Достапни линкови

Вангел Наумовски - Сликарот од бајките во Даут-пашин амам


Дело на Вангел Наумовски
Дело на Вангел Наумовски

Во Националната галерија на Македонија, во објектот Даут-пашин амам, од 23 декември до 27 февруари наредната 2017 година се одржува голема ретроспективна изложба на охридскиот и светски ликовен гениј Вангел Наумовски. Изложени се над 90 слики од сите негови творечки фази од кои поголемиот дел се во сопственост на неговото семејство, а интересно е и тоа дека неколку по прв пат излегуваат од музејот „Охридска порта“ и по првпат на еден ваков начин ќе ѝ бидат претставени на пошироката културна јавност.

Со името на охридскиот сликар Вангел Наумовски се поврзани повеќе епитети - тој кај нас и во светот е секогаш претставуван како уникатен пример на сликар на чудесниот свет на длабочините на езерото и комплексноста на космосот, на задоволството, жената и љубовта... Неговите поетски слики со виртуозен потег го доловуваат светот на границата помеѓу сонот и јавето, меѓу земјата и космосот, царствата на растенијата и цвеќето, убавините на охридските нимфи. Волшебните светови на соништата на Наумовски се раѓаат од неговиот однос кон природата, опкружувањето, традицијата, митовите и стилски и тематски заземаат издвоено и препознатливо место со специфичното хуманистичко и пантеистичко чувствување на светот и на човекот во него.

Ова, меѓу другото, ќе биде забележано во текстот публикуван во монографијата посветена на големиот македонски уметник Вангел Наумовски. Роден во охридско Скребатно 1924 година, иако самоук, Наумовски се вбројува меѓу малиот број уметници кои достигнале најголема афирмација и надвор од татковината.

Бил член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, а од 1956 година кога по прв пат го претставил творештвото во својот Охрид, преку првата изложба во странство во 1961, па се до неговото заминување во легендите во 2004, под сопственото име или со псевдонимите како НавМуан или ВанСан, Сараван или Скребатски, под кои творел, тој имал повеќе бележити самостојни и групни постановки за кои добил бројни награди и признанија.

Така на пример во 1974, Наумовски е награден со „Гран при“ за сликарство од Колекцијата „Винстон" во Женева, ја добил наградата за сликарство „Нерешки мајстори" на ДЛУМ, а во 1979 година станал и член на италијанската „Academia Italia de belle Arti e del Lavoro“, од каде што е номиниран и за академик. Во Италија е награден и со „Премио д’ Италиа 1980“ и така со ред. Безмалку во недоглед.

Но она што е исклучително важно е тоа што Наумовски, иако набркан од Средното уметничко училиште како „неталентиран“, подоцна со автентичниот и препознатлив ликовен израз надвор од уметничките трендови, секогаш бил актуелен, сензибилен и повеќестрано креативен. За мнозина и ден денес е вистинска мистерија неговиот потез со четката, ана почеток, иако бележан во историјата на македонската (и пошироко, на југословенската) ликовна уметност како најистакнат претставник на т.н. „наивна уметност“, определби што се менуваат подоцна заради констатациите за неговото тежнеење кон фантастичниот надреализам, израснува во великан за кого еден Салвадор Дали, по посетата на изложбата на Наумовски во Париз во 1970 година, восхитен ќе изјави: „Ова е сликар од бајките!!!“

„Многу ми е драго што оваа изложба се случува во Даут-пашин амам и ги опфаќа сите творечки фази на Наумовски од почетоците до крајот. Ваква ретроспектива со сите творечки фази се одржала во Музејот на современа уметност во Скопје во 1969 година, а од тогаш до денес е поминато скоро половина век. Тој имал повеќе самостојни претставувања, едно од најголемите е во 1981 година во тогашната Уметничката галерија - Скопје со циклусот „Галаксии“, а имал и помали претставувања во различни други галерии во Македонија“, ќе рече во пресрет на отворањето на Ретроспективата кураторката Маја Чанкуловска-Михајловска.

Таа дополнува дека во оваа фаза истражувачкиот проект се потпира на делата на Вангел Наумовски што постојат во Република Македонија од кои поголемиот дел се во сопственост на неговото семејство, а преостанатите се отстапени од приватни лица и од установи, како Националната галерија на Македонија, Град Скопје, Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица и Завод и Музеј од Охрид.

Интересно е и тоа што на отворањето на изложбата беа презентирани и литературното творештво ( поезијата и прозата) и музиката што ги создаваше и споделуваше Вангел Наумовски, а беа прикажани и снимените филмови за него од автори како Александар Ѓурчинов, Кирил Темков и Гордана Бошњаковска.

Конечно со оваа ретроспективна изложба за годинава се заокружува концептот на Националната галерија да ги претставува уметниците што се застапени во постојаната поставка и во колекцијата на македонската ликовна уметност на оваа национална установа во чии рамки во изминатиот период ги видовме постановките посветени на Решат Амети, Омер Калеши и Спасе Куновски, а како следни исчекори се предвидени оние што ќе ги слават творечките изблици на великани како Борко Лазевски и Петар Мазев.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG