Достапни линкови

Да си ги измериме маските и лицемерието


Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика.

Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика.

Важни се само два моменти. Освестеноста на народот кој почна сè покритичен да биде и похрабар, и внимателноста на оној следен кој ќе дојде во фотелјата да не ги повторува истите практики како претходниот, пишува Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Кога би имало светски натпревар во гледање сеир, мислам дека Македонците би биле убедливо први. А, ако се додаде на тоа и бистрење политика, ќе станеме народ кој е генетски квалификуван за успешно водење на државни политики од удобните ни фотелји. Од објавувањето на бомбите до сега, едно од најслатките мезиња за гледање сеир беше интервјуто кое го даде Слободан Богоески на телевизија Телма. Не дека ни кажа нешто што не знаевме, туку храброста со која сето тоа го кажа, беше нешто што дополнително ги изиритира оние кои корења пуштија во фотелјите на Илинденска 2.

Американците имаат многу пластичен израз за таквите работи, а тој гласи: „The shit just hit the fan“. И тој шит не е единствениот, туку е само еден од почетоците на моментумот кој се вика разузнавачите почнаа да зборуваат, а костурите да излегуваат од орманите. За забавата да биде поголема, ни професорот Фрчкоски не издржа да не земе дел од вниманието со истрчана изјава дека во периодот кога бил министер за внатрешни работи му ги кинел пријавите за насилство на младиот и немирен Мијалков џуниор. Дали ако му ги процесуирал пријавите на џуниорот, денеска ќе бевме заложници на ментално лабилна личност? Комичноста на ситуацијата отиде во правец на негативна фалба која покажа ист степен на непотизам и врскаџиство кое не е далеку од актуелното, инсталирано од ДПМНЕ кое нема благе везе со историското ВМРО.

Така не функционира држава која претендира да биде дел од европското семејство, во најдобра верзија, само членка на некоја субсахарска африканска унија. А како стојат работите и ако се погледнат оние кои ги гледаме во првите борбени редови на СДСМ, имаме големи шанси да ни се повторат сценаријата. Никој, па дури ни Заев нема да може да ни гарантира дека во блиска иднина нема да ни се врати синот на Верушевски и пак да пали и гаси низ земјата, а можеби да биде наследник на џуниорот во блиска иднина.

Во сервирањето материјал за гледање сеир, ни ДПМНЕ не заостанува. Живо чудо е како никој не загинал во детското играње со големи коли на резервниот министер на далечинско управување Димчо Спасов. Погубни се комбинациите на детска неизживеаност со неограничен пристап до коли и пари, па уште и зачинети со паланечко влијание од ситните партиски душички. Флагрантно е одбивањето на ДПМНЕ да го натера да признае резервниот министер дека направил кривично дело, од страв да не почне панично да ги открива тајните на партијата. Вака поарно е да се лаже целата јавност во очи, отколку да се стави партијата во опасност детето неконтролирано да почне да кажува кој колку краде, како краде и каде одат парите. А за швалераите да не зборуваме, тие се дел од секоја висока државна функција.

За лицемерието да биде уште поголемо, во меѓувреме осуден е човек за кражба на неколку тегли ајвар. Сигурно бил од оној протизаконскиот ајвар, правен на улица, ама не успеале инспекторите да пишат казна. Осудуваат лица за украдени кебапчиња, продажба на коприви, а од друга страна дечиња со вишок тестостерон облечени во костуми го загрозуваат животот на секој граѓанин дење и ноќе без трунка срам, па уште одозгора и лажат.

Бастиља не паднала веднаш после првиот удар, туку долго опстојувала, но кога конечно паднала, со проеланата крв ја напишала француската историја во следните четири години. Ние имаме неколку Бастиљи во земјата, едни се партиски, други се институционални. Но лицемерието со кое функционираат и опстојуваат, зајакнато со насилство, не води никаде освен кон крв. Па после да не се чудиме кога ќе прочитаме во весник дека некој ја земал правдата во свои раце.

Кај нас нема маски, лицата се толку грди што не можат ни маски да ги скријат, реата од лицемерието е толку голема што ни скапи костуми и имислени сценарија не можат да ги покријат. Важни се само два моменти. Освестеноста на народот кој почна сè покритичен да биде и похрабар, и внимателноста на оној следен кој ќе дојде во фотелјата да не ги повторува истите практики како претходниот. Ние немаме Робеспјери, ама имаме долги раце. Само да не ни остане и краткиот памет.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG