Вниманието на светската јавност во 2023 година беше фокусирано на војната на Израел и Хамас и неиспровоцираната воена инвазија на Русија врз Украина. Тоа, покрај домашните случувања, беше центарот на вниманието и на македонската публика.
Читателите на македонскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) и фановите на нашите профили на социјалните мрежи, оваа година во поголем обем од лани ги следеа новинарските видео-прилози на РСЕ од настаните во светот.
Според статистиките, кои покажуваат милионски прегледи, фокусот им бил на војните во Украина и Газа, но и на настаните од регионот. Интеракцијата со публиката не недостасуваше ниту во видеата за борбата за човекови права, уривањето табуа и видеата со „полесна“ содржина...
Страдањата на цивилите во Појасот Газа и Израел најкоментирани
Од нападот на Хамас на неколку цели во Израел и возвратната реакција, видео-сториите за случувањата на Блискиот Исток предничат и според гледаноста а особено според бројот на коментарите. Поддршката за едната или другата страна е поделена, но заеднички се коментарите и реакциите за страдањето на цивилното население на обете страни.
Сепак неколку прилози се издвоија пред другите, а тоа беа видео-приказните за тунелите на Хамас во Газа, која има речиси 900.000 прегледи за седум недели, првите видео-стории за нападите на Израел во Газа, кои беа едни од најсподелевуваните вести од светот на социјалните мрежи, како и сведоштвата на цивилното население, кои имаа и по десетици илјади реакции од македонската публика.
Ова се трите најгледани, најсподелувани и најкоментирани видео-приказни на РСЕ од Израел и Газа:
„Од рајот до пеколот“: Преживеаните го опишуваат нападот на Хамас на фестивалот
Илјадници млади луѓе се забавуваа во раните утрински часови на 7 октомври кога милитантите од палестинската група Хамас, која владее со Газа, упаднаа на музичкиот фестивал Супернова во Израел и отворија оган. „Рајот за секунда се претвори во пекол“, изјави Елад Хаким, кој го преживеа нападот. Над 200 луѓе беа убиени.
Тунелите во Газа: Зошто се изградени и за што служат?
Стотици километри тунели во Газа првично се копани за шверц, но по доаѓањето на Хамас на власт, мрежата е проширена и служи за складирање оружје и за напади врз Израел. Израеслките сили подготвија специјален план за тунелите...
Очајот на една мајка од Газа поради нејзините загинати и ранетите деца
Оваа видео-сторија ги отсликува страдањата на цивилите во војната на Израел и хамас. Сабрин Абу Дака од Газа била жива извлечена од урнатините на куќите погодени во Кан Јунис на 10 октомври. Во болницата дознала дека три од нејзините деца се убиени, две се ранети, а што се случило со шестото дете не знаеше.
Втора година од руската инвазија врз Украина
Војната во Украина, која ја почна Русија, длабоко е влезена во втората година. Жртвите се бројот во стотици илјади и на двете страни, а згора и илјадници загинати и повредени украински цизивили. Бројот на принудно раселени од војната е во милиони.
Приказните на воените инвалиди и сториите за раселените семејства и децата загинати од руските бомби во станбените блокови беа меѓу најгледаните видео-прилози на новинарите и снимателите на РСЕ: Во прво лице, на фронтовските линии, во скривниците, во болниците...
Украински војник без нозе и вид, се надева да прооди и прогледа
Приказната за украинскиот војник кој останал без двете нозе и видот кога возилото во кое бил налетало на анти-тенковска мина, е прегледано над 150.000 пати, со стотици реакции од публиката. Прилогот е снимен во јули, кога војникот беше на рехабилитација со надеж дека повторно ќе оди и ќе му се врати видот.
Со помош на децата, Украинка се справува со загубата на тројца членови на семејството
Јавноста не остана рамнодушна ниту на исповедта на Украинката Тaтјана Ластјович, чиј брат, сопруг и мајка беа убиени во Мариупол на почетокот на руската целосна инвазија. Била бремена во осмиот месец кога дознала дека нејзиниот сопруг е убиен во акција. Но и покрај сѐ низ што поминала, продолжува да живее и да се бори за своите деца.
Од Приштина до Пјонгјанг
Можеби во сенка на двете војни кои ја обележаа 2023 година, но не и помалку важни и актуелни беа случувањата во регионот, особено оние на Косово, како и хуманитарната криза во Нагорно Карабах, поплавите во Грција, средбата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун со рускиот претседател Владимир Путин, терористичките напади во Авганистан, Пакистан...
Тепачка во косовското собрание, нападнат премиерот Курти
Претставници на Демократската партија на Косово во јули физички го нападнаа косовскиот премиер Албин Курти додека тој држеше говор во Собранието. Неколку месеци подоцна во Бањска, во Косово „ѕвецкаше“ и оружје. Настаните од регионот, особено оние во Србија и Косово беа во врвот на листата на најгледани видео-прилози на нашите социјални медиуми.
13-годишно момче од Нагорно Карабах возело три дена со автомобил за да го извлече семејството од регионот
Ерменско момче (13) во октомври извлече седум роднини од Нагорно-Карабах на безбедно во Ерменија, поради масовниот егзодус од регионот. Бидејќи неговиот татко бил далеку за време на борбите, семејството вели дека младиот тинејџер, Гор Хачатријан, бил нивната единствена надеж да стигнат до Ерменија. Напорното патување траеше речиси три дена откако семејството побегна од нивното село Кнапат (на азербејџански познато како Ксанабад) и остави речиси сè зад себе.
Во рускиот вселенски центар, Путин и Ким одржаа разговори за кои Западот се сомнева дека би можеле да се фокусираат на оружје
Рускиот претседател Владимир Путин на 13 септември разговараше со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, кој понуди „целосна и безусловна поддршка“ на неговата земја да ги брани, како што рече, безбедносните интереси на Русија. Северна Кореја може да има десетици милиони застарени артилериски гранати и ракети засновани на советски дизајни кои би можеле да ѝ дадат огромен поттик на руската армија во Украина, велат аналитичарите.
„Дајте вина, хоќу лом“
Кога политичарите се во „неоформално издание“, тоа се настани кои се меѓу напопуларните, а видео-прилозите од тие настани меѓу најгледаните. Во едно такво издание беше и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, заедно со црногорскиот и српскиот претседател на саемот за вино во Белград.
Исто толкаво внимание предизвикаа и видео-приказните на РСЕ за модната ревија на лица со попреченост во Њујорк, уривањето табуа за женските права во Бахреин и Иран, црногорскиот натпревар во лежење, па дури и мечките одомаќинети во едно италијанско село...