Достапни линкови

Додовски: Моите клиенти се појавија во суд


Осомничените во предметот Трезор и денеска останаа енигма за јавноста. Адвокатот од одбраната Никола Додовски пред новинарите само кусо изјави дека неговите клиенти се појавиле пред судија,без при тоа да прецизира кои се неговите колеги што присуствувале во судските канцеларии, јавува порталот НОВА ТВ.

Обвинителот Артан Ајро кој е дел од тимот на Катица Јанева, не сакал да одговори на новинарски прашања поврзани со детали од распитот, ниту пак на прашања поврзани со последното барање на СЈО за изземање на судијата на претходна постапка кој ги разгледува мерките за претпазливост и притвор во предметот Трезор.

Се претпоставува дека дел од осомничените во предметот Трезор, денеска влегле во судот од споредните влезови кои се под силно полициско обезбедување поради судското рочиште за предметот „Диво Насеље“, а се недостапни за медиумите.

Дел од медиумите јавуваат дека на распит се појавиле поранешниот директорт на УБК Сашо Мијалков и поранешен началник на петта управа Горан Грујовски, кои накратко по доставеното барање за изземање го напуштиле распитот затоа што не била ни започната постапката. Оваа информација за сега не ја потврдуваат од Основниот суд Скопје 1.

Претходно, Специјалното јавно обвинителство побара изземање на судијата на претходна постапка кој треба да одлучува за мерките на претпазливост во предметот Трезор, соопшти Основниот суд Скопје 1. Во него е наведено дека со ова СЈО дополнително влијае на одолговлекување на постапките кои тие самите ги покренуваат до овој суд.

За случајот Трезор, СЈО бара од судот да одреди мерка притвор за еден осомничен поради опасност од бегство и постоење на основан страв дека може да влијае врз постапката како и дека може да го повтори делото. Дополнително бара и мерки за претпазливост за тројца осомничени, односно одземање на патните исправи.

Во овој случај се осомничени раководни лица од УБК и едно раководно лице во Министерсвото за внатрешни работи. Станува збор за истрага за економски криминал, односно за наводно испумпани над 800 илјади евра од буџетот во име на набавка на опрема за МВР.


XS
SM
MD
LG