Достапни линкови

Вести

Обвинителството ќе вештачи, па ќе одлучува за внукот на Ахмети

Зградата на Јавното обвинителство и ОЈО Скопје
Зградата на Јавното обвинителство и ОЈО Скопје

Како ќе се постапува во случајот со Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети, обвинителството ќе одлучува откако ќе се направи вештачење на пиротехничките средства со кои тој синоќа (30 декември) беше фатен во Скопје.

„За настанот е известен јавен обвинител. Во зависност од фактите кои ќе бидат утврдени со вештачења на пронајдените пиротехнички средства јавниот обвинител ќе одлучува за натамошниот тек на постапката“, велат од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.

Дрин Ахмети синоќа беше приведен откако во автомобил „ренџ ровер“ со албански регистрации, со кој тој управувал, беа пронајдени пиротехнички средства.

Од Министерството за внатрешни работи објавија дека при преглед на возилото биле пронајдени 749 парчиња пиротехника.

Приведувањето на 25-годишниот Дрин Ахмети се случило на улицата „Самоуилова“ во Скопје околу 20 часот на 30 декември 2023 г.

Името на внукот на Ахмети стана познато во јавноста во јуни годинава, кога беше објавено дека го купува деловниот објект „Соравија“ во центарот на Скопје вреден милиони евра. Тогаш не беше објавено колку чини купувањето на трговскиот центар, туку само дека има долг од над 20 милиони евра.

Со свои 25 години, внукот на Ахмети има повеќе бзниси. Покрај купувањето на Соравија преку компанијата „Тор индустрис“, Дрин Ахмети преку друга негова компанија, „Еверест ЏД“ поседува и активна концесија за експлоатација на варовник во Зајас.

види ги сите денешни вести

Велика Британија ќе потроши шест милијарди долари за гранични процедури по Брегзит

илустрација
илустрација

Според проценките на парламентарната комисија за финансии, владата на Обединетото Кралство, по бројните одложувања, ќе мора да потроши најмалку шест милијарди долари за спроведување на граничните процедури по Брегзит.

Британците гласаа за напуштање на Европската Унија во 2016 година, но дури оваа година беа донесени нови правила за гранични контроли за да продолжат да функционираат синџирите на снабдување, пренесува Ројтерс.

Првата фаза, која подразбира воведување дополнителни сертификати, стапи на сила на 31 јануари. Втората започна на 30 април со воведување на физички контроли во пристаништата. Третата фаза, која вклучува безбедносни декларации, е закажана за 31 август годинава.

Комитетот наведува дека Владата проценила дека ќе и бидат потребни шест милијарди долари за 13 главни мерки кои треба да овозможат проток на стоки преку граница и да се подобри спроведувањето на тие мерки во иднина.

Владата пет пати го одложи спроведувањето на целосните гранични контроли од завршувањето на преодниот период за напуштање на Унијата на 31 декември 2020 година.

Ова предизвика несигурност во деловната заедница, додаде трошоци за владата и пристаништата и ги зголеми ризиците за биосигурност во Обединетото Кралство.

Новиот претседател на Тајван побара Кина да престане да се заканува

Инаугурација на новиот претседател на Тајван
Инаугурација на новиот претседател на Тајван

Тајванскиот претседател Лаи Чинг-те побара од Кина да ги прекине своите воени и политички закани, велејќи во својот инаугуративен говор дека мирот е единствениот начин и оти Пекинг мора да го почитува изборот на тајванскиот народ.

Обраќајќи им се на насобраните луѓе пред канцеларијата на претседателот во центарот на Тајпеј, Лаи рече дека сака да разговара со Кина, која го гледа островот како своја територија и никогаш не ја отфрлила употребата на сила за да го врати под своја контрола, пренесе Хина.

„Исто така, ја повикувам Кина да престане политички и воено да го заплашува Тајван и да преземе глобална одговорност заедно со неа за одржување на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец и во регионот, за светот да не мора да се плаши од избувнување на војна. Ние исто така сакаме да му соопштиме на светот: Тајван не прави компромиси за демократијата и слободата. Мирот е единствениот пат и нашата цел е долгорочен мир и стабилност“, истакна Лаи.

Засега нема реакција од Кина, која го нарече Лаи сепаратист пред изборите во јануари.

Лаи (64), кој ја презеде функцијата од поранешната шефица на државата Цаи Инг-вен, чиј потпретседател беше во изминатите четири години, рече дека луѓето мора да бидат реални и да ги сфаќаат сериозно заканите и оти Тајван мора да покаже дека е решен да се брани.

Тајванското Министерство за одбрана во денешниот дневен извештај соопшти дека шест кинески авиони ја преминале линијата во средина во Тајванскиот теснец, која претходно служела како неофицијална граница, но Кина не ја признава.

Во руски напад врз областа Харкив загинаа 11 лица

Последици од рускиот ракетен напад врз Харкив, Украина
Последици од рускиот ракетен напад врз Харкив, Украина

Русија погоди одморалиште во близина на Харкив и ги нападна околните села, при што загинаа најмалку 11 луѓе, а повеќе се повредени.

Ракетните напади се најнови во серијата континуирани руски напади во последните недели врз регионот на вториот по големина град во Украина во североисточна Украина, каде руските сили започнаа офанзива.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно ги повика западните сојузници да испратат дополнителни системи за воздушна одбрана во Киев за да го заштитат Харкив и другите градови.

„Светот може да го запре рускиот терор, а за да се направи тоа, мора да се надмине недостигот на политичка волја меѓу лидерите“, напиша Зеленски на Телеграм.

„Два Патриота за Харков можат да направат темелна разлика. Системите за противвоздушна одбрана за другите градови и дополнителната поддршка за војниците на фронтот ќе го осигураат поразот на Русија“, додаде Зеленски.

Русија ја започна инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година.

Асанж на чекор до конечна одлука за екстрадиција

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж
Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж е на чекор од одлуката која би можела да доведе до негова евентуална екстрадиција во Соединетите Држави, кои го бараат по обвинение од 18 точки за објавување на стотици илјади доверливи документи.

Судот во Лондон се очекува да одлучи дали САД ги исполниле бараните гаранции пред да одлучи дали да дозволи нова жалба.

Минатиот месец, Високиот суд во Лондон пресуди дека, без одредени американски гаранции, на Асанж ќе му биде дозволено да поднесе нова жалба против екстрадицијата. Тие гаранции вклучуваат дека во случај на судење во САД, Асанж ќе има право да се повика на првиот амандман и правото на слобода на говор, и дека нема да има нови обвиненија кои би можеле да доведат до смртна казна. Документот до кој имаше увид Ројтерс ги потврдува овие гаранции, отворајќи го патот на судот во Лондон да одлучи за негова екстрадиција.

Според сопругата на Асанж, Стела, судот би можел да одлучи да дозволи екстрадиција, да му даде дозвола да се жали или дури да го ослободи.

"Џулијан би можел да биде екстрадиран или да биде ослободен. Важно е да се запамети дека ова трае повеќе од пет години. Џулијан цело време беше во најозлогласениот затвор во Велика Британија. И седум години пред тоа во Еквадорската амбасада една година и во домашен притвор, всушност, секој ден од 7 декември 2010 година е во еден или друг облик на притвор“, вели неговата сопруга.

Таа додаде дека Асанж се бори да преживее во затвор и дека доказите за неговото ментално здравје укажуваат на сериозен ризик од самоубиство.

Педесет и двегодишниот Асанж, кој се наоѓа во затворот Белмарш, планира да присуствува на сослушувањето.

Одлуката би можела да стави крај на правната битка на Австралиецот што трае повеќе од 13 години во Британија. Пред да оди во затвор, Асанж помина седум години затворен во малата еквадорска амбасада во Лондон, каде што се засолни за да избегне екстрадиција во Шведска под обвинение за сексуален напад. Овие обвиненија подоцна беа отфрлени.

Откако му беше укинат еквадорскиот азил во 2019 година, тој беше затворен поради кршење на условите за кауција, а Соединетите Држави го започнаа процесот на екстрадиција. Американските власти велат дека неговите постапки биле непромислени, наштетиле на националната безбедност и ги загрозиле животите на агентите. Неговите поддржувачи велат дека обвиненијата се напад врз новинарството и слободата на говорот.

Минатата недела американскиот претседател Џо Бајден рече дека го разгледува барањето на Австралија да се откаже од кривично гонење, што адвокатот на Асанж рече дека е „охрабрувачки“. Волстрит журнал, исто така, објави дека се водат дискусии за потенцијален договор за признавање вина. Доколку судиите се согласат на екстрадиција, само интервенцијата на Европскиот суд за човекови права би можела да ја блокира. Но, судот веќе двапати ги отфрли барањата на основачот на Викиликс.

Ален - САД ги охрабруваат лидерите на Северна Македонија да го почитуваат Преспанскиот договор

Елизабет Ален, потсекретарка за јавна дипломатија и односи со јавноста на Стејт депратментот
Елизабет Ален, потсекретарка за јавна дипломатија и односи со јавноста на Стејт депратментот

Потсекретарката за јавна дипломатија и односи со јавноста во американскиот Стејт департмент, Елизабет Ален, во разговор за СДК вели дека САД го поддржуваат Преспанскиот договор со Грција и дека се разочарани што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го користеше уставното име Северна Македонија при инаугурацијата.

Потсекретарката Ален, која викендов беше во посета на Скопје, не сака да прејудицира што би се случило ако новата влада реши да не го почитува Преспанскиот договор.

Ален денеска со посетата на Северна Македонија ја заврши турнејата низ земјите на Западен Балкан, при што ги посети Босна и Херцеговина, Србија и Косово.

На прашањето на СДК што би се случило ако новата македонска влада реши да не го почитува Преспанскиот договор со Грција, дали и што САД ќе променат во поддршката за Македонија, Ален изјави:

„Се разбира, ние го поддржуваме Преспанскиот договор и бевме разочарани кога видовме дека претседателката не го користи целосното и формално име Северна Македонија. Ќе следиме да видиме што прави владата. Во постојан дијалог сме со владата која е во тек на формирање. И затоа, тука не би прејудицирала никакви последици, но, секако, би се надевале и охрабруваме дека лидерите на Северна Македонија ќе се придржуваат до меѓународните договори“.

Претседателката Сиљановска-Давкова не кажа Северна Македонија туку само Македонија при заклетвата на инаугурацијата во Собранието на 12 мај. Следниот ден, во соопштение од нејзиниот кабинет кажаа дека таа свечената заклетва ја потпишала со уставното име на земјата, дека претседателката ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, но дека „има право да го употребува името Македонија во своите јавни настапи, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација“.

Претходно и од амбасадата на САД во земјава порачаа дека остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и на евроатлантските интеграции на Северна Македонија. од амбасадата рекоа дека откако ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, ќе продолжат да ја зајакнуваат важноста на почитувањето на меѓународните договори и придобивките од напредокот на државата со полноправно членство во Европската Унија.

Пораки и потсетувања за почитување на договорот од Преспа стигнаа и од Европската Унија. Од грчка страна, пак, не стивнуваат острите реакции и предупредувања дека Северна Македонија нема да има напредок во евроинтеграциите ако новата влада не го користи уставното име на државата.

Првата официјална посета на Сиљановска Давкова во странство ќе биде во Ватикан и Рим

Гордана Сиљановска Давкова, претседателка на Северна Македонија
Гордана Сиљановска Давкова, претседателка на Северна Македонија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова првата официјална посета во странство ќе ја оствари во Ватикан и во Рим, каде што ќе ја предводи државно црковната делегација за чествувањето на Св. Кирил и Методиј, соопштуваат од претседателскиот кабинет.

На 23 мај, според протоколот, претседателката Сиљановска Давкова ќе има аудиенција кај Папата Франциск, а потоа средба и со генералниот секретар на Ватикан за односи со државите.

Чествувањето на сесловенските просветители ќе се одржи на 24 мај со посета на базиликата Свети Климент каде се наоѓа гробот на Св. Кирил, а потоа и во базиликата Санта Мариа Маџоре каде венец ќе постават на плочата испишана на македонски јазик.

Во рамки на посетата на Рим, претседателката Сиљановска Давкова ќе се сретне и со нејзиниот италијански колега Серџо Матарела.

Сиљановска Давкова, како што соопштуваат од нејзиниот кабинет, се уште не е познато дали ќе има средба со претседателот на Бугарија, Румен Радев, чие доаѓање во Рим е исто така најавено по истиот повод.

Во 2021 година, тогашниот претседател Стево Пендаровски и бугарскиот претседател Радев заеднички полетаа за Рим. Радев со неговата делегација најпрво пристигна на скопскиот аеродром, потоа имаше неформална средба со Пендаровски и потоа двете делегации со бугарскиот авион заминаа во Италија.

Напади со дронови во Русија и Украина

Oштетена куќа од руски ракетен напад, Украина, 18 мај 2024 година.
Oштетена куќа од руски ракетен напад, Украина, 18 мај 2024 година.

Русија соопшти дека била изложена на голем напад со проектили и дронови во неделата, додека Украина соопшти дека повторно била цел на напади со беспилотни летала.

Во руските воздушни напади загинаа најмалку четири лица, а уште осум се повредени во предградијата на Харков, вториот по големина град во Украина на североисток, соопштија локалните власти.

Украинските трупи се борат да го запрат рускиот напредок во регионот Харков што започна кон крајот на минатата недела.

Рускиот претседател Владимир Путин во петокот за време на посетата на Кина изјави дека офанзивата на Москва во регионот Харков има за цел создавање тампон зона, но дека нема планови за заземање на градот.

Највисокиот воен командант на Украина, генерал-полковник Олександр Сирски, во петокот изјави дека борбената зона е проширена за околу 70 километри во обид да го принуди Киев, кој и онака е во неповолна положба на бојното поле, да концентрира трупи во областа.

Претходно, претставници на украинските воздухопловни сили објавија дека противвоздушната одбрана ги соборила сите 37 руски беспилотни летала лансирани на локации низ земјата во текот на ноќта.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека рано во неделата, неколку области во таа земја и на окупираниот Крим биле под интензивен напад со беспилотни летала и ракети.

Руската противвоздушна одбрана собори девет американски ракети над Крим, заедно со 57 беспилотни летала над рускиот регион Краснодар и три беспилотни летала над регионот Белгород, соопшти министерството.

Локалните власти соопштија дека шест беспилотни летала паднале на територијата на нафтената рафинерија Славјанск во Кубан во јужниот дел на Краснодарскиот крај, принудувајќи ја да ја прекине работата.

Гувернерот на делумно окупираната украинска област Керсон, Владимир Салдо, кој таму беше назначен од Москва, изјави дека во неделата едно лице загинало, а 16 се ранети кога украинско беспилотно летало удрило во минибус.

Ален: Формирање на заедница на општини е важен чекор за евроатлантскиот пат на Косово

Елизабет Ален и Вјоса Османи, Приштина, 19 мај 2024 година.
Елизабет Ален и Вјоса Османи, Приштина, 19 мај 2024 година.

Американската државна потсекретарка за дипломатија и односи со јавноста, Елизабет Ален, смета дека формирањето на заедница на општини со српско мнозинство на Косово е важен чекор во остварувањето на евроатлантските цели на оваа земја.

Ова Ален го изјави во неделата по средбата со претседателката на Косово, Вјоса Османи.

„Потврдувам дека го поддржуваме патот на Косово кон евроатлантските институции преку тесна соработка и знам дека тоа е важно за вас. Разговаравме за важен чекор на евроатлантскиот пат на Косово, заедницата на општините со српско мнозинство“, рече Ален.

Преземањето чекори кон формирањето на таа заедница е и услов за членство на Косово во Советот на Европа, водечката организација во областа на човековите права.

Ден пред состанокот на Комитетот на министри на Советот на Европа, косовските власти соопштија дека во текот на месец мај ќе испратат предлог за формирање на заедница на општини со српско мнозинство до Уставниот суд на Косово за разгледување, но високи претставници на Западот рекоа дека такво нешто е недоволно за исполнување на условите.

Комитетот на министри на Советот на Европа се состанува еднаш годишно, а не е јасно кога Косово ќе може да стане членка на таа организација.

По средбата, Османи и Ален потпишаа меморандум за разбирање меѓу САД и Косово против манипулациите со информации од странски држави.

Османи рече дека посетата на Елизабет Ален го симболизира трајното партнерство меѓу САД и Косово, како и докажување на заемната посветеност на соработката во борбата против заедничките предизвици.

„Во светло на глобалните трендови и динамика, предизвиците несомнено се зголемуваат. Сепак, нашата соработка се материјализира на извонреден начин“, рече претседателката Османи, споменувајќи голем број потпишани договори со американските агенции кои работат во Косово.

Османи истакна дека новопотпишаниот договор ќе помогне да се обединат силите против манипулацијата со информации, оценувајќи дека кампањите за дезинформација претставуваат голема закана за стабилноста на Косово и на Западен Балкан, притоа споменувајќи го ризикот од сајбер напади.

„За жал, ниту Косово не е поштедено од овие напади, кои доаѓаат и се засилуваат како резултат на влијанието на Русија во регионот, преку нејзиниот сателит Србија. Ова не само што е вознемирувачко, туку и активна закана за дестабилизација на нашиот регион. “, рече Османи.

На 15 мај Елизабет Ален ја посети и Србија.

Ален таму се сретна со претседателот на земјата, Александар Вучиќ, со кого разговараше и за важноста на напредокот во дијалогот со Косово.

Косово и Србија водат дијалог во Брисел за нормализација на односите од 2011 година. Двете страни имаат потпишано голем број договори, но, не сите се спроведени.

Европската унија повторува дека решавањето на сите проблеми меѓу двете земји е многу важен фактор за нивниот европски пат.

Вучиќ: Амандманите на Црна Гора на резолуцијата за Сребреница се „валкана игра“

Александар Вучиќ, претседател на Србија
Александар Вучиќ, претседател на Србија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека во понеделник на 20 мај, ќе отпатува за Њујорк за да присуствува на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), на која ќе се гласа за резолуцијата за Сребреница, а амандманите кои ги поднесе Црна Гора на тој документ ги нарече „валкана игра“.

„Тоа е валкана игра и перфиден трик. Тие намерно оставаат простор за јасен заклучок за морална и политичка одговорност“, изјави Вучиќ на 19 мај за телевизија „Пинк“ и додаде дека по враќањето од Њујорк ќе каже со кого Црна Гора преговарала за ова прашање.

Предлагачите на нацрт-резолуцијата за Сребреница ја утврдија конечната верзија на тој документ, за кој во четврток на 23 мај ќе расправа Генералното собрание на ОН.

Иако текстот на резолуцијата беше во голема мера договорен претходно, она што се разговараше во последните денови беа амандманите на Црна Гора, кои во голема мера беа вклучени во текстот на самата резолуција.

На 9 мај, премиерот Милојко Спајиќ ја објави поддршката на Црна Гора за резолуцијата. Но, поради противењето на просрпските и проруските партии од парламентарното мнозинство, кои тврдат дека ги означува Србите како „геноцидна нација“, Министерството за надворешни работи испрати два амандмани на текстот на резолуцијата за 13 мај.

Во првата се наведува дека вината за геноцид е индивидуална и не може да се припише на ниту една етничка, верска или друга група или заедница, а втората се однесува на неповредливоста на Дејтонскиот мировен договор во Босна и Херцеговина.

Резолуцијата, иницирана од Германија и Руанда, бара 11 јули да биде прогласен за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

Резолуцијата се повикува на фактите утврдени со пресудите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и Меѓународниот суд на правдата, како и на домашните судови. Во резолуцијата не се споменува ниту една нација или држава.

Вучиќ рече и дека ќе има „голем број средби“ во Њујорк и дека по гласањето ќе биде јасно кои се пријатели на Србија, а кои нејзини партнери.

За геноцид на најмалку 8.372 Бошњаци и други воени злосторства во регионот на Сребреница, повеќе од 50 луѓе беа осудени на околу 700 години затвор.

Меѓу другите, на доживотен затвор беа осудени воениот претседател на Република Српска и врховниот командант на војската на Република Српска, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.

Во Унгарија две лица загинаа во судир на чамци на Дунав

Полициски брод учествува во потрагата по преживеани на реката Дунав во Будимпешта (архивска фотографија)
Полициски брод учествува во потрагата по преживеани на реката Дунав во Будимпешта (архивска фотографија)

Унгарската полиција во неделата објави дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати по судар на чамци на Дунав северно од Будимпешта.

Доцна во саботата полицијата добила дојава дека на брегот на Дунав во близина на градот Вероча, на околу 50 километри северно од Будимпешта е пронајден маж со крвавење од глава.

Полицијата утврдила дека во несреќата со чамецот учествувал мажот, а подоцна во близина биле пронајдени тела на маж и жена.

Полицијата се уште трага по уште пет лица кои се наоѓале во тој чамец.

Истрагата утврдила дека во оваа област во моментот на несреќата имало и хотелски чамец, кој бил запрен со оштетен труп во близина на градот Комарома, повеќе од 80 километри подводно.

Против непознатиот сторител е поведена кривична постапка поради сомнение дека го загрозил сообраќајот по реката и предизвикал смрт на неколку лица.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG