Достапни линкови

Дијабетичари по прележан ковид се мачат да гo стабилизираат шеќерот во крвта


Здружение на дијабетичари „Дијабет Полог“ во Тетово
Здружение на дијабетичари „Дијабет Полог“ во Тетово

Дијабетичарите кои биле болни поради коронавирусот, па се излекувале, со месеци минуваат низ тешка, најчесто неуспешна борба да го стабилизирааат нивото на шеќер во крвта, покажуваат искуствата кај членовите во здружението Дијабет Полог во Тетово.  

Луѓето поради ковид повеќе денови се бореле со висока температура, како и главниот проблем на дисбаланс на нивото на шеќерот со појавата и на хипергликемија и хипогликемија.

„Неколку месеци после прележаната болест имаат проблеми да го вратат нивото на шеќер кое е под контрола. Не може да се излечат меѓутоа да го држат под контрола. Ковид им влијае да излезе надвор од контрола нивото на шеќерот во крв. Најтешко поминуваат дијабетичарите што се на инсулин, додека тие што се на таблетна терапија полесно поминуваат. Во моето здружение имаше дијабетичари што, за жал, завршија трагично, починаа, имаше и такви и што прележаа многу полесно за разлика од другите“, објаснува Клара Сандева, претседателка на Здружението.

Според препораките на лекарите, како и претходно дијабетичарите мора многу внимаваат на исхраната и да имаат соодветна физичка активност, посочува претседателката.

„Многу е битно после тоа да се дотера општата здравствена состојба на еден дијабетичар, многу е битно што внесува. Да се исчисти телото и да се исфрлат сите тие отрови. Кај некои најмногу страдаа белите дробови, кај некого црниот дроб, а најмногу кај дијабетичарите е панкреасот, како најслаба точка“, вели Клара Сандева.

Промена на видот на инсулин е често поставувано прашање кои ги мачи дијабетичарите. Пандемијата исто така не овозможува нивни заеднички средби за да се разменат многу потребните искуства за надминување на проблематичните периоди.

„Сега со ситуацијата со ковид, тешко да има собири за едукација, како претседател на здружението им помагам преку социјалните мрежи или во нашето здружение еден по еден да доаѓаат како имаат потреба. Дијабетичарите се на прва линија што се однесува до вирусите и без суплементи не може да го поминат тоа. Најважно е да се пијат витамини“, вели Сандева.

Во поширокото тетовско подрачје има 7200 евидентирани дијабетичари, од нив 4200 се на инсулинска терапија, а меѓу дијабетичарите 50 се деца.

XS
SM
MD
LG