Достапни линкови

Kрвопролевање во Сирија


Сиријските вооружени сили ги напаѓаат демонстрантите кои се насобраа на погребни церемонии за жртвите од протестите во петокот, тврдат очевидци. Медиумите јавуваат дека вчера биле убиени 90 лица.

Петмина загинале во Сирија денеска откако снајперисти стрелале кон толпа демонстранти кои се насобрале на погребална церемонија, тврдат очевидци. Новинската агенција АФП јави дека снајперисти позиционирани на покриви на згради пукале кон демонстрантите во предградие на Дума. Демонстрантите во градот Ерзех тврдат дека вооружените сили убиле две лица кои присуствувале на погреб. За сега нема официјална потврда за овие сведочења.

Обама: Насилството да престане

Крвавото задушување на протестите во Сирија мора да престане, изјави американскиот претседател Барак Обама. Изјавата на првиот човек на САД следи по извештаите дека сиријските безбедносни сили убиле 75 демонстранти во до сега најкрвавите судири во градот Дера на југот на земјата. Обама го окарактеризира како несериозен потегот на претседателот Башар Ал Асад за укинување на законот за вонредни состојби и го обвини за барање помош од Иран.

Различни проценки за бројот на загинати

Меѓународната „Амнести Интернејшнал“ јави дека 75 лица биле убиени во вчерашните протести против владеењето на Асад, чија партија е на власт веќе неколку децении.

Сиријска организација која ги организира демонстрациите, пак, тврди дека 88 жители на земјата загинале во судирите со вооружените сили.

Медиумите јавуваат дека во вчерашните судири биле убиени 90 лица.


Сиријската државна агенција, од друга страна, јави дека безбедносните сили употребувале само водени топови и солзавец и оти неколку лица биле повредени, меѓутоа од Сирија се појавија видео материјали и фотографии на кои е прикажано како се пука со огнено оружје врз демонстрантите, а тоа го тврдат и очевидци.

Претходно, хуманитарните организации и активистите за човекови права проценуваа дека од почетокот на немирите минатиот месец до вчерашниот инцидент, загинале повеќе од 200 луѓе.

Реакции од Европа

Секретарот за надворешни работи на Обединетото Кралство Вилјам Хејг рече дека е „неприфатливо убивањето на демонстрантите од страна на сиријските безбедносни сили“. Шефот на Европскиот парламент Јиржи Бусек исто така го осуди насилството во арапската република во западна Азија.

Реформите останаа на хартија?

Во четвртокот, претседателот Асад потпиша указ со кој се укинува спорниот Закон за вонредни состојби во земјата. Со укинувањето на неколку децениската легислатива се предвидува затворање на државните безбедносни судови, со што им се дозволува на жителите на Сирија мирно да протестираат. Насилното растурање на протестите во земјата вчера и сведоштвата за ново насилство денеска евидентно ја засенуваат делотворноста на ваквата одлука на државниот врв.

Државни службеници поднесуваат оставки

Немирите натераа втор државен службеник да поднесе оставка од функцијата денеска. Кали ал Рифаеи, претставник на локалната власт во градот Дара, му се придружи на неговиот колега Насер ал Харири и се повлече од државната функција. Рифаеи ја најави својата оставка во етер, во изјава за телевизијата „Ал Џезира“.
XS
SM
MD
LG