Достапни линкови

Заниер: Политичката криза не смее да се прелее во меѓуетнички тензии


Генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер на својот официјален твитер профил напиша дека неговата главна порака до министерот за надворешни работи Никола Попоски и до претседателот Ѓорге Иванов е дека кризата мора да се реши за доброто на граѓаните и дека не смее да се дозволи прелевање на проблемите во меѓуетнички тензии.

„Утрово се сретнав со претседателот и со министерот за надворешни работи. Мојата главна порака беше дека лидерите мора да се исправат пред предизвикот, да ги надминат партиските интереси и да ја решат политичката криза за доброто на сите граѓани. Не смее да се дозволи ова да се прелее во меѓуетнички тензии!, “ напиша Заниер.

Тој по завршување на денешната посета во Македонија, забележа дека резултатите од декемвриските избори во 2016 година овозможија солидна основа за формирање влада и го повика Собранието да започне со работа, согласно демократските принципи и владеењето на правото.

„Надминувањето на политичката пат-позиција и враќањето на политичката стабилност мора да бидат највисок приоритет. Клучот за решението лежи во рацете на политичките актери кои треба да се справат со предизвикот и да ја решат кризата за доброто на сите граѓани, вели Заниер.

Тој претходно напиша дека на претседателот Иванов му ја нагласил својата „загриженост за политичкиот ќор-сокак“ и дека „вперувањето со прст во меѓуетничките прашања е опасно и контрапродуктивно“.

Заниер кој е во дводневна посета на земјава, се сретна со претседателот Иванов, шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, како и со лидерите на парламентарните политички партиии. Тој стакна дека е загрижен и од притисокот врз граѓанскиот сектор, чија улога како што вели е „клучна во демократските процеси“.

XS
SM
MD
LG