Достапни линкови

Вести

ДИК: По прегласувањето во Теарце нема промени во мандатите

Државната изборна комисија
Државната изборна комисија

Државната изборна комисија на полноќ ги соопшти првичните резултати од прегласувањето на избирачкото место 2011 во Теарце, според кои, нема промена во освоените пратенички мандати во шестата изборна единица. Како што информира на прес-конференцијата претседателот на ДИК Александар Чичаковски бројот на пратенички мандати на предвремените парламентарни избори останува непроменет, ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеник, СДСМ 49, ДУИ 10, БЕСА 5, Алијансата за Албанците 3 и ДПА 2. Чичаковски соопшти дека доколку нема приговори за прегласувањето сите избрани пратеници до 28 декември ќе ги добијат уверенијата. „ДИК за изборните единции каде што резултатите од изборите се конечни ќе ги издаде уверенијата најдоцна до среда, на 28 декември. Евентуално ако немаме приговори и во однос на прегласувањето на истиот ден ќе бидат издадени и уверенијата за ИЕ 6, освен за двата пратеника за кои влијае распределбата на мандатите доколку има приговор за нив“, истакна претседателот на ДИК. Тој додаде дека прегласувањето поминало мирно и во фер атмосфера. На прегласувањето на избирачкото место 2011 во Теарце од запишани 714 гласачи во Избирачкиот список гласале 402, односно излезеноста е 56,30 проценти. Според податоците на Државната изборна комисија, за Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ гласале 149 граѓани, за СДСМ и Коалицијата 245, ДУИ, ДПА и Алијансата за Албанците освоиле по 1 глас, а ВМРО за Македонија 2 гласа. Коалиција за промени и правда, БЕСА и ПДП не освоиле ниту еден глас.

види ги сите денешни вести

Мицкоски најави коалиција со „Вреди“, продолжува кампањата за изборите на 8 мај

Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ
Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Идната коалиција во Македонија ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, а во нејзе ќе биде коалицијата која на овие избори настапи под името „Вреди“, изјави денеска, 28 април, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање на настан при увид на градежни активности во општина Аеродром.

„Треба да се почитува волјата на граѓаните. Ако го анализирате изборниот резултат, ќе дојдете до следниот заклучок, дека владините кандидати Стево Пендаровски и Бујар Османи освоија вкупно 300,000 гласа. Ако го гледате резултатот кој го одлучија граѓаните, а тоа е резултатот на Гордана Силјановска Давкова идниот претседател и градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари тоа е близу 450,000 гласа што значи за еден и пол пати повеќе“, истакна Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изјави и дека во вториот круг од претседателските избори ВМРО-ДПМНЕ ќе очекува поддршка и од гласачите на ЗНАМ, кои во првиот круг го поддржаа нивниот кандидат за претседател Максим Димитриевски.

Сепак одговарајќи денеска на новинарско прашање на денешната пресконференција во Чаир, еден од лидерите на коалицијата на албанските опозициски партии - „Вреди“, претседателот на Демократско движење, Изет Меџити, истакна дека услов за коалицирање со која било партија се прифаќање на уставните измени и спроведување на нивната предизборна кампања.

Меџити рече и дека според него мандатар на новата влада ќе биде ВМРО-ДПМНЕ, а посочи и дека ДУИ сакале да бидат дел од таа власт, но „сите бегаат од нив“.

„ Од ДУИ бега и ВМРО-ДПМНЕ, од ДУИ бега и Максим Димитриевски, не сака Влада со нив, на ДУИ и екс-премиерот Ковачевски им е налутен оти некоректно играа и со него. Значи и Социјалдемократскиот сојуз не сака со ДУИ. По се изгледа, ДУИ ќе остане во опозиција со Левица“, истакна Меџити на денешната пресконференција.

Инаку денеска продолжија и партиските активности во рамките на предизборната кампања за двојните избори на 8 мај, па така претседателот Стево Пендаровски одржува средби со жителите во Велебрдо и општина Аеродром, а професорката Гордана Сиљановска-Давкова ја презентира својата програма пред граѓаните во Могила, Ресен Демир Хисар и Битола.

Претседателот на Движењето ЗНАМ - За наша Македонија, Максим Димитриевски, ќе оствари средби со граѓаните на Крушево, Кичево, Струга и Охрид, додека, во Штип на народен собир ќе се обрати претседателот на Левица, Димитар Апасиев.

Али Ахмети денеска е во Струга и Дебар, додека Изет Меџити во рамките на кампањата денеска беше во посета на Чаир.

Предизборната кампања веќе влезе во својата втора половина, а граѓаните на 8 мај за првпат ќе имаат прилика да гласаат на двојни избори во ист ден.

Москва тврди дека презела контрола врз село во источна Украина

Еден човек стои покрај куќите уништени од артилериски оган и воздушни напади во селото Очеретине, во близина на градот Авдијивка во регионот Доњецк, на 15 април 2024 година, среде руската инвазија на Украина. Илустративна фотографија
Еден човек стои покрај куќите уништени од артилериски оган и воздушни напади во селото Очеретине, во близина на градот Авдијивка во регионот Доњецк, на 15 април 2024 година, среде руската инвазија на Украина. Илустративна фотографија

На 28 април руското Министерство за одбрана објави дека нејзините сили презеле контрола врз уште едно село во источна Украина.

„Како резултат на активните операции, единицата „Центар“ го ослободи селото Новобахмутивка во Доњецката Народна Република“, соопшти руското Министерство за одбрана на дневниот брифинг од бојното поле.

Селото е на околу 10 километри северно од Авдиевка, која руските сили ја зазедоа во февруари по една од најкрвавите битки во двегодишниот конфликт.

Москва еден ден претходно објави дека нејзините војници околу Доњецк успеале да навлезат „длабоко“ во украинските одбранбени линии.

Украинските воени лидери претходно признаа дека Русија имала некои „тактички успеси“ во областа и дека нејзините позиции се влошени.

Шефот на украинската разузнавачка служба во Министерството за одбрана, Кирило Буданов, овој месец изјави дека ситуацијата на бојното поле за Украина најверојатно ќе се влоши од средината на мај до почетокот на јуни.

Киев чека помош од милијарди долари американско оружје, за кое се надева дека ќе ја стабилизира состојбата на главните линии на фронтот.

Приведен уште еден руски новинар поради наводна соработка со тимот на Навални

Портрет на покојниот руски опозициски лидер Алексеј Навални, кој почина во руски арктички затвор на 20 февруари 2024 година. (Илустративна фотографија).
Портрет на покојниот руски опозициски лидер Алексеј Навални, кој почина во руски арктички затвор на 20 февруари 2024 година. (Илустративна фотографија).

Уште еден руски новинар беше приведен во Русија за „екстремизам“, а обвинет е и за снимање видео материјал за тимот на покојниот дисидент Алексеј Навални, објави на 28 април меѓународната новинска агенција Асошиејтед прес (АП).

Сергеј Карелин, кој работеше за АП, е вториот новинар уапсен поради ваквите наводи по приведувањето на Константин Габов, кој повремено работеше за новинската агенција Ројтерс и беше уапсен на 27 април.

„Асошиетед прес се многу загрижени поради приведувањето на рускиот новинар Сергеј Карелин“, изјави агенцијата за АФП, додавајќи дека бараат дополнителни информации за неговото апсење.

Габов, кој, според пишувањата на медиумите, работел и за руските телевизиски канали Москва 24 и МИР, како и за белоруската новинска агенција Белсат, ќе остане во притвор најмалку до 27 јуни, соопшти прес-службата на судот на Телеграм.

Карелин и Габов се обвинети дека помогнале во подготовка на видеа за објавување на каналот на Навални на Јутјуб, платформа што ја користи тимотна покојниот руски опозиционер, соопштија судовите.

Навални, најистакнатиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин, почина под сомнителни околности во затвор на Арктикот во февруари.

Неговото движење е означено како „екстремистичко“ во Русија, што ги изложува неговите поддржувачи и соработници на кривично гонење.

Повеќето сојузници на Навални се во егзил или отслужуваат долги затворски казни.

Руските власти го засилија притисокот врз независните и странските медиуми во последниве месеци во заеднички напори да ги замолчат гласовите на дисидентите по офанзивата врз Украина.

Во март, фотографката Антонина Кравцова беше обвинета и за „екстремизам“ откако таа често известуваше за судењата на Навални за SOTAvision, една од ретките медиумски организации кои документираат политички конфронтации во Русија и властите ја сметаат за „странски агент“.

Сергеј Мингазов, руски новинар кој работи за руската верзија на Форбс, беше приведен на 26 април и обвинет за ширење „лажни информации“ за воени злоупотреби во Украина.

Меѓу другите затворени новинари е и новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович, кој се соочува со обвинувања за шпионажа кои тој и американските власти ги негираат.

Руско-американската новинарка Алсу Курмашева, која работи за Радио Слободна Европа, исто така е зад решетки од октомври бидејќи, според руските власти, не се пријавила како „странски агент“.

Таа отпатува во Русија поради итна семејна ситуација во мај минатата година.

Дипломатски реакции од Западот за новиот закон против ЛГБТ лицата во Ирак

Месечината зад ирачкото знаме во центарот на Багдад, Ирак, на 5 април 2023 година. (Илустративна фотографија)
Месечината зад ирачкото знаме во центарот на Багдад, Ирак, на 5 април 2023 година. (Илустративна фотографија)

Групите за човекови права и дипломатите го критикуваа законот усвоен од ирачкиот парламент за време на викендот, со кој ќе се наметнат строги затворски казни за геј и трансродовите лица.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер во својата изјава предупреди дека законот донесен на 27 април „ги загрозува најранливите во ирачкото општество“ и „може да се користи за да се попречи слободата на говор и изразување“.

Тој предупреди дека законот може да ги обесхрабри странските инвестиции.

„Меѓународните деловни коалиции веќе укажаа дека таквата дискриминација во Ирак ќе му наштети на бизнисот и економскиот раст на земјата“, се вели во соопштението.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон го нарече законот „опасен и загрижувачки“.

Иако хомосексуалноста е табу во претежно конзервативното ирачко општество, а политичките лидери повремено започнуваат кампањи против ЛГБТ лицата, Ирак претходно немаше закон со кој експлицитно се криминализира.

Законот е донесен без најава како измена на постоечкиот закон против проституција во земјава.

Казна од 10 до 15 години е пропишана за истополови односи и затвор од една до три години за лица кои вршат операции за промена на полот и за „намерно практикување женственост“.

Што се случува на ЛГБТ „терапијата за конверзија“ во Русија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:11 0:00

Исто така, се забранува секоја организација која промовира „сексуална девијација“ со изрекување казна од најмалку седум години затвор, како и парична казна од најмалку 7.600 долари.

Претходниот предлог-закон против проституција, кој на крајот не беше усвоен, предвидуваше смртна казна за истополовите врски.

Ирачките власти го бранеа законот и ги прикажаа критиките за него како мешање на Западот.

Вршителот на должноста претседател на ирачкиот парламент Мохсен Ал-Мандалави, рече дека гласањето е „неопходен чекор за заштита на вредносната структура на општеството“ и за „заштита на децата од повиците за морална изопаченост и хомосексуалност“.

Раша Џунс, постар истражувач во програмата за ЛГБТ права на Хјуман Рајтс Воч, рече дека усвојувањето на законот „го потврдува ужасното досие на Ирак за прекршување на правата на ЛГБТ заедницата и претставува сериозен удар врз основните човекови права, вклучувајќи го правото на слобода на изразување и здружување, приватност, еднаквост и недискриминација“.

Во извештајот објавен од оваа организација во 2022 година, вооружените групи во Ирак беа обвинети за киднапирање, силување, мачење и убивање на лезбејки, хомосексуалци, бисексуалци и трансродови лица, а ирачката влада не ги повика сторителите на одговорност.

Русија му се заканува на Западот со „остар“ одговор доколку се запленат замрзнатите руски средства

Поглед кон седиштето на руското Министерство за надворешни работи, кулата Кремљ и други згради за време на зајдисонце во Москва, Русија, на 29 септември 2022 година.
Поглед кон седиштето на руското Министерство за надворешни работи, кулата Кремљ и други згради за време на зајдисонце во Москва, Русија, на 29 септември 2022 година.

На 28 април, руските власти му се заканија на Западот со „остар“ одговор доколку бидат запленети замрзнатите руски средства. Рускиот државен врв констатирал дека Западот го чекаат „бескрајни“ правни предизвици и реципрочни мерки.

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес во април усвои закон со кој се дозволува администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да ги заплени руските средства во американските банки и да ги пренесе во Украина.

Групата Г7 со земји претставници на големи демократии, исто така, размислува што би можела да направи за замрзнатите руски средства.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Русија никогаш нема да ги отстапи териториите одземени од Украина во замена за враќање на замрзнатите средства.

„Нашата татковина не е на продажба“, напиша Захарова на Телеграм.

„Руските средства мора да останат недопрени бидејќи во спротивно ќе има силен одговор на оваа западна кражба. Многумина на Запад веќе го сфатија тоа. За жал, не сите“, стои во нејзината објава.

Како одговор на руската војна во Украина, САД и нивните партнери ги забранија трансакциите со руската централна банка и Министерството за финансии и замрзнаа околу 300 милијарди долари руски средства на Запад.

Повеќето од тие средства се во европски, а не американски финансиски институции.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во посебен коментар рече дека во Русија се уште има многу западни пари кои би можеле да бидат цел на контрамерките на Москва.

„Просторот за правни предизвици против конфискацијата на руските средства ќе биде широко отворен“, рече тој, додавајќи дека Русија ќе го искористи тоа.

Рускиот функционер Дмитриј Медведев на 27 април истакна дека Русија може да одговори на американската конфискација на нејзините девизни резерви замрзнати на Запад со запленување на имот и пари на американски граѓани и инвеститори во Русија.

Француски официјален претставник на разговори во Либан за спречување на војна меѓу Хезболах и Израел

Чад се издигнува за време на израелското бомбардирање на селото Алма ал-Шаб во јужен Либан на 25 април 2024 година, во услови на тековни прекугранични тензии меѓу Израел и палестинските милитанти Хамас во Појасот Газа.
Чад се издигнува за време на израелското бомбардирање на селото Алма ал-Шаб во јужен Либан на 25 април 2024 година, во услови на тековни прекугранични тензии меѓу Израел и палестинските милитанти Хамас во Појасот Газа.

Францускиот министер за надворешни работи на 28 април рече дека ќе разговара со либанските претставници за предлозите кои имаат за цел да ги смират тензиите меѓу Хезболах и Израел и да спречат избувнување на војна.

Франција има историски врски со Либан, а претходно оваа година министерот за надворешни работи Стефан Сежурне предложи Хезболах да се повлече 10 километри од израелската граница, додека Израел да ги запре нападите во јужен Либан.

Предлогот беше дискутиран со партнерите, вклучително и САД, поради израелските закани за воена операција во јужен Либан.

Израел и Хезболах извршуваат напади во последниве месеци, а тензиите се зголемија кога Иран истрела проектили врз Израел како одговор на убиството на припадникот на силите Кудс на иранската револуционерна гарда во сирискиот главен град Дамаск.

Повеќе израелски напади беа извршени во јужен Либан во текот на ноќта во близина на мировните сили на Обединетите нации, според информации на воени претставници, и тоа само неколку часа пред Сежурне да го посети своето седиште во Накура.

„Ако ја погледнам состојбата денеска, ако немаше војна во Газа, би можеле да зборуваме за војна во јужен Либан со оглед на бројот на напади и влијанието врз таа област“, рече Сежурне по разговорите со УНИФИЛ (Силите на Обединетите нации во Либан).

„Ќе пренесам пораки и ќе дадам предлози до локалните власти за стабилизирање на оваа зона и избегнување војна“, рече тој.

Мировната мисија на ОН позната како УНИФИЛ, како и невооружените технички набљудувачи познати како УНТСО, се стационирани во јужен Либан за да ги надгледуваат непријателствата долж демаркационата линија меѓу Либан и Израел, позната како Сина линија.

Франција има 700 војници кои се дел од 10.000-члениот УНИФИЛ.

Хезболах соопшти дека нема да влезе во конкретни дискусии додека не дојде до прекин на огнот во Газа, каде што војната меѓу Израел и исламистичката милитантна група Хамас влезе во шестиот месец.

Израел соопшти дека сака да го врати мирот на својата северна граница за да можат илјадници раселени Израелци да се вратат во областа без страв од ракетни напади.

Во писмото испратено до француската амбасада во Бејрут во март, либанското Министерство за надворешни работи рече дека Бејрут верува оти француската иницијатива ќе биде значаен чекор кон мирот и безбедноста во Либан и поширокиот регион.

Локалните либански медиуми објавија дека владата им дала повратна информација на Французите за предлогот, но француските власти велат дека досега одговорите биле општи и дека нема консензус меѓу Либанците.

Израел, каде што Сежурне ќе патува подоцна оваа недела, остана внимателен на француската иницијатива.

Француски и официјални претставници на ОН велат дека војниците не можат целосно да го извршат својот мандат поради кршење на правата на двете страни.

Во Куманово откриен мурал со ликот на Бобан Трајковски, еден од загинатите бранители кај Вејце

Мурал со ликот на Бобан Трајковски - еден од загинатите бранители кај Вејце
Мурал со ликот на Бобан Трајковски - еден од загинатите бранители кај Вејце

Мурал посветен на Бобан Трајковски, еден од загинатите припадници на безбедносните сили во настаните кај Вејце во 2001 година денеска, 28 април, беше откриен во Куманово.

Трајковски беше еден од осумте припадници на македонските безбедносни сили кои загинаа на денешен ден во 2001 година.

Денеска во Куманово пак беше организиран настан за откривање на муралот на Трајковски и оддавање почит на другите загинати борци.

„Во 2001 година се случи еден настан во текот на борбените дејства при одбрана на државата каде што загинаа осум припадници на безбедносните сили, четворица од армијата, од специјалната единица „Волци“ меѓу кои и Трајковски Бобан-Другарчики“, изјави од Антонио Станковски, од здружението „СИЛА“, организатор на денешниот настан во Куманово.

Муралот го изработија уметниците од „Форма“ кои се сограѓани на кумановецот Трајковски. Од здружението се надеваат дека општината ќе се именува улица или друг објект во чест на припадникот на безбедносните сили кој го даде животот за државата.

Покрај членови на семејството на Трајковски, на настанот во Куманово присуствуваа и негови членови на семејството, колеги, припадници на безбедносните сили и други кумановци.

На 28 април 2001 година, во 17:45 часот, се случи масакрот во Вејце, кога осум припадници на специјалната единица Волци и полицајци од посебната единица беа начекани во подмолна заседа и беа убиени.

Тој дена беа убиени Роберт Петковски (27), Игор Костески (26), Миле Јаневски (30), Бобан Трајковски (28), Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24), Бошко Најдовски (25) и Кире Костадиновски (24).

Илон Маск во посета на Пекинг

Главниот извршен директор на Тесла, Илон Маск, влегува во автомобил Тесла додека излегува од хотел во Пекинг, Кина на 31 мај 2023 година.
Главниот извршен директор на Тесла, Илон Маск, влегува во автомобил Тесла додека излегува од хотел во Пекинг, Кина на 31 мај 2023 година.

Извршниот директор на Тесла, Илон Маск, пристигна во Кина на 28 април, објавија кинеските државни медиуми.

Ова е второ патување на технолошкиот милијардер за помалку од една година на најголемиот светски пазар на електрични возила.

„На покана на Кинескиот совет за промоција на меѓународната трговија, извршниот директор на Тесла (САД) Илон Маск попладнево пристигна во Пекинг“, соопшти државната телевизија CCTV.

Државните медиуми објавија дека Маск се сретнал со Рен Хонгбин, шеф на Кинескиот совет за промоција на меѓународната трговија, „за да разговараат за следните чекори во соработката и за други теми“.

Маск има сериозни бизнис интереси во Кина, а неговата последна посета во оваа земја беше во јуни минатата година.

Маск е контроверзна личност на Запад, но во Кина електричните возила на Тесла станаа главен производ на урбаниот живот на средната класа.

Пристигнувањето на Маск во Кина се совпаѓа со жестоката ценовна војна меѓу компаниите кои очајно сакаат да напредуваат на висококонкурентниот пазар на електрични возила.

Посетата доаѓа и во време кога Пекинг е домаќин на голем саем за автомобили.

Локалниот кинески автомобилски гигант BID - „Build Your Dreams“ - го победи токму Тесла во четвртиот квартал минатата година и стана најпродавано електрично возило во светот.

Сепак, Тесла ја врати оваа титула во првиот квартал од оваа година, но BID останува цврсто на врвот на својот домашен пазар.

Русија продолжува со интензивните напади врз украинската енергетска инфраструктура

Последици од нападот на хотелот во Миколаев, Украина, 28 април, 2024 година.
Последици од нападот на хотелот во Миколаев, Украина, 28 април, 2024 година.

Русија се надоврза на вчерашниот масовниот напад врз украинската енергетска инфраструктура со нов напад денеска. Властите во јужниот регион Миколајев, денеска, 28 април, соопштија дека руските самоубиствени беспилотни летала ја погодиле „инфраструктурата што генерира топлина“ и сериозно оштетиле хотел во оваа област.

Сликите објавени на каналот на Телеграм на државната служба за вонредни состојби покажуваат остатоци од оштетување на зграда и детско игралиште.

Засега нема информации за жртви во овој напад.

Воздухопловните сили на Украина соопштија дека уништиле беспилотно летало лансирано од Русија над Миколајев, како и уште четири такви други летала ширум земјата.

Нападот дојде откако руските сили силно ја нападнаа украинската енергетска инфраструктура ноќта меѓу 26 и 27 април, при што најголемата приватна енергетска компанија во Украина соопшти дека биле погодени нејзините четири термоцентрали.

Во своето вечерно видео обраќање на 27 април, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека нападите врз клучната инфраструктура ја истакнале потребата за брза испорака на дополнително оружје за противвоздушна одбрана од западните сојузници.

Зеленски рече дека локациите кои снабдуваат природен гас за земјите од ЕУ намерно биле на мета на напад на Русија.

„Главната цел беше енергетскиот сектор, различни капацитети во индустријата, и електричната енергија и транзитните капацитети за гас. Особено гасните капацитети кои се клучни за обезбедување сигурна испорака до Европската Унија“, рече тој.

Во текот на изминатиот месец, руската војска го зголеми таргетирањето на украинската енергетска инфраструктура, напаѓајќи термо и хидроцентрали и друга енергетска инфраструктура речиси секој ден.

Украинските власти соопштија дека земјата изгубила околу 80 отсто од термалното производство и околу 35 отсто од капацитетот на хидроенергијата, што ја натера владата да воведе намерни прекини со електроснабдување во некои региони.

Нападната е и руската гасна и нафтена инфраструктура, вклучително и нафтена рафинерија во југозападниот регион Краснодар, која беше затворена на 27 април по сомнителен напад на украинско беспилотно летало.

Украина, која ретко коментира за таргетирање на руски локации, не ја презеде одговорноста за нападот.

Папата Франциск во посета на Венеција, се сретна со затвореници

Папата Франциск ја пренесува својата порака додека се среќава со млади луѓе пред црквата Санта Марија во Венеција, Италија, на 28 април, 2024 година.
Папата Франциск ја пренесува својата порака додека се среќава со млади луѓе пред црквата Санта Марија во Венеција, Италија, на 28 април, 2024 година.

Папата Франциск денеска, 28 април, се наоѓа во посета на Венеца, што претставува прво негово патување надвор од Рим во последните седум месеци.

Во Венеција, првата станица на папата беше женскиот затвор на островот Џудека, каде што беше подготвен влезот на Ватикан за овогодинешниот Биенален уметнички фестивал.

Во поранешниот манастир каде што сега се сместени долгогодишни затворенички, папата Франциск оствари средби со дел од од 80-те затворенички и ја посети изложбата.

„Затворот е сурова реалност, а проблемите како што се пренатрупаноста, недостатокот на капацитети и ресурси и епизодите на насилство предизвикуваат големо страдање“, рече тој, зборувајќи со затвореничките.

Ликовната изложба „Моите очи“ се занимава со секојдневниот живот на затворениците преку работата на 10 различни уметници.

„Тоа ќе биде историски момент бидејќи тој ќе биде првиот папа што ќе го посети биеналето во Венеција“, изјави претходно главниот кустос на изложбата, Хозе Толентино де Мендонка.

По посетата на затворот, папата одржа говор и се сретна со млади луѓе во базиликата Санта Марија дела Салуте, значајна црква на јужниот крај на Големиот канал.

Оттаму, предвидено е папата да се упати на плоштадот Свети Марко преку мост изграден од чамци и да ја предводи мисата.

Венецијанската епархија е една од најголемите во Италија, со 125 парохии и одржува блиски врски со папата. Тројца венецијански патријарси станаа папи во 20 век.

Посетата на Франциск доаѓа во истиот викенд кога Венеција воведува такси за влез за еднодневни патници, со цел да се намали напливот од туристи.

Како гостин, папата ќе биде ослободен од купување билет од пет евра, но аџиите кои ќе дојдат на неговата миса ќе треба да платат.

Посетата на папата е придружена со загриженост за неговото здравје, пренесува АФП. Поради компликации со бронхитисот, папата беше принуден да го откаже патувањето во Дубаи во декември, каде што требаше да учествува на разговорите за климата во Обединетите нации (ОН).

Папата Франциск, исто така, се повлече и од Велигденскиот настан во последен момент минатиот месец, откако неколку недели страдаше од она што Ватикан го нарече „лесен грип“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG