Достапни линкови

Талис: АфД го користи незадоволството на Германија, но мнозинството е против „Дегзит“


Бенџамин Талис, експерт во Германскиот совет за надворешни односи (ДГАП)
Бенџамин Талис, експерт во Германскиот совет за надворешни односи (ДГАП)

Мнозинството Германци не би го поддржале „Дегзит“, односно излегувањето од Европската Унија(ЕУ) на што повика ултрадесничарската „Алтернатива за Германија“(АфД), вели за Радио Слободна Европа, Бенџамин Талис, експерт во Германскиот совет за надворешни односи (ДГАП) со седиште во Берлин.

Претходно, Талис работеше во мисиите на ЕУ во Украина и на Балканот.

„Бројот на луѓе во Германија кои ги делат ставовите на екстремната десница останува приближно ист, а тоа не влијае на порастот на популарноста на „Алтернатива за Германија“. Оваа партија има корист од зајакнувањето на чувствата на граѓаните против естаблишментот и желбата да ја вратат контролата (на прашањата кои се однесуваат на нивните животи). Тоа беше слоганот на движењето Брегзит“, вели Талис.

Германците не се за „Дегзит“

РСЕ: Прво, за изјавата на Алис Вајдел, лидерката на германската екстремно десничарска „Алтернатива за Германија“ дека ако дојде на власт, ќе организира референдум сличен на Брегзит за членство во ЕУ, нарекувајќи го заминувањето на Велика Британија од блокот модел за неговата најголема членка - Германија. Дали оваа изјава е само реакција на масовните протести против оваа партија или е долгорочна цел на „Алтернатива за Германија“? Дали мнозинството Германци би го поддржале „Дегзит“, односно излегување од ЕУ?

Талис: Не, повеќето Германци тоа сигурно не го поддржуваат. И клучните политички партии и широкото јавно мислење многу силно го поддржуваат членството на Германија во ЕУ и всушност, Германија да биде клучен дел од Европската Унија, што го допира јадрото на германскиот идентитет во повоениот период, како и германскиот економски успех.

Исто така, секој што ќе погледне наназад на ситуацијата во Велика Британија во последните осум години и вели „тоа е модел за мене“, очигледно има некои проблеми со аналитичкото мислење.

Би бил навистина чуден момент да се одлучиме да излеземе од ЕУ кога повеќето Британци мислат дека Брегзит е грешка. Почнаа да ги гледаат не само економските последици од таквиот потег, туку и политичките, бидејќи јавната расправа беше затруена, а власта парализирана.

Затоа, може да се каже дека, за жал, Велика Британија сега го „жнее тоа што го посеа“, односно се соочува со последиците (од Брегзит).
Значи, ова е очигледно провокација на Алис Вајдел, која имаше за цел да стане ударна вест, што и се случи.

Сепак, таа нејзина изјава укажува на чувство кај некои германски граѓани дека ја губат контролата (на општествените процеси) и мислам дека тоа мотивира голем број гласачи на „Алтернатива за Германија“.

Бројот на луѓе во Германија кои ги делат ставовите на екстремната десница останува приближно ист и тоа не влијае на порастот на популарноста на „Алтернатива за Германија“.

Оваа партија е фаворизирана од зајакнувањето на чувствата на граѓаните против естаблишментот и желбата да ја вратат контролата (на прашањата што се однесуваат на нивниот живот). Тоа беше слоганот на движењето Брегзит.

Затоа, ако германските политичари сакаат да се справат со оваа закана, треба да му го вратат на народот чувството за контрола. Во спротивно, би можеле да се соочат со фактот дека тоа чувство расте. Значи, тоа прашање во вистинска смисла постои, но Дегзит секако не е решение кое мнозинството Германци во моментов би го поддржале.

Поддржувачите на АфД против естаблишментот

РСЕ: Но, од влегувањето во Европскиот парламент во 2014 година, „Алтернатива за Германија“ е во подем. Сега, според анкетите на јавното мислење, таа е втора најсилна партија во земјата. Затоа, нејзиното зајакнување не е прашање на сегашната конјуктура, туку е подлабоко вкоренето, а се повеќе Германци ја поддржуваат оваа партија.

Талис: Да, постои реален проблем овде што многу луѓе чувствуваат дека некој друг владее и прави политика на друго место за некој друг и тие се чувствуваат исклучени од тие контролни механизми.

Значи, постои прашање што треба да се реши. Дел од тоа има врска со економијата, потоа со чувството на исклученост.

Тие, исто така, сакаат да го доведат во прашање консензусот што управуваше со повеќето германски одлуки долги години во ерата по Студената војна, за да укажат на постоењето на различни мислења.

Протести против АфД

РСЕ: Како ги коментирате протестите минатиот викенд на кои учествуваа повеќе од милион луѓе на околу 90 различни места - како знак на се уште силно демократско општество во Германија или на превирањата во земјата, бидејќи трите партии во владејачката коалицијата заостануваат зад „Алтернатива за Германија“ во испитувањата на јавното мислење?

Талис: Тоа е многу интересно прашање. Мислам дека ова е еден од попозитивните знаци во германската политика и јавниот дискурс во последно време.

Имаше многу превирања и незадоволство на кои укажувате, вклучително и протестите на земјоделците. Ова е непобитен позитивен знак дека луѓето цврсто ја отфрлаат политиката на екстремно десничарската партија. Голем број граѓани излегоа на улиците да го искажат ваквиот став.

Но, мислам дека постои и опасност од затишје, чувство на самозадоволство ако премногу Германци мислат дека ова е навистина знак дека нивната демократија е во многу добра и здрава состојба, бидејќи ова е комбинирано опозициско движење против „Алтернатива за Германија“.

Тоа всушност не е опозициско движење против оваа партија и не мора да биде.

Тоа не е вид на стратегија или визија надвор и надвор од продолжувањето на „статус кво“ ситуацијата, па дури и веројатно нема да им користи на повеќето луѓе кои излегоа на улиците да протестираат.

Така што мислам дека има позитивен знак, но и опасност од затишје.

Дер Лајен има визија за разлика од Шолц

РСЕ: Кога станува збор за ЕУ, изборите за Европскиот парламент доаѓаат со ризик од натамошен подем на ултрадесничарските и популистичките партии. Дали би го отежнало справувањето со предизвиците со кои се соочува ЕУ по Брегзит, преку војната во Украина до постигнување консензус за неопходните реформи поради дисонантните тонови од Унгарија и другите земји? Како ќе изгледа ЕУ по тие избори?

Талис: Тешко е да се предвиди, но најверојатно ќе видиме продолжување на актуелните трендови. Во Европскиот Парламент и понатаму ќе доминираат мејнстрим партии, но со сè посилни гласови од екстремната десница и популисти од различни бои.

Загрижен сум што нема веродостојна визија за нашата иднина. Оваа празнина ја користат популистите, кои најмногу гледаат во минатото. Слично на слоганот на Трамп „Направи ја Америка повторно голема“, слоганот на популистите во Европа е „Врати ја контролата“. Постојано се вртиме кон минатото бидејќи не даваме убедлива визија за иднината.

Кога луѓето би се обиделе гледаат напред, би можеле да видат дека има посветла иднина за нивните деца, дека тие би живееле подобро од нас денес. Тогаш ќе имавме сосема поинаква политичка динамика од денес.

Има и такви кои се обидуваат. Меѓу нив е и Урсула фон дер Лајен (претседателка на Европската комисија). Ја разбира геополитичката и безбедносната слика и се обидува да ја усогласи со конкурентноста и просперитетот на Европа. Не секогаш успешно, но се обидува. Споредете го тоа со пристапот на Олаф Шолц (германскиот канцелар). Тој нема визија.

Тоа е простор што го користат популистите и ако навистина не се справиме со тоа, работите во ЕУ само ќе се влошат.

ЕУ мора да ја поддржи Украина

Друг аспект на ова прашање е дека секој кој верува во ЕУ и сака таа да биде силна, треба да ја поддржи и да бара начин да ја обезбеди победата на Украина.

Затоа што без тој геополитички проект кој би ја вклучил Украина, мислам дека Европската Унија прилично ќе се „сопне“.

Ќе има постојан притисок врз нејзиното источно крило поради дестабилизирачките активности на охрабрената Русија. А ние немаме капацитет и нема да го имаме некое време, ниту, искрено, сега инвестираме во него за да се чувствуваме безбедно.

Не нудиме надеж, не покажуваме решителност. Значи, сите овие прашања се собраа во време кога другите актери како крајната десница можат да го искористат овој вакум.

XS
SM
MD
LG