Достапни линкови

Институционална криза - Нема кој да ги штити човековите права


Анти-впадини протести во Скопје, Шарена револуција.
Анти-впадини протести во Скопје, Шарена револуција.

Остварувањето на човековите права страда во ситуација кога не постои Влада и постојано се менуваат министри, покажува истражувањето на Здружението на млади правници. Сериозен проблем, според нив, претставува и тоа што нема разрешница на дискриминацијата по политичка припадност.

Нерешавањето на политичката криза која трае две години предизвикува сериозен вакум во функционирањето на институциите и тоа влијае негативно на остварување на човековите права. Ова се наведува во годишниот извештај за ефикасност на правната заштита во 2016 година на УСАИД, спроведен од Здружението на млади правници.

Гоце Коцевски од Здружението на млади правници, вели дека во ситуација кога не постои Влада и постојано се менуваат министри, сите одлуки стагнираат.

„Најголем дел од нашите предмети се однесуваат на правата од социјална заштита. Жалбената постапка за овие права се одвива во Министерството за Труд и социјална политика. Како резултат на промените таму огромен број жалби се заглавени. Понатаму имаме позитивни пресуди од Управен суд кои се вратени на второстепено согледување, но не може да се потпишат решенијата и тие лица да добијат социјална заштита“, вели Коцевски.

Според македонското здружение на млади правници во Македонија сериозен проблем кој и покрај неколку постапки нема разрешница е дискриминацијата по политичка припадност. Во извештајот се наведува дека во 2016 година кога поголема група граѓани секојдневно протестираа и го изразуваа своето незадоволство преку фрлање боја забележани се ситуации во кои активисти се повикуваат на разговори во полициски станици, а едно лице кое земало активно учество на протестите на „Шарената револуција“ поради ова имал притисоци на работното место.

Адвокатот Лазар Сандев изјави дека досега нема некој активно да побарал правна заштита за повреда на политичко право освен во еден случај.

„Има одреден случај кој беше прв случај финансиран од Здружението младите правници за дискриминација, поради присуство на политичка трибина и одредени нерегуларности во поглед на постапка за казнување на тој вработен во одредено тело. Судот не најде повреда ниту Основниот, ниту Апелациониот, па ќе видиме понатаму има други механизми преку кои ќе ја бараме таа правна заштита“, изјави Сандев.


Во извештајот има констатација и дека мината година продолжило жигосувањето на граѓански активисти вработени во граѓански организации и новинари поради јавно изразување на нивни политички ставови и убедувања. Како што укажува Коцевски жигосувањето е извршено со јавно објавување на податоците за приходи кои имаат статус на даночна тајна

„Во неколку наврати имаше јавно објавување на информации на портали со имиња и презимиња и при тоа излегоа информации за нивните приходи и таа бруто приходи. Се претпоставува дека тие информации се од некаде каде тие информации треба да се чуваат со закон. Досега нема информација дали има правна разрешница на тој проблем“,, изјави Коцевски.

Минатата година загрижувачки биле и дискриманции по основ на пол забележени пред сè во областа на работните односи. Станува збор за продолжување на работниот однос на определено време на работничките кои останале бремени на кои тоа право им било прекршено.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG