Достапни линкови

Дали ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ „играат“ на нови избори?


Лидерите на ДУИ и на ВМРО ДПМНЕ, Али Ахмети и Никола Груевски.
Лидерите на ДУИ и на ВМРО ДПМНЕ, Али Ахмети и Никола Груевски.

ОД ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека нема да дозволат промена на Уставот, со цел двојазичност на целата територија и продолжување на мандатот на СЈО, кои се условите на ДУИ од кои како што порачаа, партијата нема да отстапи.

ВМРО- ДПМНЕ нема да преговара со ДУИ за формирање на нова влада, бидејќи за партијата не се прифатливи условите на нивниот досегашен коалиционен партнер. Тоа може да се заклучи од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, во кое наведуваат дека не се согласуваат и нема да дозволат промена на Уставот, со цел двојазичност на целата територија и продолжување на мандатот на СЈО.

„Независно на исходот околу составување влада во следниот период, независно дали ќе се формира нова влада и кој ќе ја формира, што и да се случи, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ нема да преговара ниту пак ќе дозволи промена на уставниот поредок со цел двојазичност на целата територија и продолжување на мандатот на СЈО“, е наведено во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓу условите на ДУИ од кои нема да отстапат се токму рамноправна употреба на албанскиот јазик и да му се овозможи на СЈО да продолжи со работа, како и интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО.

Од ДУИ реагираа дека употребата на албанскиот јазик во согласност со Охридскиот Договор и Уставот, еднакво со македонскиот јазик, го прави општеството посилно, пообединето и постабилно. Од партијата порачуваат и дека од почетокот на политичката криза во земјата, инсистирале на целосно обелоденување на скандалот со масовното и незаконско прислушување и преземање на одговорност.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека СЈО не е независно и непристрасно и нема никаква врска ни со правото ни со правдата.

„СЈО е инструмент за продолжување на кризата и држење на Македонија во заложништво, и затоа ние никогаш нема да се согласиме Македонија да продолжи да се држи во заложништво и да постои инструмент за дисциплинирање на секој оној кој се бори за заштита на националните и државните интереси. Не дозволувањето за продолжување на мандатот на СЈО не е страв, туку храброст и пркос“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Политичкиот аналитичар Џељал Незири смета дека токму условот за СЈО е обид за алиби на ДУИ да не коалицира со ВМРО-ДПМНЕ и таков, според него ќе биде исходот. Ќе треба да се почека да заврши крајниот рок за формирање на влада за потоа да се даде мандатот на СДСМ. Но, Незири не ја исклучува веројатноста ДУИ да не се договори и со СДСМ.

„Така што ДУИ може да одбие коалицирање и со СДСМ со тоа што земјата би отишла на нови избори, а тие нови избори како што сите знаеме би одговарале на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ секако, бидејќи на тој начин повторно би се поставиле како главни политички фактори во Македонија“, смета Незири.

Само ДУИ од партиите од албанскиот блок изрази подготвеност да разговара со ВМРО-ДПМНЕ, која го има мандатот за формирањето на нова влада, а рокот истекува на крајот од месецов.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG