Достапни линкови

Политичката криза ги секна парите


Политичката криза која веќе подолго време трае во Македонија започна да се одразува и врз нормалните текови во економијата. Државата доцни со своите обврски, односно исплатата на субвенциите, а и компаниите доцнат со платите. Според експертите, негативните ефекти нема да престанат, туку очекуваат дополнителни проблеми во секторот.

Го зема ли својот данок политичката криза, која ги дава првите негативни ефекти врз економијата во земјата. Земјоделците кои се уште ги чекаат субвенциите се заканија со протести од вторник доколку не ги добијат ветените пари. Исплатата на субвенциите доцни веќе седум месеци, a вкупниот износ за нивна исплата е 92 милиони евра за изминатите три години. Државата доцни со своите обврски, но доцнат и компаниите со исплата на платите на вработените, а Македонија бележи негативни трендови, при што одолговлекувањето на политичката криза, според експертите, дополнително ќе се одрази врз секторот.

Извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија, Фатмир Битиќи вели дека политичката криза влијае врз работата на сите индустрии. Според него, малопродажбата бележи пад што значи дека има сериозни проблеми со ликвидноста како и со исплатата на плати во приватниот сектор.

„Веќе може да се забележи дека во првите два месеци од годината имаме зголемен број на компании кои воопшто не ги исплаќаат платите, скоро 4000 или 10 отсто од компаниите, а од друга страна скоро 35 отсто од компаниите доцнат во исплатата на придонеси и плати во зададениот законски рок“, вели Битиќи.

Факт е дека политичката криза, која во земјата трае подолго време, ги запира нормалните текови на економските активности и сведоци сме на голем број заостанувања и неисплаќања, посочува универзитетскиот професор Марија Зарезанкова Потевска. Под закана, според неа, е работењето на компаниите, а банките поради неизвесноста може да не го пласираат капиталот и со тоа да нема развојни проекти, односно да не финансираат трговски зделки и извозни активности, што на крајот ќе резултира со намалување на стапката на БДП. Не ја исклучува можноста да следат и отпуштања, а државата да не ги подмирува своите обврски.

„Во секој случај сето тоа е можно, бидејќи сите приватни компании нормално ако не работат со добивка тие се принудени да ги намалат трошоците и по цена да намалат производство и добивка само да не се во загуба. Така што не се исклучува и таа можност ако се продолжи вака, затоа што буџетот се алиментира со средства од претпријатијата и од граѓаните, преку ДДВ, плаќање придонеси и итн. Значи тоа е едно коло и ако една алка од тој синџир престане и се прекине, во секој случај прекинува и целокупниот процес“, смета Зарезанкова Потевска.

Дополнително, според неа, свое влијание имаат и тековите во светската политика, бидејќи Македонија е увозно зависна земја.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG