Достапни линкови

Се води ли „хибридна војна“ со приливот на илегални мигранти на границата од Русија до Финска?


Баратели на азил кои пристигнуваат во Русија се транспортираат во прифатниот центар „Јоутсено“ на преминот Нуиџамаа, 16 ноември 2023 година.
Баратели на азил кои пристигнуваат во Русија се транспортираат во прифатниот центар „Јоутсено“ на преминот Нуиџамаа, 16 ноември 2023 година.

Финска ја обвинува Русија за промена на граничната политика. Министерката за внатрешни работи вели дека руската страна можеби се изнервирала од некоја финска активност. Професор по гранична политика, пак, смета дека Финска претерано реагирала и оти тоа е она што Москва сакала да го постигне.

Владата на Финска ја разгледуваше можноста да затвори некои гранични премини со Русија за да спречи влез на луѓе без соодветни документи, изјави на 14 ноември министерката за внатрешни работи на оваа нордиска земја. Два дена подоцна, на 16 ноември, финскиот премиер на прес-конференција рече дека Финска ќе затвори четири гранични премини со Русија почнувајќи од петок навечер, 17 ноември.

Се наведува дека бројот на мигранти на југоисточната граница на Финска и Русија е значително зголемен од август годинава. Финската влада се сомнева дека причината за зголемениот прилив мигранти од Русија е промената на руската гранична политика по влезот на Финска во НАТО, пишуваат светските медиуми.

Промена на граничната политика на Русија?

Финските и руските граничари со години наназад соработуваа во случаите на запирање на лица без соодветни визи или патни документи пред да влезат во која било од двете земји. Меѓутоа, Русија почна да им дозволува на патниците без документи да ја преминуваат границата и да влезат во пограничните зони каде што можат да побараат азил во Финска, пишува агенцијата Асошиејтед прес (АП).

„Јасно е дека овие луѓе добиваат помош за да стигнат до границата. Се чини дека ова е многу свесна одлука“, рече финскиот премиер Петери Орпо.

Пораката на Владата, рече тој, е јасна и ова мора да го сфатиме сериозно и да заштитиме границата.

Според информациите од финските погранични власти, бројот на мигранти кои се појавуваат на границата на Финска со Русија останува низок при што 71 лице пристигнале за една недела во средината на ноември. Половина од луѓето кои дошле биле од Ирак, а останатите од земји како Сирија, Јемен, Турција и Сомалија.

Финската министерка за внатрешни работи Мари Рантанен не можеше да објасни зошто дошло до неочекувана промена на руската гранична политика

„Можеби (руските власти) се изнервирани од некои активности на Финска. За тоа треба да ги прашате руските власти“, вели министерката.

Откако Русија ја започна инвазијата врз Украина во февруари лани, Финска поднесе барање за членство во НАТО и во април стана 21-ва членка на Алијансата.

Затворање на граничните премини на југоистокот

Финска со Русија дели граница долга 1340 километри, што ја прави најдолгата граница во Европа.

Граничните премини на југоистокот на земјата бележат поголем број илегални преминувања од државјани на Сирија, Јемен и Иран, пишува Би-би-си.

Финскиот премиер рече дека премините на југоистокот (Ваалима, Нуиџама, Нирала и Иматра) ќе бидат затворени поради зголемениот број патници без документи додека премините на север (Сала и Вартиус) ќе останат отворени за барања за азил.

Конфискувани велосипеди на границата помеѓу Русија и Финска на граничниот премин Нуиџама, 15 ноември 2023 година.
Конфискувани велосипеди на границата помеѓу Русија и Финска на граничниот премин Нуиџама, 15 ноември 2023 година.

Финските власти соопштија дека луѓето кои пристигнуваат на нивната граница, пред да побараат азил во Финска патуваат илегално во Русија. Премиерот на Финска ја обвини Русија дека ги организира овие пристигнувања на илегални мигранти.

Руска одмазда за соработка со САД

Во средата (15 ноември), претседателот на Финска, Саули Нинисто, вети „многу јасна акција“ за прашањето за пристигнување на илегалните мигранти кои според податоците на граничната служба бележат континуиран раст.

Руските граничари вообичаено ги запираа луѓето без валидни документи и визи за ЕУ на премините кон Финска, меѓутоа во средата Нинисто рече оти верува дека Русија почнала да ги насочува барателите на азил кон Финска како одмазда за плановите на Хелсинки да потпише договор за одбранбена соработка со Вашингтон, пишува Гардијан.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ја отфрли изјавата на Нинисто како „апсолутно неоснована“. Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ, пак, рече дека Москва длабоко жали поради одлуката на Финска да се огради од „претходно добрите билатерални односи“.

Претходно во ноември, граничната стража им забрани на луѓето да ја минуваат границата со велосипед што беше реакција за „странците кои со велосипед патуваат од Русија во Финска, без соодветни патни документи да влезат во Шенген зоната“.

Финска минатата година усвои закон со кој се дозволи граничните премини да престанат да прифаќаат барања за азил во случај на масовна имиграција оркестрирана од друга страна.

Руско-финската граница на преминот Нуиџама, 15 ноември 2023 година.
Руско-финската граница на преминот Нуиџама, 15 ноември 2023 година.

Јуси Лејн, професор по гранични студии на Универзитетот во Источна Финска, смета дека Хелсинки претерано реагирал на рускиот обид да изврши притисок и оти тоа е токму она што Москва го сакала.

„Ова е хибридно влијание што го создаде Русија, а клучен елемент е да се создаде паника. Ако тоа е она кон што стремат, можам да кажам дека го постигнаа со многу малку труд“, рече Лејн, пренесува Гардијан.

Финскиот совет за бегалци соопшти дека правото да се бара засолниште односно азил треба да се почитува без разлика на тоа од каде и како дошле до границата оние што ги поднесуваат барањата.

Стравувања дека „Финска е следна по Украина“

Најавата за затворање на четири гранични премини со Русија дојде по предупредувањата на финските власти за зголемен број илегални мигранти.

Финскиот премиер Петери Орпо на прес-конференција во четврток, 16 ноември, рече дека Финска ќе затвори четири гранични премини со Русија почнувајќи од вечерта на петок, 17 ноември. Владата сакаше да „реагира строго“, рече тој, за она што се смета за „организирана активност“ на Русија, пишува Њујорк Тајмс.

„Финска, како членка на Европската унија и НАТО е една од земјите што ја осудуваат руската инвазија на Украина“, рече тој.

„Затоа сме подготвени за различни активности од Русија, безобразлуци, и оваа ситуација не нè изненадува.“

Финска има околу 5,6 милиони жители и дели 1 300 километри долга граница со Русија, но и „историја на конфликти“.

Руската инвазија на Украина предизвика стравувања во Финска дека таа би можела да биде една од следните цели на Москва. Нејзината влада ја отфрли децениската воена неутралност и брзо се приклучи кон НАТО алијансата, потег што Русија го опиша како „јасно непријателски“.

Но, и пред инвазијата на Украина, прашањето за мигрантите беше болна точка меѓу Хелсинки и Москва. На крајот на 2015 година и почетокот на 2016 година, Финска доживеа мигрантски бран кои бараат азил, а доаѓаа преку руската граница, повеќето од нив и тогаш беа од трети земји. Финските власти и тогаш видоа мешање на Москва во тоа.

„Веројатно е точен впечатокот дека некој ги организира и регулира работите од руска страна“, изјави тогаш финскиот министер за надворешни работи Тимо Соини за државната радио-телевизија.

Претходни искуства со мигрантскиот бран

Финските власти се свесни дека Русија може да испрати повеќе мигранти преку својата најдолга копнена граница со Европската унија, како дел од хибридна тактика за да се обидат да ги совладаат Финците. Москва и претходно ја испроба оваа тактика, пишува Еуроњуз.

Во јануари и февруари 2016 година, речиси 1 000 мигранти пристигнаа на арктичкиот граничен премин меѓу Финска и Русија. Финските власти веруваат дека доаѓањата биле олеснети од руските власти со автобуски превоз и хотелско сместување на патот кон север, а на луѓето им биле дадени упатства да побараат азил откако ќе ја преминат границата.

Настанот нашироко се сметаше за прв и најуспешен руски хибриден напад од ваков вид до земја-членка на ЕУ, иако финските официјални лица и политичари во тоа време не сакаа да користат таква карактеризација.

Финска веќе работи на изградба на дел од граничната ограда, а се планира изградба на 200 километри ограда со зголемен надзор.

XS
SM
MD
LG