволува да се користи за рекреативни цели.

Ватикан до гласачите во ЕУ:Не ги дехуманизирајте мигрантите

Папата Франциск
Папата Франциск

Ватикан во понеделник ( 3 јуни) ги повика граѓаните на Европската Унија кои би можеле да гласаат за екстремно десничарските партии на изборите за Европскиот парламент оваа недела, да останат со симпатии кон мигрантите и бегалците, јавува новинската агенција Ројтерс.

Екстремно десничарските и конзервативните партии се очекува даосвојот голме број на пратеници на гласањето на 6-9 јуни, потенцијално наклонувајќи ја политиката на Европската унија кон построг пристап кон законот, редот и безбедноста на границите.

Ватикан вообичаено не зазема политичка страна, но за време на неговото 11-годишно раководење со Ватикан, папата Франциск постојано зборува за правата на мигрантите и повикува на похуманитарен пристап од западните влади.

„Гласачите треба да се стават во кожата на мигрантите и да сфатат дека и тие би сакале да бараат подобар живот во Европа“, изјави кардиналот Мајкл Черни, шеф на канцеларијата за човечки развој на Ватикан.

Черни одговори на прашањето дали е загрижен од изборните придобивки на екстремната десница на ЕУ на прес-конференцијата на која беше објавена папската порака за Светскиот ден на мигрантите и бегалците на Католичката црква, кој се паѓа на 29 септември.

Кардиналот, син на чешки имигранти во Канада, кој носи крст направен од дрво на брод со мигранти што слета на италијанскиот остров Лампедуза, рече дека е важно мигрантите да не се обезличуваат. Тој додаде, истакна дека многу Европејци имаат семејна историја на имиграција.

„Срамота е, навистина штета, што по една или две генерации едно семејство може да ги заборави сопствените миграциски корени“, рече тој.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG