Достапни линкови

Вести

Шахин: компромиси со фокус врз иднината, наместо заглавување во минатото

Американската сенаторката Џин Шахин
Американската сенаторката Џин Шахин

Покрај искоренување на корупцијата, во предлог-легислативата за помош и поддршка на земјите од Западен Балкан, што минатата недела ја претставија група американски сенатори, се наведува и дека САД ги признаваат јазиците и ќе продолжат да го поддржуваат културното наследство во регионот. Сенаторката Џин Шахин, претседателка на Поткомитетот за Европа и регионална безбедносна соработка, објаснувајќи што предвидува предлог-легислативата за регионот, за Гласот на Америка вели дека државниот секретар на САД ќе може да им нуди техничка помош на државите од Западен Балкан, кои сакаат да развијат национални стратегии за борба против корупцијата. „Справувањето со корупцијата е многу важен дел. А она што го прави легислативата е да го овласти државниот секретар да обезбеди техничка помош на земјите кои бараат помош при адресирање на нивните предизвици со корупција“, рече Шахин.

Ескобар: Прашањето за јазикот и идентитетот на С.Македонија не е прашање за САД

Во врска со делот од предлог-легислативата во однос на јазиците и како гледа на тоа што Бугарија го негира постоењето на македонскиот јазик, Шахин признава дека „постојат долгогодишни историски разлики меѓу етничките групи и земјите во регионот“. „И додека гледаме како да одиме напред во иднината, мислам дека е важно да се обидеме да решиме некои од тие долгогодишни предизвици што постојат, исто како што видовме како Грција и Северна Македонија конечно ги решија нивните разлики околу името и што тоа значеше за културите на двете земји. Треба да видиме повеќе од тие видови компромиси, кои ќе им овозможат на земјите да одат напред и да се фокусираат на иднината, наместо да бидат заглавени во минатото“, изјави Шахин. Според неа, лидерите на Балканот треба да се фокусираат врз интеграцијата во Европската Унија, а не врз промовирање конфликт. „Кога разговараме со луѓето на патувањето на крајот на април и секогаш кога сум била во регионот во минатото, сум слушала од граѓаните во тие земји дека сакаат мир. Тие сакаат стабилност, сакаат да видат крај на конфликтот. Сакаат да имаат можности за себе и за своите семејства. И мојата порака до лидерите од Западен Балкан е да размислат што сакаат нивните граѓани. Размислете за иднината и за тоа што е добро за вашата земја. Патот напред е гледање кон демократијата, гледање кон интеграција со Европската Унија, со Западот и не со продолжување на промоција на конфликтот што во минатото беше толку катастрофален за нивните граѓани, вели Шахин.

Саразин: Германија и САД имаат заеднички интерес во регионот на Западен Балкан

Таа нагласува дека обновување на фокусот кон демократски напредок е особено важно во време на етнички тензии и напори од страна на Русија да поттикне конфликт во регионот. „Додека Русија гледа каде би можела да оди по Украина, секако Западен Балкан е едно од тие места, и затоа војната во Украина е толку критична. Размислуваме за тоа како ќе направиме се што е можно за да ја поддржиме Украина и нејзините напори против бруталната неиспровоцирана војна на Русија. Не можам да замислам дека некој, каде било во светот, а особено во Европа и на Западен Балкан, гледа што се случува во Украина, мислејќи дека би сакале Русија да влезе и да го направи тоа во нивните земји, изјави Шахин. Таа вели дека предлог-легислативата има цел да обезбеди економски напредок и да ја охрабри трговијата на Западен Балкан, не само со САД, туку и со Европа и со соседните земји, како и да создаде средина со можности за вработување на младите.

види ги сите денешни вести

Белград ќе екстрадира белоруски новинар во Минск

Илустрација
Илустрација

Српскиот суд донесе одлука за екстрадиција на белорускиот новинар, режисер и опозициски активист Андреј Гњот во Белорусија. Оваа одлука на судот во Белград не е конечна затоа што се уште течат рокови за жалба.

Белоруските власти бараат од Србија да го екстрадира Гњот откако на 30 октомври беше уапсен на аеродромот во Белград по потерница на Интерпол издадена по барање на Минск за наводно затајување данок.

Одлуката на Вишиот суд во Белград, во која се наведува дека се исполнети законските предуслови за екстрадиција, е донесена на 31 мај и во тек е нејзиното доставување до странките во процесот.

На оваа одлука има право на жалба до Апелациониот суд, а адвокатот на Гњот, Филип Софијаниќ за РСЕ изјави дека ќе поднесе жалба. Гњот беше во притвор, а од 5 јуни со одлука на Апелациониот суд е префрлен во куќен притвор.

Гњот ги негираше обвинувањата за затајување данок врз основа на кои белоруските власти го бараат од Србија.

„Оваа кривична пријава е политички мотивирана. Таа е неоснована и лажна. Белорускиот режим го изложува секој што се спротивставува на брутална репресија“, рече Гњот пред судот.

Вишиот суд претходно донесе одлука за екстрадиција, која Апелациониот суд ја укина на почетокот на март.

Случајот потоа е вратен на повторно одлучување поради, како што се наведува, нецелосно утврдената фактичка состојба и значителни повреди на одредбите од кривичната постапка.

Белоруската опозициска лидерка во егзил Свјетлана Циханускаја на социјалната платформа„Х“ порано позната како Твитер изрази загриженост поради одлуката на српскиот првостепен суд да го екстрадира белорускиот активист Андреј Гњот во Белорусија.

„Андреј е изложен на ризик во Белорусија од кршење на човековите права, лишување од слобода и тортура од политички причини. Апелирам до второстепениот суд и српскиот министер за правда да не го екстрадира Андреј во Белорусија и да му дозволи да ја напушти Србија. Ја повикувам и меѓународната заедница да го поддржи“, е наведено во нејзината објава.

Синот на Мерко, Генц кој е на американската црна листа доби лиценца за нов медицински Факултет

Компаниите на синот на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко
Компаниите на синот на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко

Меѓународниот универзитет во Струга кој е во делумна сопственост на синот на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, Генц Мерко ќе добие уште една лиценца за отворање на Факултетот за здравствени науки.

Владината одлука за одобрение за основање на Факултет за здравствени науки при Меѓународниот универзитет во Струга е објавена во Службениот весник на 15 април годинава во време на предизборна кампања. Потпис на одлуката ставил техничкиот премиер Талат Џафери од ДУИ. Во неа е наведено дека на овој факултет се превидени две студиски програми: Општа медицинска сестра и Студии од здравствена нега, од прв циклус стручни студии (180 ЕКТС).

„Наставата на Факултетот за здравствени науки од член 1 од оваа одлука, е на македонски јазик и неговото кирилско писмо и албански јазик и неговото писмо, согласно Законот за високото образование“, пишува во одлуката објавена во Службениот весник.

Информацијата за новата лиценца за отворање на факултет доаѓа во пресрет на формирање на нова Влада, составена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Влен ( Вреди) и движењето Знам.

На веб страницата на Меѓународниот универзитет Струга веќе е најавено дека во склоп на Универзитетот има и Факултет за здравствени науки. Покрај овој факултет, студентите на овој Универзитет се запишуваат и на Факултетот за политички науки, за економски науки, правни науки и информатички технологии.

Од Агенцијата за квалитет на високото образование за Тв Телма велат дека во тек е постапка за акредитација на студиските програми, па дури потоа ќе може да почне со работа оваа високообразовна установа.

Од коалицијата Влен( ВРеди) во писмено соопштение велат дека овој Универзитет е познат по „производството“ на итни дипломи, каде, како што тврдат низ годините, преку ноќ, дипломирале повеќе од половина од функционерите на ДУИ.

„Но, бизнисот на ДУИ и Рамиз, кој функционираше во стилот: земи ја „картичката“ на ДУИ, купи диплома од Рамиз и работата ти е сигурна му доаѓа крајот затоа што новата Влада ќе ги истражува сите случаи на продажба на дипломите и функционирањето на универзитетите како што е „Универзитетот на Мерко“, е наведно во соошштението на коалицијата Влен (Вреди) .

Во јуни минатата година Соединетите Држави го ставија Мерко на „црната листа “ на лица на кои им се забранува влез во САД. Санкцијата се однесува и сопругата на Мерко, Шпреса, и неговите три возрасни деца, Генц, Назмије и Дренуша. Потесното семејство на Мерко се смета за „неподобно“за влез во Соединетите држави.

Против Мерко Обвинителството во Струга и тоа во Скопје за гонење на организиран криминал и корупција во март годинава поднесоа две обвинениј. Првото за несовесно работење во службата, а второто за набавката на службениот автомобил „Ауди А6“. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на 29 февруари го поднело обвинението до Кривичниот суд Скопје за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинението Мерко се соочува со максимална затворска казна од 5 години.к.

Државата со мала заработка од концесиите за рудници, утврдиле ревизорите

Илустрација, Ископ (каменолом) на минерални суровини од подножјето на планината Јабланица во близина на струшкото село Лабуништа
Илустрација, Ископ (каменолом) на минерални суровини од подножјето на планината Јабланица во близина на струшкото село Лабуништа

Само 45 милиони евра наплатила државата од концесиски надоместок за експлоатација на минерални суровини од 348 концесии доделени на 257 концесионери во период од 2018 до 2022 година, покажуваат податоците од последниот ревизорски извештај.

Концесионерите доцнат со уплата на надоместоците, а дел од нив самоиницијативно ги прошириле границите на концесиските површини, утврдиле ревизорите.

Во однос на експлоатацијата на мермерот кој е во фокус на извештајот, ревизорите утврдиле дека државата од надоместок на концесија добила само 1,7 милиони евра од 29 концесионери на мермер. Тоа е само еден отсто од приходите кои ги остварува концесионерот со продажба на минералната суровина.

„Остварените надоместоци во корист на државата од експлоатација на најквалитетниот мермер во износ од 103.248.000 денари или 1,7 милиони евра за периодот од 2018 до 2022 година претставуваат 1 отсто од остварените приходи од продажба на концесионерот“, заклучува ревизорот.

Во ревизорскиот извештај „Ефикасност на постапките за доделување на правото за вршење на експлоатација на минерални суровини и реализација на склучените договори, со посебен осврт на мермерот“ е наведено дека со утврдениот начин на пресметка на надоместоците за експлоатација на минералните суровини не ги одразува реалните продажни цени кои ги остваруваат концесионерите и не придонесува за правично и рамноправно оптоварување на концесионерите..

Ревизорите утврдиле дека 2 концесии за ископ на минерални суровини експлоатирале надвор од дозволата за експлоатација што ја поседуваат концесионерите на вкупен простор од 9.989 квадратни метри.

„Тоа создава ризик концесионерите да не го пресметуваат и плаќаат надоместокот за експлоатираните количини надвор од експлоатационото поле“, наведуваат ревизорите.

Со извршената ревизија, ревизорите утврдиле и дека на национално ниво не е донесена долгорочна стратегија за оптимално искористување и управување со минералните суровини повеќе од 11 години, а активностите за нејзино изготвување се започнати во 2022 година, со рок на донесување до април 2024 година, додека законската регулатива која ја третира предметната област е изложена на чести измени и дополнувања, а одредени одредби не се доволно јасни и прецизни што создава несигурност при нивна примена.

„Базите на податоци на Министерството за економија и катастарот на
минерални суровини што го води Геолошки завод не обезбедуваат јасен и
целосен преглед на состојбите со минералните суровини врз основа на кој
ќе се вршат анализи со цел водење активна политика во однос на
оптималното искористување на минералните суровини“, се вели во извештајот.

Со последната одлука на Собранието со која се одобрува реорганизација на Владата, е предвидено укинвање на Геолошкиот завод како засебно самостојно тело, кое веројатно ќе се интегрира во ново Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, сектори кои досега беа под надлежност на Министерството за економија.

Лидерите на Г7 договорија заем за Украина од замрзнатите руски средства

Илустрација, состанок на лидерите на Г7
Илустрација, состанок на лидерите на Г7

Лидерите на Групата седум (Г7) договорија заем од 50 милијарди долари за Украина користејќи ги замрзнатите руски средства како колатерал, бидејќи Велика Британија и Канада исто така одделно најавија нова финансиска и воена поддршка за Киев.

Дипломатите потврдија за новинската агенција Асошиетед прес дека е постигнат договор пред лидерите да слетаат во јужна Италија на 13 јуни на високо очекуваниот тридневен самит.

Канада која е дел од групата седум најразвиени економии, на 13 јуни објави дека ја испраќа својата прва испорака на нови оклопни возила во Украина. Канадскиот министер за одбрана Бил Блер рече дека украинските војници ќе бидат обучени да ги користат во текот на летото.

Дополнително, Британија соопшти дека ќе објави хуманитарна помош за Украина во вредност од 242 милиони фунти (309,5 милиони долари) за време на самитот, на кој се собираат лидерите на седум од најбогатите земји во светот.

Украина бара пат кон мирот на самитот во Швајцарија, без Русија
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:39 0:00

Претходно, на 12 јуни, Вашингтон најави дека ќе обезбеди уште еден ракетен систем Патриот како одговор на молбите на Украина за поголема противвоздушна одбрана бидејќи разорните руски напади ја одржуваат земјата на работ и ја десеткуваат нејзината енергетска мрежа, принудувајќи го Киев да увезува рекордни количини на енергија.

Германија на 11 јуни, исто така, вети дека ќе испрати систем Патриот, заедно со самоодни противвоздушни пушки Гепард и систем за воздушна одбрана IRIS-T.

Самитот на Г7 започнува еден ден откако Русија уби најмалку девет лица во смртоносниот напад на украинскиот град Кривиј Рих, родниот крај на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинската влада на 13 јуни соопшти дека земјите од Г7 одделно се согласиле да обезбедат повеќе од една милијарда долари за поддршка на енергетскиот сектор на Украина.

Судскиот процес против руската режисерка и драматург зад затворени врати

Театарската режисерка Евгенија Беркович и драматургот Светлана Петричук
Театарската режисерка Евгенија Беркович и драматургот Светлана Петричук

Судскиот процес против руската режисерка и драматург обвинети за тероризам ќе се одржува далеку од очите на јавноста. Московскиот суд донесе одлука судскиот процес да продолжи „зад затворени врати“, затоа што сведокот предложен од обвинителството „добил неодредени закани“.

Судењето беше затворено на барање на обвинителката Екатерина Денисова, која изјави дека еден од сведоците добил закани откако бил сослушан во судот.

Станува збор за судски процес против театарската режисерка Евгенија Беркович и драматургот Светлана Петричук, кои беа приведени минатиот месец по премиерата на нивната претстава „ Финалист - Храбриот сокол“ во која се обработува тема за две Русинки кои се омажиле за мажи муслимани припадници на Исламската држава, која е препознаена како терористичка група и се преселиле во Сирија.

Двете обвинети во судницата тврдат дека се невини по обвинението. Нивните адвокати протестираа по одлуката на судот.

Нивната продукција за претставата доби две Златни маски. Во знак на поддршка на Беркович и Петријчук, говореа познати културни дејци. Активистите за човекови права веруваат дека нивниот прогон е политички мотивиран.

Османи: Двете страни ја имаат исполнето суштината на Преспанскиот договор

Османи беше домаќин на министерски состанок во рамки на ПСЈИЕ, а во Скопје присутна е и грчка делегација.
Османи беше домаќин на министерски состанок во рамки на ПСЈИЕ, а во Скопје присутна е и грчка делегација.

Суштината на Преспанскиот договор, и Северна Македонија и Грција ја имаат исполнето – Грција за поддршка на евроатлантската интеграција, а Северна Македонија за прашањето за уставните измени и имплементација на името, смета министерот за надворешни работи во заминување, Бујар Османи.

„Не е коректна констатацијата дека Грција нема исполнета ништо. Столбот на грчките обврските од Преспанскиот договор е поддршка за НАТО и европската интеграција. Северна Македонија денеска е членка на НАТО затоа што Грција ја исполни својата обврска. Денеска Грција е еден од најголемите лобисти во Брисел за членство на Република Северна Македонија во ЕУ“, изјави Османи.

Заостанатите обврски, како што се меморандумите што треба да се усвојат од грчкиот парламент, меѓу кои и промена на таблите на патиштата, според министерот се „некаде на периферијата“. Според него, слични такви обврски има и Северна Македонија, како што се законските измени за имињата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и Македонската радио-телевизија (МРТ).

„Истите аргументи што ние ги даваме дека не можеме да постигнеме консензус во парламентот, ги даваат и тие“, рече Османи.

Тој изрази надеж дека идната влада што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ќе го почитува договорот. Изјавите од лидерот на оваа партија и мандатар за формирање на влада, Христијан Мицкоски, тој смета дека се „транзиција за да ја подготват јавноста“ за прифаќање на договорот.

„Не е веќе прашање на Преспанските обврски, туку на Уставот. Се дава само некакво очекување дека ако ’почнеме усно да го кажуваме (старото име) полека ќе се смени и писмено‘. Тоа нема да се случи. Зошто им давате такви очекувања на граѓаните? Кажете: ’Ние не сме го изгласале, ние бевме против. Овие предавниците го направија тоа и ние мора да го почитуваме‘. Тоа е фер однос кон државата“, коментираше Османи.

Османи, денеска (13 јуни) е домаќин на министерскиот состанок во рамки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), во кој учествува и Грција. Попладнето, пак, претседателката Гордана Сиљановска Давкова во рамки на истиот процес е домаќинка на Самитот на шефови на држави и влади.

Шефица на грчката делегација во Скопје денеска е заменик-министерката Александра Пападопуло. Попладнето, пак, на Самитот кај Сиљановска гостин ќе биде министерот Јоргос Герапетритис, но тој, како што објасни Османи, поради обврски ќе се задржи само два часа.

Османи со Пападопуло имаше билатерална средба, додека со Герапетритис разговарал телефонски. Засега нема информации дали грчкиот министер ќе одржи билатерална средба со претседателката Сиљановска Давкова.

Инаку, ова е прва посета на висок грчки функционер по низата прозивки меѓу Скопје и Атина околу Преспанскиот договор кои започнаа со некористењето на уставното име од страна на новата претседателка Сиљановска Давкова на нејзината инаугурација во Собранието на 12 мај.

Српскиот вицепремиер Вулин во Москва на средба со врвот на руските безбедносни служби

Српскиот Вицепремиер Александар Вулин
Српскиот Вицепремиер Александар Вулин

За време на официјалната посета на Москва, вицепремиерот на Србија, Александар Вулин, се сретна со високи претставници на Руската Федерација (РФ) од безбедносниот, воениот и политичкиот систем, соопшти владата во Белград на 13 јуни.

Во соопштието е наведено дека Вулин во Москва се сретнал со врвот на најважните безбедносни служби на Руската Федерација, Федералната служба за безбедност (ФСБ), Странската разузнавачка служба (СВР) и Федералната служба за заштита (ФСО).

Се додава дека тој претходно разговарал со секретарот на рускиот Совет за безбедност Сергеј Шојгу, рускиот министер за внатрешни работи Владимир Колоколцев, како и со претставници на Министерството за одбрана на Руската Федерација и раководители на воено-индустрискиот комплекс на Русија. .

„Вулин имаше успешни разговори и со заменик министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Александар Грушка, од кого побара да му ја пренесе на министерот Сергеј Лавров својата благодарност за поддршката на Србија во Генералното собрание на Обединетите нации и гласањето против резолуцијата за Сребреница“, е наведено во соопштението на српската Влада.

На 23 мај, Собранието на Обединетите нации усвои Резолуција со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, на чие усвојување, меѓу другите, се спротивставија и претставниците на Србија, Русија и Кина во Обединетите Нации.

Александар Вулин е под санкции од Соединетите Американски Држави, меѓу другото, поради неговите врски со Русија од јули 2023 година. Неговата посета на Москва е прво официјално патување на Вулин во Русија откако на 2 мај беше избран на функцијата вицепремиер на Владата на Србија.

Претходно, во април во Санкт Петербург, во својство на лидер на Социјалистичкото движење, се сретна со секретарот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Николај Патрушев.

Од доаѓањето на Српската напредна партија (СНС) Александар Вучиќ на власт во 2012 година, Александар Вулин ги извршуваше функциите директор на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово, министер без ресор задолжен за Косово, министер за труд и социјала. Заштита, министер за одбрана, министер за внатрешни работи.

Последната функција што ја извршуваше пред актуелната потпретседателска функција во Владата беше директор на Безбедносно-информативната агенција (БИА).

Оставката на чело на БИА ја поднесе на 3 ноември 2023 година, откако претходно САД во јули го ставија на листата на американски санкции поради наводна корупција, вмешаност во трговија со дрога и врски со Русија.

Украина бара забрана за учество на 4 руски и белоруски борачи во Олимпијадата во Париз

Архивска фотографија од прес конференција на претседателот на украинскиот национален олимписки комитет Сергеј Бубка
Архивска фотографија од прес конференција на претседателот на украинскиот национален олимписки комитет Сергеј Бубка

Националниот олимписки комитет на Украина го повика Меѓународниот олимписки комитет да го забрани учеството на три борачки од Русија и една од Белорусија на претстојните Олимписки игри во Париз поради нивната поддршка на руската агресија врз Украина.

Според украинскиот олимписки комитет, спортистките ја поддржуваат војната во Украина и руската диктатура, а исто така „не исполнуваат доволно критериуми за да добијат статус на индивидуален неутрален спортист“.

Минатиот месец руската борачка Динара Кудаева на социјалните мрежи на интернет објави фотографија од нејзиниот татко, кој им се приклучил на руските вооружени сили и бил убиен додека се борел против украинските војници.

Кудаева го нарече својот татко „мојот херој“ и побара од нејзините следбеници на социјалната мрежа Инстаграм да му одадат почит.

На две други руски борачи, Наталија Малишева и Олга Хорошавцева, како и белоруската борачка Ирина Корачкина, им се допадна нејзината објава. Корочкина оставила и коментар со зборови на поддршка.

Украинскиот олимписки комитет забележува и дека Корочкина учествувала во пропагандни настани во 2023 година заедно со Виктор Лукашенко, синот на Александар Лукашенко. И двете се санкционирани од Канада, ЕУ, САД, Австралија, Нов Зеланд и Велика Британија за поддршка на руската агресија.

ЕУ:Србија со лобирањето против Косово го прекршува Договорот

Архивска фотографија, портпаролот на ЕУ Петер Стано
Архивска фотографија, портпаролот на ЕУ Петер Стано

Европската унија (ЕУ) смета дека Србија го крши договорот на патот кон нормализацијата на односите со Косово со тоа што активно се занимава со спречување на членството на Косово во меѓународните организации.

„Договорот за патот кон нормализација е валиден и обврзувачки во целост и за Косово и за Србија. Ова го вклучува членот четири од овој споразум. Српското лобирање против Косово е јасно кршење на Договорот“, изјави портпарол на ЕУ Петер Стано на 13 јуни.

Ова е првпат Брисел јавно да потврди дека Србија во дијалогот го прекршува договорот постигнат со Косово.

Во февруари 2023 година Србија и Косово постигнаа договор за патот кон нормализација на односите. Во март истата година на средба во македонскиот град Охрид беше договорен анекс за имплементација на овој договор.

Во членот четири од договорот стои дека нема да се противи на членството на Косово во ниту една меѓународна организација. Но, ниту еден од договорите не беше потпишан бидејќи српскиот претседател Александар Вучиќ одби да го стори тоа.

Во меѓувреме, Србија активно се ангажираше против аспирациите на Косово да стане членка на меѓународните организации.


Оваа пролет во Србија беше формирана Работна група за спречување на приемот на Косово во Советот на Европа.

Косово не успеа да стане членка на најстарата европска организација бидејќи не ги исполни условите наведени од важните членки на оваа организација, а кои се однесуваат на процесот на формирање заедница на општини со српско мнозинство, што е обврска на Косово што сè уште не ја исполнува.

Запрашан да потврди дали взаемното признавање е целта на дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, портпаролот на ЕУ Петер Стано само изјави дека ставот на Брисел за ова прашање не е променет и, како што нагласи, „останува ист како што е е пренесено многупати во минатото.“ и како што е наведено во критериумите за пристапување“.

Сепак, тој додаде дека Србија секако не може да стане членка на ЕУ без нормализирање на односите со Косово.

„Сега Охридскиот договор всушност го предвидува тоа сосема јасно - ако нема напредок во нормализацијата, нема напредок во пристапувањето“, рече овој претставник на ЕУ.

Обврските на Србија кои произлегуваат од договорот во Охрид и формално станаа составен дел од преговарачката рамка во пристапниот процес меѓу Белград и Брисел.

ЕУ инсистира на принципот дека не може да прифати нови членки се додека имаат нерешени билатерални односи.

Европскиот суд пресуди во корист на РСЕ во случајот против Азербејџан

ЕСЧП (фотоархива)
ЕСЧП (фотоархива)

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) на 13 јуни едногласно одлучи дека одлуката на владата на Азербејџан да го блокира пристапот до азербејџанскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) претставува кршење на Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи.

Азербејџанскиот сервис на РСЕ, познат како Азадлик, беше блокиран во 2017 година по пресуда на судот во Баку, во која се тврди дека на веб-страницата е објавена содржина која „промовира насилство и верски екстремизам“ и, меѓу другото, „повикува на масовни немири“.

Уште четири други медиуми (anaxeber.az, 24Saat.org, az24saat.org и xural.com), се приклучија на случајот на РСЕ покренат против Азербејџан пред Европскиот суд.

Овие четири медиуми беа обвинети за објавување „лажни, погрешни и клеветнички информации“.

РСЕ и другите тужители во нивната тужба наведоа дека одлуката за блокирање на нивните веб-страници е „екстремна“.

Тие тврдеа дека главната причина поради која биле забранети е нивната критика кон владата и известувањето за корупција.

Потегот за блокирање на азербејџанскиот сервис на РСЕ дојде откако РСЕ објави истражувачки стории за финансиски активности поврзани со членовите на семејството на претседателот Илхам Алиев и неговото потесно опкружување.

Истражувањето РСЕ го спроведе во соработка со Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP) со седиште во Сараево.

За пресудата против РСЕ од судот во Баку во 2017 година, РСЕ реагираше дека владата прави „уште еден бесрамен обид“ да го „замолчи нашето известување во Азербејџан“.

Во одлуката од ЕСЧП се наведува дека азербејџанската влада треба да им исплати на секој од тужителите по 6.000 евра за отштета и други трошоци.

Претседателот Алиев ја презеде власта во оваа поранешна советска република кратко пред смртта на неговиот татко кој беше долгогодишен претседател, Хејдар Алиев, во 2003 година.

Тој ги отфрла постојаните критики на негова адреса што се упатуваат од групите за права и западните влади кои велат дека ги затворал критичарите со лажни изговори и ја злоупотребил моќта против неистомислениците.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG