Достапни линкови

Во Теарце се прегласуваше


Избори во Теарце: Гласањето засега мирно
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:30 0:00

Жители на Теарце гласаат на изборите 2016.

Од 7 до 19 часот часот денеска беше отворено избирачкото место 2011 во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“. Право на глас имаа 714 жители.

Жителите на тетовско Теарце денеска повторно гласаа за предвремените парламентарни избори 2016.

Во Избирачкиот список на ова гласачко место 2011 се запишани вкупно 714 гласачи и ќе гласаат на истото гласачко ливче, односно кандидатските листи се потврдени и остануваат непроменети од гласањето на 11 декември, информира Државната изборна комисија (ДИК).

ДИК донесе одлука да се повтори гласањето на ова избирачко место врз основа на симулацијата со која се покажа дека прегласувањето може да влијае на бројот на освоени мандати, и врз основа на одлуката на Управниот суд да ја прифати тужбата на Коалицијата предводена од СДСМ и да донесе решение за поништување на гласањето на ова избирачко место.

Од ДИК велат дека гласањето во Теарце го следат сите што добиле акредитација за набљудувачи. Домашните невладини организации се на терен и будно ги следат активностите на партиите.

Невладината организација „Цивил“ информира дека на терен постојано работат нивни набљудувачи и секојдневно поднесуваат извештаи.

„Нашето набљудување е мобилно. Ќе имаме засилено набљудување на целиот терен“, изјави Џабир Дерала од „Цивил.“

Граѓанската асоцијација МОСТ исто така има свои набљудувачи на гласачкото место во Теарце, како и мобилни тимови.

Од прегласувањето во гласачкото место зависи која партија ќе освои повеќе мандати, а со тоа и можноста да формира влада.

Партијата ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да учествува на прегласувањето.

Прегласувањето ќе одлучи дали СДСМ ќе добие еден мандат на сметка на ВМРО-ДПМНЕ, или пак, соодносот на силите ќе остане 51-49 во корист на владејачката партија.

Ако СДСМ освои уште еден мандат со помош на гласовите во Теарце, двете партии ќе имаат по 50 мандати. Во тој случај претседателот на државата треба да одлучи кому ќе му го даде мандатот за формирање на нова Влада.

На гласачкото место 2011 во Теарце на 11 декември гласале 404 лица. ВМРО-ДПМНЕ освои 91, за СДСМ 87, за Беса 65, за ДПА 64, за ДУИ 53, за Алијанса за Албанците 25, а по еден глас добиле и КПК-Трет блок и ВМРО за Македонија.

Вкупниот број на неважечки ливчиња изнесувал 17, а разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во целата изборна единица шест изнесуваше 307 гласа.

Во Изборната единица 6 според првичните резултати на ДИК, најмногу гласови освои ДУИ 40.599, потоа следи ВМРО-ДПМНЕ со 26.135, СДСМ со 25.828, Беса со 25.054, Алијанса за Албанците 17.970, ДПА 16.225, ВМРО за Македонија 919 и Коалицијата за промени и правда - Трет блок 239.

Според добиените гласови, најмногу пратеници, односно 6 освои ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ 4, Беса 3, СДСМ 3, Алијанса за Албанците и ДПА 2.

Прегласувањето доаѓа како резултат на прифаќањето на тужбата на СДСМ од страна на Управниот суд на Република Македонија за поништување на гласањето на гласачкото место 2011 во Теарце и тужбата на ВМРО-ДПМНЕ против одлуката на ДИК да се поништи гласањето на избирачкото место 0396/1 во Гостивар.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG