Достапни линкови

Доналд Трамп, од бизнисмен до претседател на САД


Доналд Трамп, бизнисмен кој стана претседател на САД
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:14 0:00

Доналд Трамп, бизнисмен кој стана претседател на САД

Доналд Трамп денеска станува 45 претседател на Соединетите Држави. 70-годишниот републиканец влегува во Белата куќа по неговата долга и богата бизнис кариера.

Доналд Џон Трамп е роден во богато семејство во Њујорк во јуни 1946 година. Неговиот татко Фред беше успешен инвеститор на недвижности, а Доналд ги следеше неговите чекори.

Користејќи милиони долари, позајмени од неговиот татко, Трамп изгради бизнис империја за која вели дека вреди милијарди, со луксузни хотели, казина и голф терени.

Во двете книги „Уметноста на договорот“ и „Уметноста на враќањето“ тој ја истакнува својата бизнис филозофија. Првиот чекор кон успехот е, како што вели, „Мисли на големо“.

„Ја напишав навистина како бизнис книга, но има во неа многу лично, многу односи и бизнис книгата е како да се стане успешен, како да се рекламира и мислам дека луѓето навистина сакаат да ја читаат“, вели Трамп.

Книгите беа бестселери и помогнаа Трамп да стане уште попознато име.

Таблоидите, пак, ги покриваа неговите бракови со неколку моделки. Најпрвин Ивана Зелничкова, потоа Марла Мејплс и сегашната негова сопруга Меланија Кнаус.

Избраниот претседател на САД Доналд Трамп, Вашингтон, 19.01.2017.
Избраниот претседател на САД Доналд Трамп, Вашингтон, 19.01.2017.

И самиот Трамп стана теве ѕвезда со неговото риалити шоу „Чирак“ во кое учесниците се натпреваруваа да работат кај него.

„Јас немам никакви фаворити. Мислите дека ќе ви кажам? Вие сте паметно момче исто така. Ние двајцата сме паметни. Какво прашање е тоа?“

Но, не се што допре стана злато. Три од неговите казина во Атлантик Сити декларираа банкрот во деведесетите години. Уште три негови бизнис зделки исто така до 2009 година. Но, тој секогаш успеваше да се врати.

И тогаш во 2015 година, кулата Трамп беше местото каде што тој го започна неговиот последен триумф.

Тој објави дека ќе се трка за претседател на САД, и излезе на насловните страници со неговиот радикален предлог за запирање на илегалната миграција од Мексико.

„Ќе изградам голем, голем ѕид на нашата јужна граница и ќе сторам Мексико да плати за тој ѕид. Запамтете ги моите зборови“, рече тој.

Реториката на Трамп доведе до гневни протести на изборните митинзи. Тој зборуваше за „мексикански силувачи“ и шверцери со дрога, ветувајќи дека ќе ги протера недокументираните имигранти.

Тој исто така вети дека времено ќе забрани влез на муслимани во Америка како заштита од тероризмот, ветување кое потоа го преиначи. Но, веројатно најголемата контроверзност допрва дојде.

„Вашингтон Пост“ објави видео на кое Трамп зборува за жените што предизвика големи реакции.

„Знаете мене автоматски ме привлекуваат убавици. Јас почнувам да ги бакнувам. Тоа е како магнет. Само бакнување. Јас ниту чекам за тоа“.

Во ТВ дебатата што следуваше, Трамп го минимизираше случајот.

„Тоа беше разговор од соблекувална. Не сум горд за тоа“.

Веднаш потоа, извесен број жени се пожалија дека Трамп ги допирал. Тој ги отфрли како неточни.

И покрај пречките од лошите наслови Трамп ги измами анкетите и триумфира на денот на изборите.

„Работејќи заедно ќе започнеме ургентна задача за обнова на нашата земја и на американскиот сон“.

Но, почнаа да се појавуваат нови контроверзи. Американските разузнавачки служби ја обвинија Русија дека ги хакирала опонентите на Трамп, односно демократите, со цел да влијае врз изборите.

„Мислам дека тоа е срамно, и велам дека тоа е нешто што нацистичка Германија би го направила и го направи тоа“.

Трамп ја отфрли и идејата дека бил заљубен или потчинет на рускиот претседател Владимир Путин.

„Ако на Путин му се допаѓа Доналд Трамп, погодете, тоа се нарекува предност, не пречка. Сега, не знам како ќе се согласувам со Владимир Путин. Се надевам на тоа, но има добри шанси и да не биде така“.

За време на транзицијата дневните твитови на Трамп на светот му назначија какво ќе биде неговото претседателствување.

Тој предизвика непријатност во Пекинг критикувајќи го кинеското воено присуство во Јужното Кинеско море. И ја повтори острата критика за нуклеарниот договор со Иран.

Тој најави дека ќе продолжи да твитува, но сега светот ќе биде во можност да го оценува Трамп за неговите акции, а не за неговите зборови.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG