Достапни линкови

Судот го испрати предметот за Кочан до Апелација


Специјалното јавно обвинителство испати одговор до Судот по жалбата на одбраната за мерката притвор за првоосомничениот Сеад Кочан во предметот „Труст“. Од Основниот суд Скопје 1 велат дека по добиен одговор предметот е испратен до Апелациониот суд. Инаку претходно одбраната на Кочан, адвокатот Никола Додевски обвинува дека незаконски пред правосилноста на решението за притвор, судот издал наредби за притворање и за издавање потерници против Кочан.

Тој денеска изјави дека е неважно каде е во моментов Кочан, ниту дали до сега контактирал со својот клиент.

„Тотално ирелевантно е каде е господинот Кочан. Тој си ги обавува своите работни активности како слободен граѓанин. Незаконски решението е направено извршно бидејќи ЗКП предвидува дека во оваа ситуација пред правосилност на решението не може да се преземе никакво дејствие, ниту за приведување, ниту за лишување од слобода. Сето тоа што кон Кочан се прави е базирано на таквата незаконитост, вели Додевски.

За Кочан е распишана и меѓународна потерница, а неговиот адвокат претходно изјави дека тој е на службено патување. Дел од медиумите повикувајќи се на извори од истрагата посочуваат дека Кочан ја напуштил земјата неколку часа пред да биде објавено во јавност решението за мерка притвор.

Кочан како сопственик на Фирмата „Трансмет“, заедно со раководителот на „Силекс неметали СТ“ и „Вато ДООЕЛ“ од Студеничани се осомничени во случајот „Труст“ на СЈО дека со фалсификувана документација добиле тендер од ЕЛЕМ од над 17 милиони евра во 2011 година за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Суводол. Претставници на овие три фирми се сомничат дека со тоа сториле злоупотреба на постапката за јавна набавка.

XS
SM
MD
LG