Достапни линкови

Хаотичен крај на доделувањето на Оскарите


Филмската академија ги додели Оскарите, највиското призние во филмската индустрија во светот. На 89 церемонија одржана во Холивуд чиј домаќин беше комичарот Џими Кимел за најдобар филм беше прогласен „Месечева светлина“, додека Оскар за најдобри главни улоги добија Ема Стоун и Кејси Афлек.

Филмската драма „Месечева светлина“ го доби Оскарот пред „Ла ла ленд“ во едно од најконтроверзните завршувања на доделувањето на овие награди.

На сцената настана хаос кога презентерката Феј Данавеј погрешно објави дека „Ла ла ленд“ ја освои наградата за најдобар филм.

Откако екипата ја прими наградата беше објавено дека наградата всушност ја доби филмот „Месечвата светлина“ по што екипата на овој филм се качи на сцената.

Пред ваквиот хаотичен крај, церeмонијата се одвиваше без проблеми, иако низ целото нејзино траење имаше политички изјави главно против имиграциска политика на претседателот на САД Доналд Трамп.

Ема Стоун го доби нејзиниот прв Оскар за улогата во романтичниот мјузикл „Ла ла ленд“ во кој глуми актерка која се вљубува во џез музичар кој го игра Рајан Гослинг.

Нејзини главни конкурентки беа Натали Портман и Мерил Стрип кои веќе се носителки на Оскар.

Демиен Шазел, најмлад добитник на Оскар за режија
Демиен Шазел, најмлад добитник на Оскар за режија

Режисерот на „Ла ла ленд“ Демиен Шазел стана најмлад добитник на Оскар.

32 годишниот Шазел изјави дека му биле потребни шест години да најде студио кое ќе го финасира неговиот филм за кој го напишал и сценариото.

Оскар за најдобра машка улога доби Кејси Афлек за улогата на татко во семејната драма „Манчестер на море“.

Тоа е прв Оскар за 41 годишниот Афлек, помлад брат на познатиот актер и режисер Бен Афлек.

Иронично, оваа улога првобитно му беше понудена на Мет Дејмон, пријател од детството на Бен и Кејси, но тој поради други ангажмани се откажа од неа.

Филмот „Продавачот“ на иранскиот режисер Азгар Фархади доби Оскар за најдобар странски филм.

Фархади одби да присуствува на церемонијата на доделувањето на наградите во Лос Анџелес како протест на сега суспендираната наредба на претседателот Доналд Трамп за привремена забрана за влез во САД на граѓани од седум главно муслимански земји.

„Делењето на светот на „нас“ и „наши непријатели“ создава страв и лажно оправдување за агресија и војна“, се наведува во пораката прочитана во негово име. Фархади има добиено Оскар за најдобар странски филм и во 2012 година за филмот „Поделба“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG