Достапни линкови

Острата реторика е фолклор или страв од губење на власта


Поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ прославуваат победа по соопштувањето на прелиминарните резултати, 12 декември 2016.

ВМРО-ДПМНЕ се плаши од губење на власта, велат дел од аналитичарите. Други, пак, сметаат дека острата реторика е само дел од политичкиот фолклор.

Страв од промена на резултатите по поднесените приговори или пак од неможноста за составување на идна влада и со исти резултати, гледаат дел аналитичари во изјавата на Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ. Други, пак, посочуваат дека таа е вообичаена постизборна реторика.

„Си играат со трпението на трпелив човек. Си играат со гневот на трпелив човек“, рече Ѓорчев, порачувајќи му на претседателот на СДСМ Зоран Заев да не ја турка државата во сценарио што не е добро.

„ВМРО-ДПМНЕ сака да испрати порака дека влада без нив би била нестабилна и би предизвикала народ на улица. Заканата од ВМРО-ДПМНЕ треба да се сфати во контекст на сите можни комбинаторики кои по изборите почнаа да се прават“, вели аналитичарот Џељаљ Незири.

Но, според Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје на изјавата на Ѓорчев не треба да се гледа како на закана. Тој нагласува и дека таа следуваше по обраќањето на претседателот на СДСМ Зоран Заев кој им порача на сите партии што добија пратенички мандати, освен ВМРО-ДПМНЕ, да не помислуваат да ја погазат, волјата на мнозинството, а дека Груевски не смее да формира влада.

„Сега сè е некаков обид за суптилен притисок или обид да се претстави некој како победник, затоа што во случајов беа блиски двете партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и сега секој пред своето гласачко тело се обидува да се претстави како победник“, вели Божиновски.

Тој нагласува дека за сè треба да се почекаат конечните резултати од Државната изборна комисија, па да се види во која насока ќе се движат работите. Незири, пак, стравува дека во случај на поинакви резултати по поднесените приговори може да дојде до тензии.

„Во таков случај јас очекувам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да предизвика масовни протести, како што имаше, таканаречено, спонтано собирање пред канцелариите на ДИК, кога се пребројуваа резултатите. Тоа сценарио е можно и очекувам да се случи ако дојде до ревидирање на резултатите, пребројување или повторно гласање во некои избирачки места“, вели Незири.

Ѓорчев неколку пати ја нагласи победата на ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на народот кој немало да му дозволи на Заев да ја украде демократски изразената волја на граѓаните.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG