Достапни линкови

Гласање во Конгресот и можна забрана за Тик-Ток во САД


илустрација
илустрација

Многу западни земји направија значителни напори во текот на изминатата година за да го ограничат пристапот до Тик-Ток, масовно популарната видео апликација за кратки видео записи во сопственост на кинеската компанија ByteDance, повикувајќи се на безбедносни закани.

На почетокот на март оваа година, клучниот комитет на Претставничкиот дом на САД едногласно го одобри нацрт-законот со кој на кинеската компанија ByteDance и се дадени шест месеци да ја отфрли и продаде апликацијата или ќе се соочи со забрана на Тик-Ток во САД. Евентуалното гласање на Претставничкиот дом се очекува кон крајот на оваа недела, додека претседателот Џо Бајден најави дека е подготвен да го потпише законот.

Сепак, критичарите веруваат дека потенцијалната забрана на Тик-Ток може да се соочи со правни предизвици врз основа на Првиот амандман на Уставот на САД, пишуваат светските медиуми.

Продажба или забрана

Гласањето на Комитетот за енергетика и трговија на 7 март го означи најзначајниот притисок за американско сузбивање на Тик-Ток, апликација која има околу 170 милиони американски корисници, откако претседателот Доналд Трамп неуспешно се обиде да ја забрани апликацијата во 2020 година, објави Ројтерс, додавајќи дека претходните напори имале застој во текот на изминатата година поради големото лобирање на компанијата.

Водачот на мнозинството во Претставничкиот дом, Стив Скализ, на платформата Х рече дека пратениците оваа недела ќе гласаат „за да го принудат Тик-Ток да ги прекине своите врски со Кинеската Комунистичка партија“.

„Тик-Ток“, кој инсистира дека не споделува и нема да споделува кориснички податоци од САД со кинеската влада, тврди дека законот е всушност забрана и не е јасно дали Кина ќе одобри каква било продажба и дали би можела да биде продадена за шест месеци.

„Овој предлог-закон има однапред одреден исход: целосна забрана за Тик-Ток во Соединетите Држави. Владата се обидува да им го одземе уставното право на слободно изразување на 170 милиони Американци“, соопшти компанијата по гласањето на комитетот во Конгресот.

Сепак, портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, го пофали предлогот на Комитетот, велејќи дека администрацијата сака „да го види овој предлог-закон подготвен за да може да стигне до масата на претседателот“.

Во март 2023 година, Комитетот за странски инвестиции во Соединетите Држави предводен од Министерството за финансии, побара од ByteDance да ги продаде своите акции на Тик-Ток или да се соочи со можност за забрана на апликацијата, но не беше преземено ништо, објави Ројтерс.

Долг пат до законот

Предлог-законот беше претставен во Претставничкиот Дом на почетокот на март од страна на претставниците Мајк Галагер и Раџа Кришнамурти и се нарекува „Закон за заштита на Американците од апликации контролирани од странски противници“, напиша магазинот „Тајм“, додавајќи дека иако законот директно не го споменува Тик-Ток, конгресмените силно се фокусираа на таа апликација во нивните изјави за законот.

Законодавците се загрижени дека кинеската комунистичка партија би можела да го користи Тик-Ток како алатка за влијание врз демократскиот процес во САД, или со прикажување и промовирање содржина што ја поддржува нејзината агенда или со собирање податоци за американските корисници.

Сепак, според Тајм, иако нацрт-законот го помина првиот круг на гласање во Комитетот за енергетика и трговија во Претставничкиот дом на 7 март, има уште многу да помине пред да стане закон. Ова потоа ќе треба да се дискутира во Домот, каде што сите членови ќе имаат можност да гласаат. Точниот датум допрва треба да се одреди.

Доколку нацрт-законот биде усвоен во Претставничкиот дом, тој потоа ќе биде претставен пред Сенатот, каде што ќе биде подложен на сличен процес на гласање. Доколку предлог-законот помине и во Домот и во Сенатот, ќе му биде претставен на претседателот Бајден, кој ќе има можност да го потпише или да стави вето на законот.

Доколку биде усвоен, Законот ќе му овозможи на претседателот Бајден да ги идентификува и означи платформите за социјални медиуми контролирани од земји кои се сметаат за непријателски настроени кон САД како закани за националната безбедност.

Ако платформата биде означена како закана за националната безбедност, ќе биде забранета од продавниците за апликации и услугите за веб-хостинг, освен ако не ги прекине сите врски со странската непријателска земја во рок од 180 дена.

Интересите на можните купувачи

Новиот развој на настаните ја затекна компанијата која е сопственик на Тик-Ток, поттикнувајќи го интересот на потенцијалните купувачи и зголемувајќи ја можноста една од најпопуларните апликации во САД наскоро да биде затворена, пишува Вол Стрит Џрнал.

Во последниве денови, некои американски технолошки директори разговараа за купување на Тик-Ток доколку ByteDance се согласи на продажба.

Боби Котик, поранешниот извршен директор на издавачот на видео игри Activision, веќе контактирал со извршниот директор на ByteDance, Џанг Јиминг и изразил интерес за купување, според извор запознаен со ситуацијата. Можната цена се проценува на стотици милијарди долари, додава весникот.

Според извор близок до компанијата,Тик-Ток гледа два начини за да го спречи усвојувањето на овој закон.

Првиот е Сенатот, каде што некои сенатори веќе изразија противење на законодавството што може ефективно да ја забрани апликацијата во САД. Доколку помине и во Домот и во Сенатот и биде потпишан од претседателот Бајден, Тик-Ток исто така може да ја оспори неговата законитост, тврдејќи дека го прекршува Првиот амандман.

Бајден во петокот (8 март) рече дека ќе го потпише нацрт-законот доколку Конгресот го усвои, што би можело да му даде дополнителна динамика во Сенатот. Водачот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер, рече дека забраната „треба да се разгледа“, додека некои сенатори сепак изразија загриженост за обидот на Конгресот да ја забрани апликацијата.

„Мислам дека не треба да ја забраниме сопственоста во компаниите бидејќи не ни се допаѓаат некои од различните влади кои се вклучени, или некои од различните земји“, рече сенаторот Ренд Пол на крајот од минатата недела.

Загриженост за можна цензура

Нацрт-законот, кој напредува исклучително брзо во Претставничкиот дом, предвидува ограничувања не само на Тик-Ток, туку и на која било апликација која наводно е контролирана од странски противници на САД, како што се Кина, Иран, Русија или Северна Кореја и воспоставува процес за Бајден, или кој било иден претседател, да ги идентификува апликациите што треба да бидат забранети според законот.

Сепак, посочува Си-Ен-Ен, граѓанските здруженија ги повикуваат пратениците да гласаат против овој предлог-закон, бидејќи го крши Првиот амандман на Уставот на САД. Некои велат дека дури и ако вистинскиот текст на законот не ги цензурира Тик-Ток или неговите корисници, тој сепак го има како краен ефект задушувањето на слободното изразување.

Важен дел од прегледот на Првиот амандман ќе биде дали пратениците можеле да ги постигнат своите цели преку „помалку рестриктивна алтернатива“ на целосна забрана, рече Џамеел Џафер, извршен директор на Институтот за прв амандман Најт на Универзитетот Колумбија.

Донесувањето закон за приватност со кој се регулира како сите компании, не само Тик-Ток, се справуваат со податоците на Американците, ќе го постигнат истиот резултат без да се покрене загриженост за првиот амандман, рече тој.

Од друга страна, судовите утврдија дека Американците имаат уставно право да примаат странска пропаганда, дури и ако тоа не и се допаѓа на американската влада. Според тој преседан, би било неуставно владата да го забрани Тик-Ток дури и ако тој е директен портпарол на кинеската влада, рече Џафер.

„Ако и дадете на владата овластување да го ограничи пристапот на Американците до пропаганда, тогаш и давате на Владата овластување да го ограничи пристапот на Американците до сè што владата го смета за пропаганда“, смета Џафер.

Забрани низ светот

Притисокот од западните влади врз Ток-Ток се зголеми во текот на изминатата година, бидејќи законодавците и регулаторите се повеќе изразија загриженост дека популарната апликација и нејзината матична компанија, ByteDance, би можеле да ги „стават чувствителните податоци на корисниците, како што се информациите за локацијата, во рацете на кинеската влада“.

Тие укажаа на законите кои и дозволуваат на кинеската влада тајно да бара податоци од кинески компании и граѓани за операции за собирање разузнавачки информации. Тие исто така се загрижени дека Кина може да ги користи препораките за содржината на Тик-Ток како дезинформации.

Тик-Ток долго време ги негираше ваквите наводи и се обидуваше да се огради од ByteDance. И покрај тоа, некои земји го забранија Тик-Ток, пишува Њујорк Тајмс.

Индија ја забрани платформата во средината на 2020 година, што го чинеше ByteDance еден од нејзините најголеми пазари, бидејќи владата пресече 59 апликации во кинеска сопственост, тврдејќи дека тие тајно пренесуваат кориснички податоци на сервери надвор од Индија.

Други земји и владини тела, вклучително и Британија и нејзиниот парламент, Австралија, Канада, Европската Унија, Франција и парламентот на Нов Зеланд, ја забранија апликацијата од официјалните уреди. Во САД, повеќе од 20 држави го забранија Тик-Ток на уредите издадени од владата. Многу колеџи ја блокираа од Wi-Fi мрежите на кампусот, додека апликацијата е забранета од уредите на американската влада што ги користи војската три години.

Сепак, пишува весникот, голем број Американци, вклучително и избрани функционери и големи новински организации, креираат видеа на Тик-Ток.

Дури и самиот Бајден дебитираше во апликацијата за време на „Супер Боул“ во јануари, нагласувајќи ги неговите тековни напори да ја обнови својата поддршка меѓу младите гласачи.

XS
SM
MD
LG