Достапни линкови

Стрес тактика како партиски маркетинг


Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ
Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ иако имаа 20 дена до последен момент од истекот на рокот ја држеа јавноста во неизвесност од тактични причини и поради маркетинг, оценуваат дел аналитичари.

По 20 дена со мандатот во раце, за владата се решаваше доцна синоќа, во последните часови пред истекот на рокот, затоа што тоа беше тактика на партиите, велат дел експерти.

Според Никола Дујовски, професор на Универзитетот Свети Климент Охридски, тактиката на поранешниот мандатар Никола Груевски била, како што вели, работите да се одолговлекуваат до последниот момент.

„Веројатно тоа беше така за да не се остави доволно простор за дополнителни притисоци кои можеби би доаѓале од граѓаните, надворешниот фактор итн. Мислам дека тоа беше нивната политика“, оценува Дујовски.

Но, во последниве денови стигнуваа различни неофицијални брифинзи, а најчести беа оние кои упатуваа на тоа дека ќе се возобнови старо-новата коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Дури неофицијално се прецизираа и часови кога ќе се објави коалицијата, која како што се брифираше, би се основала на понудата од ВМРО-ДПМНЕ за проширена употреба на јазиците во согласност со законот за јазици и повеќе министерски позиции.

Седница на Централното претседателство на ДУИ.
Седница на Централното претседателство на ДУИ.

На Али Ахмети му требаше изговор зошто ќе ја одбие коалицијата со Груевски и го најде во другите два потписници на платформата, Алијанса за Албанците и Беса, оценува политичкиот аналитичар Алајдин Демири. Според него, другите два фактора вклучени во платформата се посочуваат како кочничари на повторната влада со ВМРО-ДПМНЕ, а во меѓувреме двете страни си правеле маркетинг пред своето гласачко тело.

„Од друга страна тој ќе чека сега да се реализира обидот повторно мандатот да му се даде на ВМРО-ДПМНЕ, но со друг мандатар. Со тоа на одреден начин ќе го избегне Груевски и неговата екипа и да каже ете ова ВМРО-ДПМНЕ е поинакво, ние можеме да коалицираме, а виновник беше Груевски“, вели Демири.

Во соопштението што ВМРО-ДПМНЕ го испрати две минути пред полноќ, пак, веднаш по изјавата на портпаролот на ДУИ дека не донеле одлука за коалицирање, наведува дека одржувањето на нови избори е зрело решение.

„Воопшто не мислам дека е време за нови избори. Напротив, не се исцрпени ниту уставните ниту законските можности за формирање влада. Тоа што една партија не успеала да состави мнозинство не значи дека други нема да можат“, вели Дујовски.

За евентуалните нови избори отворено е и прашањето како и кој ќе ги организира. Имено од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека остануваат на своите принципиелни позиции од прогласот усвоен на 17 декември 2016-та година. Во него се наведуваше дека тие нема да дозволат понатамошно мешање на амбасадори и дека го напуштаат форматот на состаноци и преговори со други политички партии во кои учествуваат амбасадори, посредници или преставници на други држави. Преку таквите формати дојде и до пржинската влада што ги организираше изборите, па се отворат дилемите кој би ги организирал новите избори сега. Аналитичарите сметаат дека тие воопшто нема да значат излез од кризата, туку можеби и генерирање нова.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG