Достапни линкови

Протести пред Апелација за Кочан


Архивска фотографија, Специјалните јавни обвинителки Фатиме Фетаи и Катица Јанева отворија истрага именува како Труст во која е осомничен Сеад Кочан

Демонстранти пред Апелациониот суд во Скопје се собраа на протест против притворот за Сеад Кочан. Се очекува денеска од овој суд да се произнесат по жалбата на одбраната на Кочан за мерката притвор, откако вчера беше оддржана јавна седница на која се расправаше за ова прашање. Вработени во компаниите на Кочан, пред судот извикуваат „Уа“ и “Нема да попуштиме“, „Слобода за Сеад“.

Полицијата со меѓународна потерница седум дена трага по Кочан кој е осомничен за злоупотреба на јавна набавка. Дел од медиумите повикувајќи се на извори од истрагата посочуваат дека Кочан ја напуштил земјата неколку часа пред да биде објавено во јавност решението за мерка притвор.

Кочан како сопственик на Фирмата „Трансмет“, заедно со раководителот на „Силекс неметали СТ“ и „Вато ДООЕЛ“ од Студеничани се осомничени во случајот „Труст“ на СЈО дека со фалсификувана документација добиле тендер од ЕЛЕМ од над 17 милиони евра во 2011 година за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Суводол. Истрагата на Специјалното јавно обвинителство е наречена „Труст“

Од ВМРО-ДПМНЕ мерката притвор ја оценија како притисок и можност за затворање на телевизијата и упатија предупредување до судиите.

„Секое незаконско работење ќе подлежи на одговорност и секој во оваа држава треба да е еднаков пред законите, вклучително и судиите. Евентуалното подлегнување на притисок или влијание врз судот во случајот со сопственикот на овој медиум нема да остане без реакција на ВМРО-ДПМНЕ“, се истакнува во соопштението.

Од СДСМ, пак, реагираат дека мора веднаш да престане со злоупотребата на луѓе за протести.

„Паднаа маските на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ. Соопштението во коешто ВМРО-ДПМНЕ го штити медиумскиот и бизнис партнер на Груевски, Сеад Кочан, потврдува дека се што прави оваа партија има единствена цел, заштита на нивните криминали и лично стекнатите богатства“, се вели во реакцијата на СДСМ.

XS
SM
MD
LG