Достапни линкови

Новинарски здруженија ги осудуваат нападите врз новинарите


Советот за етика во медиумите на Македонија го осудува вчерашниот физички напад врз новинарот на телевизија 24, Христијан Баневски. Трендот на насилство и попречување на работата на новинарите и медиумските работници продолжува да биде сериозен проблем, a со тоа се потврдуваат тенденциозните обиди да се загрози слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана, се вели во писмената реакција.

Новинари на вчерашните протестина граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“се пожалија на физички и вербални напади. Поддржувач на иницијативата со знаме го удрил по глава новинарот на телевизија 24 Вести Баневски. Од Телевизија Телма се жалат дека на терен, за време на демонстрациите често наидуваат на вербални напади, навреди и пцости додека анкетираат учесници на протестот за нивните мотиви.

Осуди за таквите случувања пристигнаа и од новинарските здруженија во Македонија и во регионот, а за физичкиот напад врз новинарот на 24 Вести реагираше и Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги. Оттаму потенцираат дека нападот врз медиумските професионалци е напад врз демократијата и слободата на говорот.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани пак ги обвинува политичарите за нападите врз медиумите кои во изминатиов период зачестија. Тој вели дека недвосмисленото насилство врз новинарите е поврзано со жестоката политичка пресметка во Македонија.

Пред една недела на еден од протестите на граѓанската иницијатива „ За заедничка Македонија,“ беше физички нападната екипа на интернер порталот А1он, при што снимателот и новинарот завршија во клиника на лекување. Иницијаторите во неколку случаи се оградија од инцидентите.

Во меѓувреме регионалната мрежа за застапување за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, изразува полна солидарност и поддршка за новинарите и медиумските работници во Македонија кои се соочуваат со постојани притисоци, вклучувајќи и физички напади и закани со смрт, пренесува ЗНМ.

Во последните четири години во Македонија се регистрирани 44 напади против новинари, од кои само во последната година се случиле 19.

„Додека Европскиот суд за човекови права од Стрзбург утврди кршење на слободата на изразувањето во Македонија, македонските институции немаат казнето ниту еден напаѓач на новинарите“, истакна, претседател на ЗНМ, Селмани.

XS
SM
MD
LG