Достапни линкови

Орбан-нови избори се решение за излез од кризата во Македонија


Архивска фотографија-премиерот на Унгарија Виктор Орбан

Архивска фотографија-премиерот на Унгарија Виктор Орбан

За Унгарија неприфатливо е други држави да се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија. Нови предвремени избори се единствено исправно решение за излез од политичката криза во Република Македонија, порача унгарскиот премиер Виктор Орбан на средбата со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во Будимпешта.

На средбата, претседателот Иванов изрази благодарност за севкупната поддршка што Република Македонија ја добива од Унгарија во однос на уставното име на државата, за предизвиците од илегалната миграција, како и за унгарската иницијатива за осуда на платформата на партиите на Албанците на последниот состанок на Европскиот совет.

Воедно, македонскиот претседател, како што јавува МИА, го запознал својот соговорник со актуелните состојби во Република Македонија и за можните решенија за излез од кризата и ги повтори добро познатите ставови - или да се отстранат пречките за мандат или да се одржат нови избори.

Премиерот Орбан нагласи дека Унгарија има цврст став против платформата и додаде дека стабилноста на ЕУ е невозможна без стабилноста на Република Македонија.

"Македонија ја има и ќе продолжи да ја има поддршката од Унгарија", рече унгарскиот премиер, запознавајќи го претседателот Иванов за неговиот став на Европскиот совет и немањето консензус во однос на прашањето за предизвиците со кои се соочува нашата држава.

Орбан нагласи дека ЕУ имаше погрешен пристап кон Република Македонија и додаде дека земјава одамна требаше да биде членка на ЕУ и НАТО.

Претседателот Иванов денеска оствари средба и со претседателот на Унгарија, Јанош Адер и со претседателот на унгарскиот Парламент Ласло Ковер.

XS
SM
MD
LG