Достапни линкови

Пораките за заедништво како оружје во битката за цензус


Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска - Давкова гласаат на изборите во Скопје на 21 април 2019
Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска - Давкова гласаат на изборите во Скопје на 21 април 2019

Пендаровски ќе се залага за заедништво на сите граѓани независно од нивната националност, јазик, вера, социјална или друга определба, а Сиљановска-Давкова вели дека сите без оглед на етничката, расна и верска припадност, социјално и друго потекло, ќе имаат еднакви шанси

Завршува кампањата пред вториот круг на претседателските избори, се изведуваат заклучоци, се средуваат впечатоци, кандидатите ги испраќаат последните пораки до граѓаните во конечен обид да ги придобијат нивните гласови. Се чини дека потребата од гласовите на што повеќе луѓе од сите националности ги поттикна двајцата претенденти на функцијата шеф на државата да ги нагласуваат пораките за заедништво и еднаквост.

Стево Пендаровски, кандидат на владејачката коалиција истакнува дека како иден претседател ќе се грижи за сите подеднакво, ќе се залага за заедништво на сите граѓани независно од нивната националност, јазик, вера, социјална или друга определба.

„Јас силно верувам дека само обединети во различностите можеме да одиме напред кон подобра иднина, кон НАТО и ЕУ. Токму затоа ќе бидам претседател кој поттикнува заедништво и меѓусебно разбирање“, ветува Пендаровски.

И кандидатката на опозициската коалиција Гордана Сиљановска-Давкова во своите последни обраќања ги нагласува нејзините намери дека како претседател ќе се грижи еднакво за сите.

„Гласот за мене значи глас за владеење на правото. Сите без оглед на етничката, расна и верска припадност, социјално и друго потекло, ќе имаат еднакви шанси“.

Сиљановска-Давкова во текот на целата кампања се осврнува и врз штетноста на Договорот од Преспа, но додава дека се лимитирани можностите за негова промена.

„Би ве лажела ако кажам дека јас утре кога ќе дојдам, како што сака мојот противкандидат да каже, веднаш ќе го поништам, укинам. Ниту сум кралица, ниту царица, тоа не можам, Уставен суд може да го направи тоа, да преиспита одредби од аспект на процедурата, бидејќи и во Преспанскиот договор има одредби кои што велат дека може но не мора да се организира референдум. Ако референдум се организира, тогаш референдумскиот резултат мора да се почитува. А референдумот беше неуспешен“.

Од друга страна, Пендаровски ги убедува луѓето в недела да се изјаснат за него затоа што „со противкандидатката се разликуваат како црно и бело, како небо и земја“, дека таа и партијата што стои зад неа се грижат само за своите интереси, додека тој ќе водел политика која ќе донесе добро за државата.

„Луѓе кои јавно декларираат дека ќе поништат Преспански договор, ќе поништат Закон за јазици, тоа е рецепт за катастрофа, тоа е рецепт за назадување. Премногу е ризично, по се што направивме да дадеме власт на такви луѓе кои не ни кријат дека не се за заедничка Македонија, кои не ни кријат дека ќе се грижат само за семејството на Груевски, само за партијата ВМРО ДПМНЕ“.

Специфично за оваа предизборна кампања е тоа што, покрај многуте големи разлики, кандидатите имаат и една заедничка точка во настапите, а тоа е апелот до граѓаните да излезат на гласање затоа што е неопходен одзив од најмалку 40 насто за изборите да бидат успешни.

В недела до полноќ ќе ги знаеме одговорите на сите прашања- најпрвин, дали излезноста на граѓаните е доволна за успешни избори, а потоа кој ќе ја води државата во наредните 5 години. Мандатот на сегашниот претседател Ѓорге Иванов завршува на 12 мај.

  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

XS
SM
MD
LG