Достапни линкови

Дигитализација, а не полиграф за спречување на корупција во царината


Богоев: Гужвите на границите се создаваат на пасошка, а не на царинска контрола
please wait

No media source currently available

0:00 0:16:13 0:00

Богоев: Гужвите на границите се создаваат на пасошка, а не на царинска контрола

Директорот на царина, Стефан Богоев смета дека полиграф не е решение за корупцијата кај вработените, би се потпрел на сигурни механизми и практики. Признава дека има корупција меѓу цариниците, па очекува да се проверува и нивната имотна состојба, а самата управа веќе поднела кривични пријави.

Вработените во Царинската управа се посочени како едни од најкорумпираните. Последниот предлог кој го има Националниот координатор за гранично управување е тие секоја година да бидат ставени на полиграф. Дали сметате дека ова е решението за корупцијата во редовите на царина?

Не сум сигурен дека на тој начин ќе се реши прашањето со корупцијата. И покрај тоа што веќе имам кажано дека оставам стручната јавност да одлучува во делот на полиграфското тестирање и колку точност има полиграфот бидејќи ако на некого врз основа на тоа му го прекинете договорот, а тој нема 100% точност можете навистина некому животот да му го уништите.

Се работи за човечки судбини, не е само да го прекинеме договорот за работа. Ако го прекинеме врз основа на полиграф, односно врз презумција дека вие сте криминалец тоа значи многу повеќе за човек и за неговото семејство отколку само прекинување на работниот однос.

Од тука би се потпрел само на механизми и практики кои со сигурност кажуваат дали некој е корумпиран или не. Она што е многу битно и што го кажуваат колеги од други царински управи еве на пример од Република Кореја велат дека најдобар начин да се справиш со корупција е со дигитализација.

Со воведување на нови системи на тој начин што помалку работи во царината ќе зависат од човечки фактор. Да биде компјутеризирано, да биде се дигитализирано и на тој начин да се пресметуваат давачки, вредност, потекло на стока и слично, на тој начин се елиминира можноста од корупција.

Повеќе би ставил акцент на вакви практики и тоа е тоа што го договараме во проектите со Јужна Кореја, отколку на некакво полиграфско тестирање. Но, ќе оставиме стручната јавност да види. Сепак тоа на крајот од денот, доколку се случи, треба да оди во Собрание и таму ќе одлучуваат пратениците.

Минатата година, од страна на тогашниот премиер и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски беше најавено да се спроведе некаков ветинг врз вработените во Царинската управа. Дали со ова се согласувате, да се проверуваат анкетните листови за имотната состојба на вработените?

Царинската управа е една од малкуте, можеби и единствена по моја информација институција во државата во која што вработените поднесуваат анкетен лист. Јас како директор или пратеник или градоначалник или министер сме должни да поднесеме анкетен лист.

Меѓутоа во оваа институција и вработените се должни да поднесат анкетен лист за тоа со колку имот располагаат во моментот кога тука се вработуваат, да направат задолжителна измена во тој анкетен лист во моментот кога ќе имаат промена во анкетниот лист, дали нешто купиле, дали нешто продале и кога ќе си заминат во пензија или ќе си дадат отказ или си заминат на друго работно место, да дадат и анкетен лист со кој си заминуваат. Доколку има промени кои не се соодветни на нивните примања треба да објаснат.

Но, јавноста нема увид во овие податоци за разлика од функционерските?

Да, така е нема, меѓутоа ние во соработка со Државната комисија за спречување на корупција веќе имавме состанок, а сега планираме и со новиот состав на ДКСК разговаравме на тема во нивниот софтвер во кој институциите како катастар, банки и слично каде што може да има некаков имот да се вмрежува и самиот систем да алармира кога некој ќе има промена во имотниот лист.

Не човекот сам да каже „еј видете купив возило дајте да го пријавам туку самиот систем да алармира дека некој купил возило а не го пријавил. Нашето барање беше и нашите вработени да бидат дел од тој систем. Имаше позитивен сигнал од ДКСК, така што кога нашите вработени ќе станат дел од овој софтвер на ДКСК, јас како директор и Царинската управа автоматски ќе добиваме во реално време информација кога некој од вработените купил нешто и дали го пријавил.

Факт е дека имаме проблем со корупција во редовите на царината. Ќе бидам нечесен и нефер ако тоа не го признаам бидејќи и јас знам дека тоа е така. Практично тоа е и мојата заложба нулта толеранција на корупција од надвор но и нулта толеранција на корупција внатре.

Бидејќи за танго се потребни двајца, треба и некој внатре во царината за тој некој надвор од царината нешто да прошверцува, да криумчари за да избегне некакви давачки и со тоа за себе да прибави некаква имотна корист.

Дали сега внатрешната контрола ги санкционира коруптивните случаи, има ли некого казнето?

Постои цел сектор за професионална одговорност кој што води истраги внатре. Кога има индиции за корупција тие истраги можат да завршат со дисциплинска постапка, со казна од плата, можат да завршат со суспендирање, а може да завршат и со прекинување на работен однос.

Но, може да завршат и со кривична пријава. Овој сектор внимавајте води внатрешни истраги за корупција кои што можат да завршат со кривични пријави и имало такви случаи во минатото.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG