Достапни линкови

Скапата храна проблем и за оние со редовни приходи


Илустрација
Илустрација

Проблем со купување храна имаат и семејства кои имаат редовни приходи, велат во тетовскиот Црвен крст, а бројот на сиромашни се зголемува. На луѓето треба да им се даде работа, а не оброк, велат во невладината „Градиме Иднина“.

Недостиг на храна како проблем, освен кај оние кои немаат работа, сè повеќе се јавува и кај семејства каде има приходи, алармираат невладините организации. Високите цени на храната се причина таа потешко да се обезбедува.

Во тетовскиот Црвен крст сè повеќе луѓе доаѓаат да бараат храна, која самите не можат да ја обезбедат. Социјалната загрозеност кај сиромашното население е поголема, но и зафаќа нов број семејства, оценува Шкелќим Мурати, секретар во тетовската организација на Црвен крст.

„Во 2019 година што измина има поголем број на социјални случаи како најзагрозена категорија. Тие одат на дневна основа и бараат храна. 150 семејства добиле храна, а на 600 семејства сме им помогнале вкупно со исхрана и со облека. Сиромашниот праг оди кон нагорна линија. Сè повеќе и повеќе луѓе спаѓаат во таа категорија на загрозени социјални случаи. Прагот е сè поголем и поголем, во општеството треба да се најде некое законско решение оваа категорија да добие одредено место во општеството, да се грижи некој за нив“, рече Мурати.

Искуството на Илија Јовановиќ од Здружението за заштита, помош и унапредување на статусот на маргинализирани групи „Градиме Иднина“ покажало дека не е проблем да се обезбеди храна за некое семејство. Но, тоа е можно да се прави само одреден период, па е важно да се најде подолготрајно решение.

„Сè уште ја нема грижата нашата држава. На оваа категорија најмногу им е потребно прво вработување, па после сите работи да им се помогнат како што треба. Денеска ќе ги покриеме со еден со два, со пет оброци, но што утре, после 3-4 дена ќе се случува со нив. Истите проблеми, немање на доручек, немање на ручек, ужина, вечера па пак уште еден оброк“, рече Јовановиќ.

Од организацијата „Банка за храна“ соработуваат со неколку општини каде вишокот храна од кај производителите се донира кај семејства. Според Душко Христов, решение за поголем опфат на население има во државен систем, каде би се регистрирал вишокот храна која потоа би се распределувала.

„Храната е најскапа денес да се купи. Имаме случаи и да речеме да земаат 20-25 илјади во една фамилија, тие се сиромашни. Сите мислат дека вишокот храна се наоѓа во Дрисла или на ѓубриштата. Тоа е точно. Но вишок храна има со тесен рок на употреба која што може да биде ставена за многу кратко време во функција на оние што им треба. Нашата проценка е дека може да се прехранат над 15 илјади семејства“, истакна Христов.

Околу 100-тина луѓе од 30-тина семејства без обезбедена егзистенција добиваат храна од народната кујна во Тетово.

XS
SM
MD
LG