Достапни линкови

Вести

Критики за Бајден зошто нема коментар за студентските протести во американските универзитети

Протест на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA), 1 мај 2024 година
Протест на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA), 1 мај 2024 година

Американскиот претседател Џо Бајден допрва треба да ги коментира студентските протести и полицискиот одговор додека републиканците се обидуваат да ги искористат немирите во кампусот поради војната во Газа во кампања против демократите.

По неколку години спорадични студентски протести и маршеви низ градовите, кревајќи го својот глас за расна правда, борба против климатските промени и воведување контрола на оружјето, протестите поради војната во Газа на универзитетите низ САД не престануваат, дури и откако полицијата на некои од кампусите ги уапси демонстрантите.

Универзитетот Колумбија, каде што започна сè, ги суспендираше студентите по ќор-сокакот во преговорите за прекин на демонстрациите.

Тензиите на колеџите и универзитетите продолжуваат да се зголемуваат бидејќи некои демонстранти одбиваат да ги отстранат камповите, а администрациите се обраќаат до полицијата за да ги расчисти насилно, што доведе до судири кои го привлекоа вниманието на политичарите и медиумите.

Протестите беа предизвикани од гневот поради израелската офанзива на Газа, во која загинаа повеќе од 34 000 Палестинци. Израел ја започна офанзивата откако околу 1200 Израелци и странци, главно цивили, беа убиени, а 253 други беа однесени во Газа како заложници кога

Хамас, прогласен за терористичка организација од САД и Европската Унија, ги нападна израелските позиции на 7 октомври минатата година во близина на границата со Појасот Газа.

Последниот јавен коментар на Бајден дојде пред повеќе од седум дена, кога ги осуди „антисемитските протести“ и „оние кои не разбираат што се случува со Палестинците“.

Белата куќа, која беше бомбардирана со прашања од новинарите, отиде само малку подалеку од претседателот.

Во средата, 1 мај, портпаролката Карин Жан-Пјер рече дека Бајден „внимателно ја следи ситуацијата“ и дека некои демонстрации ја преминале границата што ја дели слободата на говор од незаконското однесување.

„Насилното преземање на зграда“, како она што се случи на Универзитетот Колумбија во Њујорк, не е мирно“, рече таа.

Републиканците ги обвинуваат демократите за немирите и ги користат за критики на прес-конференции.

„Потребно ни е претседателот на Соединетите Држави да зборува за ова прашање и да каже дека ова е погрешно“, рече претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, републиканец од Луизијана, на 30 април.

„Она што се случува на колеџските кампуси во моментов не е правилно“, рече Џонсон.

Тој ја посети Колумбија минатата недела со другите членови на клубот. Републиканците во Домот се судрија со демонстрантите додека тие разговараа со медиумите на Универзитетот Џорџ Вашингтон во Вашингтон на 1 мај. И поранешниот претседател Доналд Трамп, веројатниот претседателски кандидат на неговата партија на изборите во ноември годинава, исто така го критикуваше Бајден во интервју на Фокс њуз.

види ги сите денешни вести

Делови од Нова Каледонија надвор од државна контрола

Последици од немирите во Нова Каледонија, 16 мај 2024 година
Последици од немирите во Нова Каледонија, 16 мај 2024 година

Области на пацифичката територија на Нова Каледонија „се надвор“ од државната контрола, изјави денеска претставник на француската влада, најавувајќи нови безбедносни распоредувања по неколкудневното смртоносно насилство.

„Ќе пристигне засилување... за да ги контролираме областите што не се под наша контрола во изминатите денови “, изјави на брифинг високиот комесар на Републиката во Нова Каледонија, Луј Ле Фран.

Вонредна состојба беше воведена на францускиот архипелаг откако противењето на планот на Париз за промена на правилата за гласање таму прераснаа во подметнување пожар, грабежи и насилство, при што загинаа пет, а стотици беа повредени.

Како дел од вонредната состојба, приведени се околу 200 од околу 5000 „бунтовници“, соопштија француските власти.

Едно лице осомничено за убиство им се предаде на властите, рече Ле Фран на денешниот брифинг.

Немирите започнаа кога француските пратеници ги одобрија плановите да им се дозволи на оние кои се преселиле на територијата пред најмалку 10 години да гласаат на локалните избори.

Русија тврди дека неутрализирала повеќе од 100 украински дронови во ноќните напади

илустрација
илустрација

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека повеќе од 100 украински беспилотни летала се уништени или пресретнати ноќеска во напади на југозапад на руската територија и на полуостровот Крим.

Министерството соопшти дека армијата неутрализирала 51 дрон над Крим, 44 над регионот Краснодар, шест над регионот Белгород и еден над регионот Курск.

Во текот на ноќта, поморската противвоздушна одбрана и патролни бродови на Црноморската флота уништија шест поморски беспилотни летала во водите на Црното Море.

Руската армија редовно објавува дека одбила ноќни напади на украински беспилотни летала, но ретко се наведува толкава бројка, јавија западни медиуми.

Гувернерот на Белгородската област, која граничи со Украина, претходно денеска објави дека мајка и четиригодишно дете загинале при напад со беспилотно летало врз селото Октјабарски.

Шпанија не дозволи брод со оружје за Израел да се закотви во Картагена

илустрација
илустрација

Шпанија не дозволи брод што носи оружје за Израел да се закотви во југоисточното пристаниште Картагена, изјави синоќа министерот за надворешни работи Хозе Мануел Албарес.

Тој потврди дека бродот „Мариана Даница“ (Marianne Danica) кој превезува оружје во Израел побарал дозвола да се закотви во Картагена на 21 мај.

Албарес истакна дека забраната за шпанските пристаништа е во согласност со политиката на Мадрид да не го извезува своето оружје во Израел од почетокот на војната во Појасот Газа.

„Одбивме да дадеме дозвола за закотвување и тоа ќе биде конзистентна политика со секој брод што превезува израелско оружје, а сака да се закотви во шпански пристаништа“, посочи Албарес.

Шпанскиот весник „Ел Паис“ објави дека бродот превезува речиси 27 тони експлозивен материјал од Мадрас, Индија.

Новата влада ќе го репреговара договорот со „Бехтел и Енка“

Означување на почетокот на изградбата на автопатиштата од Коридорите 8 и 10д што ги градат „Бехтел и Енка“
Означување на почетокот на изградбата на автопатиштата од Коридорите 8 и 10д што ги градат „Бехтел и Енка“

За договорот со „Бехтел и Енка“ има две опции - да се раскине или да се репреговара. Едната е да се раскине договорот и да се оди на арбитража, да платиме стотици милиони евра и да немаме автопат, а втората е да се оптимизира договорот за што веќе имаме почетни разговори, со што би се забрзал и реализирал проектот, изјави Христијан Мицкоски, иден мандатар и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на 16 мај.

„Ние сме повеќе за прагматичниот пристап, граѓаните да добијат автопат, но оптимиран, но ваков каков што е, потпишан од оваа влада, за жал, е во одерена мерка неприменлив поради големите правни проблеми, проблеми со експропријација и технички проблеми. Мојата порака е дека како идна влада сакаме да градиме, а не да рушиме“ рече Мицкоски.

Тој најави и дека во првите сто дена новата влада ќе објави гринфилд инвестиција во енергетиката, вредна 400 - 500 милиони евра.

Мицкоски кажа дека станува збор за приватен капитал, „за голем играч со исклучително големи европски финансиски институции во акционерската структура“. Обртот на компанијата би била околу 80 - 100 милиони евра по основа на продадена електрична енергија и истргувани зелени сертификати, а договорот со неа е завршен.

Според Мицкоски, ќе се произведува околу еден терават час електрична енергија што е една третина од производството на РЕК Битола.

На прашањето дали Унгарија е земјата со која Северна Македонија ќе повлече заем до една милијарда евра, Мицкоски одговори дека се работи за европска држава, која граѓаните многу наскоро ќе ја дознаат.

„Заемот до една милијарда евра под исклучително поволни услови, кој би се повлекол со друга држава, на ниво влада со влада, за финансирање на лошите договори на актуелната влада, државите кои ги спомнуваа не се тие“, рече Мицкоски.

Проектот за градба на делниците од коридорите 8 и 10Д вклучува седум клучки, 34 мостови, 34 надвозници, 24 подвозници, над 21 милион метри кубни ископ, над 10 милиони метри кубни земјени насипи, 620.000 метри кубни бетон, 2,2 милиони метри куби подлога, 1,1 милион тони асфалт над 6000 и 320 км заштитна ограда.

Јеменските Хути ќе ги таргетираат сите бродови што пловат кон Израел

Нафтен танкер погоден од Јеменските Хути
Нафтен танкер погоден од Јеменските Хути

Сите бродови кои пловат кон израелските пристаништа ќе бидат цел на јеменските Хути поддржани од Иран, а не само во регионот на Црвеното Море, рече водачот на групата, Абдул Малик ал-Хути, во телевизиски говор на 16 мај.

Групата се закани дека ќе ги прошири своите напади врз бродовите кои пловат кон израелските пристаништа на Средоземното Море, во кампања на солидарност со Палестинците за време на израелската војна со милитантната група Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација.

Ел Хути ги повика Кина, Русија, азиските и европските земји да не превезуваат стока до израелските пристаништа.

Хутите претходно изјавија дека нивни главни цели се Израел и неговите сојузници САД и Велика Британија.

„Секој мора да престане да транспортира до окупираните палестински пристаништа“, рече Ел Хути.
Милитантната група што тој ја предводи влезе во војната меѓу Израел и Хамас во декември 2023 година, напаѓајќи бродови на виталните водни патишта и напади со беспилотни летала и проектили кон Израел.

Нападите на Хат ги зголемија трошоците за испорака и осигурување со прекин на клучната трговска рута меѓу Азија и Европа, принудувајќи ги бродските компании да се пренасочат кон подолги и поскапи патувања низ јужна Африка.

Талат Џафери: Има обиди за изборен инжинеринг

Талат Џафери, технички премиер на Република Северна Македонија
Талат Џафери, технички премиер на Република Северна Македонија

Имам добиено извештаи од учесниците во изборниот процес за вознемирување во однос на обиди за изборен инжинеринг со вон-институционален меѓупартиски договор за гласање и надгласување во Државната изборна комисија (ДИК), во врска со симптоматичните приговори поднесени од страна на учесниците во изборите, рече техничкиот премиер Талат Џафери на прес-конференција на 16 мај во Владата.

„Според извештаите, овие претензии за изборен инжинеринг имаат за цел менување на соодносот на бројките во Собранието, преку политички договор на маса. Кредибилноста на изборите и на демократскиот процес, прифатен и поздравен од сите партии и од меѓународната заедница, сега е во рацете на Управниот суд. Ги поканувам сите институции да постапат согласно законот, без партиски и политички директиви од која било страна и да го штитат кредибилитет на изборниот процес до крај“, рече Џафери на прес конференцијата.

На две пратенички столчиња се надеваат четворица кандидати за пратеници од три изборни коалиции, по одлуката на ДИК да се прегласува во седум избирачки места од две изборни единици по спроведените парламентарни избори на 8 мај.

На 17 мај, кога истекува рокот за одлучување по доставени жалби до Управниот суд, ќе се знае дали има основ за да се прегласува во седум избирачки места, од кои шест во изборна единица 5 и едно избирачко место во изборна единица 6.

Според изборните правила, доколку се прегласува на оние места каде што се запишани околу илјада гласачи, тоа би можело да влијае врз избориот количник. Право на глас по втор пат на паралментарните избори ќе имаат над четири илјади граѓани, и нивниот избор може да го промени за две пратенички места распоредот на силите во Собранието.

Коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, поднесе жалба до Управниот суд за одлуките на Државната изборна комисија која прифати приговори за неправилности на седум избирачки места, на кои може да има повторно гласање. Доколку Управниот суд ги одбие жалбите на Европскиот фронт, Државната изборна комисија ќе треба да одлучи дали ќе има повторно гласање на овие седум избирачки места.

Според првичните изборни резултати, ВМРО-ДПМНЕ осво 58 пратенички места, ДУИ доби 19, додека СДСМ има 18. Од коалицијата Влен во собранискиот состав влегуваат со 13, а партиите Левица и ЗНАМ со по 6 пратеници.

Мицкоски: Мое човеково право е како ќе ја нарекувам мојата држава

Северна Македонија - Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Сиљановска - Давкова, претседателка на Република Северна Македонија
Северна Македонија - Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Сиљановска - Давкова, претседателка на Република Северна Македонија

Достоинствена беше заклетвата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, очекував честитка од јужниот сосед за убедливиот триумф, но за жал, добивме политички мускули, изјавипретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар Христијан Мицкоски на 16 мај.

Според Мицкоски, ако Грција смета дека земјава го прекршила Преспанскиот договор, постои Меѓународен суд за правда.

Тој потсети и дека нашата држава во целост го има имплементирано Преспанскиот договор, „а кај јужниот сосед не се завршени ни основните три работи“.

„Ако некој очекува од ВМРО-ДПМНЕ да ги повтори грешките од минатото, бидете сигурни дека тоа нема да го направиме. Немаме намера на нивните политички мускули да одговориме со преименување на автопатите и аеродромите или да градиме споменици. Не очекувам односите меѓу двете држави да се темелат на политички мускули, очекувам да имаме одлични меѓусоседски односи. Ценам дека ВМРО-ДПМНЕ и тамошната влада предводена од Нова Демократија имаат свој став поврзан со Преспанскиот договор, бидејќи ниту на едните, ниту на другите ни се допаѓа тој договор“, рече Мицкоски.

За разлика од таму, нагласи, Преспанскиот договор тука е дел од македонските институции, од македонскиот Устав и законите.

„Многу пати во минатото сме кажале дека тоа е реалност. Комуникацијата во македонските инститиуции останува согласно Уставот и законите, но мое основно човеково право е како ќе ја нарекувам мојата држава. И додека давам изјави или се обраќам, и јас, а очекувам тоа да биде начин на однесување и на Сиљановска, да се користат термините Македонија и придавката „македонски“, бидејќи на тој начин, според нашето толкување на Преспанскиот договор, нема негово прекршување. Ако тие мислат дека сме го прекршиле Преспанскиот договор, постои Меѓународен суд за правда, може да почнат процес па таму ќе ги вкрстиме и едните и другите аргументи. Не би сакал до тоа да дојде. Повикувам на добрососедски и пријателски односи, рече Мицкоски.

Тој повика на добрососедски и пријателски односи со Грција и апелира да нема веќе закани, опструкции и враќање назад во минатото, туку двете страни да гледаат кон иднината. Рече и дека наскоро очекува средба со грчкиот премиер со кој би разговарал за економијата, туризмот, образованието...

Кога ја даваше свечената заклетва во Собранието, Сиљановска-Давкова употребуваше само Македонија за името на државата, без додавката „северна“. Тоа предизвика реакции од меѓународната заедница и од властите во Грција и во Бугарија.

Пораката е дека од почитувањето на Договорот од Преспа постигнат со Грција во 2018, како и Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017, зависи и понатамошниот пат на Северна Македонија кон полноправно членство во ЕУ.

Мицкоски: Успешно консолидиравме 61 пратеник

Северна Македонија - Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Скопје, 8 мај 2024 година
Северна Македонија - Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Скопје, 8 мај 2024 година

Покрај 58 пратеници на коалицијата, имаме консолидирано точно 61 пратеник, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар, Христијан Мицкоски на 16 мај.

„Како ВМРО-ДПМНЕ и коалиција „Твоја Македонија“ ги завршуваме разговорите со неколку од пратениците кои не се дел од коалицијата „Твоја Македонија“ и можам да кажам дека во моментов успешно консолидиравме 61 пратеник, не можам да кажам детали“, изјави Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања пред затворењето на Самитот Македонија 2025, Мицкоски информира дека разговорите со коалицијата„Вреди“ се водат во вистинска насока.

„Нашата втора цел е заедно со коалициските партнери да успееме да консолидираме две третини во Собранието. Потребни се затоа што имаме намера да направиме сериозно реструктуирање и реекипирање на владиниот кабинет“, изјави Мицкоски.

Претходно се одржа и средба меѓу работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ за преговори за формирање коалиција за нова влада.

Пред почетокот на состанокот куса изјава за медиумите даде Азир Алиу од Алијансата за Албанците на Арбен Таравари, кој кажа дека ќе се разговара за методологијата и динамиката на работа на овие групи.

Одговарајќи на новинарски прашања Алиу речи дека најверојатно од наредниот состанок на работните групи ќе почнат поконкретните разговори вклучувајќи ги и кадровските решенија.

Алиу на состанокот на работните групи во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ дојде заедно со другите членови на работната група од оваа коалиција. Според информациите на ВМРО-ДПМНЕ, членови на работната група од нивна страна се потпретседателите на партијата Владо Мисајловски, Александар Николовски, Тимчо Муцунски и Гордана Димитровска Кочовска.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со потпретседателите и првите луѓе од партиите од коалицијата Вреди Изет Меџити, Африм Гаши и Арбен Таравари имаа средба во саботата во седиштето на коалицијата “Вреди“ кога и официјално почнаа разговорите за формирање влада.

Според роковите во Уставот, Владата би требало да биде предложена најдоцна до крајот на јуни. Таа треба да биде изгласана со мнозинство од 61 пратеник од вкупно 120 во Собранието.

Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 436.036 гласови на парламентарните избори на 8 мај, речиси тројно повеќе од коалицијата на СДСМ, кој ја предводеше Владата на Северна Македонија по последните седум години.

Грција e против логиката на Сиљановска-Давкова за употреба на уставното име формално, но не и во јавни настапи

Северна Македонија - Инаугурација на Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Северна Македонија, Скопје, 12 мај 2024 година
Северна Македонија - Инаугурација на Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Северна Македонија, Скопје, 12 мај 2024 година

Неприфатлива за Грција е логиката на Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Северна Македонија, да го употребува уставното име во формална комуникација, но не и во јавни настапи, рече Павлос Маринакис, портпарол на грчката влада, пренесе МИА.

Маринакис рече дека кога станува збор за највисоката позиција, за позицијата претседател на државата, „за еден од столбовите на демократијата на една земја, не можеме да говориме за двоен јазик и лично право“.

„Мислам дека е лицемерно ова да се кажува и да се слуша. За некои работи, каде што треба, ќе бидеме формални, а во нашите јавни настапи ќе го правиме она што сакаме или затоа што веруваме во тоа или затоа што ѝ служиме на нашата публика. Ова не може да биде прифатено од Грција, ниту од која било друга сериозна земја. Кога велиме дека треба да се согласиме дека треба да се почитува еден договор, затоа што таква е нашата обврска од фактот што е ратификуван овој договор, да го правиме тоа во сите наши формулации“, рече Маринакис.

За трите меморандуми за соработка кои СИРИЗА вчера ги достави во грчкиот Парламент, владиниот портпарол рече дека е „еден од најнесфатливите потези на опозицијата“,

„Ниту еден грчки граѓанин не сфаќа на што му служи оваа постапка, зошто такво брзање. Од моментот кога претседателката на Северна Македонија не ја прифаќа основната, првата точка од Договорот, главната опозиција во Грција сака ние сè да направиме, сè да изгласаме“, рече Маринакис и додаде дека доколку видат соодветна позиција од новата Влада, тогаш ќе влезат во конкретната дискусија.

Кога ја даваше свечената заклетва во Собранието, Сиљановска-Давкова употребуваше само Македонија за името на државата, без додавката „северна“. Тоа предизвика реакции од меѓународната заедница и од властите во Грција и во Бугарија.

Пораката е дека од почитувањето на Договорот од Преспа постигнат со Грција во 2018, како и Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017, зависи и понатамошниот пат на Северна Македонија кон полноправно членство во ЕУ.

Уапсен маж во Србија кој му се заканувал на Вучиќ

Србија - Александар Вучиќ, претседател на Србија, 8 мај 2024 година
Србија - Александар Вучиќ, претседател на Србија, 8 мај 2024 година

Маж во Србија е уапсен поради закана за загрозување на безбедноста на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, на 16 мај изјави дека е уапсен Д.М. од Сомбор.

„Полицијата доби наредба да му биде задржан 48 часа“, рече Дачиќ.

Од Министерството за внатрешни работи на Србија не кажаа повеќе детали.

Радио-телевизијата на Србија (РТС) објави дека под објавата на претседателот на Србија на мрежата Икс (поранешен Твитер) се појавиле заканувачки пораки до Вучиќ откако тој изјави дека е шокиран од обидот за атентат врз словачкиот премиер Роберт Фиц.

Вучиќ кажа дека жителот на Сомбор, кој беше уапсен поради закани преку социјалните мрежи, претходно извршил околу 50 кривични дела, меѓу кои и разбојништва и тешки кражби.

„Тој човек ги правеше најтешките злосторства секој ден од својот живот - од грабеж до тешка кражба“, изјави Вучиќ за новинарите во Котор, каде што учествуваше на самитот за Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, пренесе агенцијата Бета.

Според пишувањата на медиумите, полицијата во јануари уапсила и Борчанец кој преку социјалната мрежа Икс му се заканувал на претседателот на Србија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG