Достапни линкови

Макрон и Лепен во втор круг од претседателската трка


На 7 мај граѓаните во Франција ќе треба да се одлучат кој од двајцата претседателки кандидати ќе ја води нивната земја. Во вториот круг влегоа Емануел Макрон и Марин Ле Пен.

Првиот круг на претседателските избори во Франција помина тесно. Од вкупно 11 кандидати во вториот круг влегуваат центристичкиот кандидат за претседател Емануел Макрон и лидерката на крајната десница Марин Лепен, покажуваат првичните прелиминарни проекции според изборниот резултат. Според неофицијалните изборни проекции Макрон освоил меѓу 23 и 24 проценти во првиот круг, додека неговата соперничка Лепен освоила меѓу 21, 6 и 23 отсто од гласовите. Трет е конзервативецот Франсоа Фијон со 20,3 отсто од гласовите, а четврт крајниот левичар Жан Лук Меленшон со 19,6 покажуваат неофицијалните податоци. Вториот круг од изборите ќе се оддржи на 7 мај.

Според претходните анкети, ова беа едни од најнеизвесните претседателски избори во Франција во изминатите децении. Особено затоа што резултатите од нив може да имаат далекусежни последици врз геополитичкиот статус кво, вклучувајќи ја и иднината на ЕУ и односите на Западот со Русија.

Денешното гласање доаѓа само неколку дена откако екстремист на Исламската држава уби полицаец во центарот на Париз, што го доведе прашањето за тероризмот и безбедноста на прво место во трката во која учествуваат 11 претседателски кандидати.

Изборниот ден го обезбедуваа 50 илјади полицајци и седум илјади војници. Вонредната состојба во земјата останува на сила, откако во низата напади од 2015 година досега беа убиени над 230 луѓе.

Според анкетите, најголеми шанси за влез во вториот круг на 7 мај имаа центристичкиот кандидат Емануел Макрон и лидерката на крајната десница Марин Лепен, иако шанси за продолжување на претседателската трка имаа и конзервативниот кандидат Франсоа Фијон и крајно левичарскиот кандидат Жан-Лук Меланшон.

Речиси една четвртина од гласачите се неопределени и политичките аналитичари сметаат дека убиството на полицаецот во центарот на Париз на 20 април ќе им даде предност на оние кандидати со поцврст став по прашањата на тероризмот и безбедноста.

По нападот, 48-годишната Лепен се претстави себе си како единствен кандидат способен да ја заштити земјата од исламистичките екстремисти. Шефицата на Националниот фронт, пак, стана мета на критики дека го користи нападот за политички поени.

Победа на Лепен и нејзините жестоки антиимиграциски и анти-ЕУ ставови ќе значи продолжување на порастот на изолационистичко расположение низ западниот свет, кое му помогна на американскиот претседател Доналд Трамп да победи на минатогодишните претседателски избори во САД и кое придонесе Британците на референдум да изгласаат излегување од ЕУ.

Франција е една од клучните членки на НАТО и еден од столбовите на единството на ЕУ, вклучително и за санкциите, како одговор на руската анексија на Крим од Украина во 2014 и улогата на Москва во конфликтот во источна Украина.

Исто како и Трамп, Лепен во минатото со восхит зборуваше за рускиот претседател Владимир Путин и го поддржува укинувањето на санкциите против Москва. По средбата со рускиот претседател минатиот месец во Москва, таа ја критикуваше, како што рече, воинствената визија на ЕУ.

Според повеќето анкети, Лепен е на второ место, според рејтингот, по Макрон, но многумина аналитичари сметаат дека во вториот круг таа нема да има шанси против проевропскиот поранешен министер за економија.

Макрон има најостар став кон Русија од четворицата главни фаворити за влез во вториот круг. Тој се залага за продолжување на санкциите против Русија и го обвинува Кремљ дека со сајбер напади ја таргетира неговата кампања. Русија постојано негира дека се обидува да влијае на претседателските избори во Франција.

Поранешниот конзервативен премиер Фијон, пак, кој повика на подобрување на односите со Русија, е под удар на обвиненијата за корупција и непотизам. Сепак, анкетите покажуваат дека и тој и Меланшон, кој се залага за укинување на трговските договори и излегување од НАТО, имаат шанси за влез во вториот круг.

Претседателската кампања официјално заврши на 22 април, кога почна гласањето во француските прекуморски територии, како и меѓу француските иселеници во САД и во Канада.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG